На Меѓународната олимпијада по хемија (IChO) 2025, која се одржа во Дубаи, учествуваа повеќе од 90 земји, што е најголемо учество во историјата на врвното натпреварување. Во таква жестока конкуренција Македонија, која настапува од 2013 година, повторно стигна до два медали.
На пиедесталот се искачија Марио Ванчоски од гимназијата „Славчо Стојменски“ во Штип освојувајќи сребрен медал и Петар Мирчевски од прилепската гимназија „Мирче Ацев“. Нивните два медали се дел од колекцијата на Македонија од две сребра и 14 бронзи.
- Сребрениот медал ми е од големо значење затоа што е резултат на повеќегодишен труд и работа. Особено ми е драго што по три години учество на меѓународните олимпијади по хемија успеав да освојам сребрен медал. За Македонија, ова е втор сребрен медал на Интернационалната олимпијада по хемија, а воедно оваа година го имаме историски најголемиот успех на оваа олимпијада. Радува фактот што секоја година сме сѐ подобри и подобри и за краток временски период напреднавме многу - ги сподели првите импресии Марио Ванчоски за Факултети.мк.
Неговиот колега од тимот, Петар Мирчевски, го посвети медалот на цела генерација млади.
- Бронзениот медал ми претставува награда за вложениот труд и напор. Не е само медал за мене, туку признание за цела една генерација млади што и покрај скромните услови, се борат да покажат дека и од Македонија може да се стигне до врвот на светската наука. Верувам дека ваквите успеси треба да бидат мотив и поттик за државата посериозно да инвестира во образованието и науката. Овој успех покажува дека дури и од држава со ограничени ресурси може да се појави квалитет, но само ако има вистинска поддршка и визија - вели Петар.
Професорот Миха Буклески објави дека тестот имал 52 страници текст и 42 страници за да се впишат решенијата и одговорите. Новина на оваа олимпијада било тоа што тестовите биле во електронска форма, прикажани на екран, а решенијата ги пишувале на хартија.
- Нивото на задачите беше тешко, соодветно за олимпијада. Материјалот по хемија кој се учи во средно образование е на многу ниско ниво споредено со оној на олимпијадите. Олимпијадите бараат факултетско знаење, а некои напредни теми можат да го надминат и тоа ниво. Сепак, ние го дадовме максимумот и имавме одлични резултати, како на теоретскиот така и на експерименталниот дел. Тоа е резултат на повеќемесечните подготовки (кои веќе се повеќегодишни) од страна на професорите од Институтот за хемија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, за што сме им особено благодарни - истакна Марио.
Петар откри дека тестот бил интензивен, со исклучително комплексни проблеми и теми кои бараат длабоко разбирање, брзо размислување и практична работа.
- Темите ги опфаќаа сите области на хемијата: органска, неорганска, физичка и аналитичка. Искрено, беше предизвик и психички и физички, но задоволството кога ќе препознаеш дека си ги решил задачите точно е непроценливо. На крајот, освоив бронзен медал, што ми е огромна чест - потенцира Петар.
Нашите талентирани ученици и идни студенти на овие олимпијади не се испратени со сите фанфари и привилегии што ги добиваат спортистите кога учествуваат на Олимписките игри, но тоа не ги обесхрабрува.
- Тоа што се Олимписките игри во спортот, тоа е Интернационалната олимпијада по хемија во светот на хемијата. Задоволство и чест е да се претставува Македонија на светско ниво, да се споделува нашата култура со уште 90 држави од целиот свет и притоа да се претстави во најдобро светло. За жал, не добиваме поддршка како што тоа е случај со спортистите, но никогаш не дозволивме тоа да нѐ обесхрабри. Никогаш не се откажавме и секогаш наоѓавме решенија. Ништо не може да се спореди со чувството на гордост кога ќе се развее македонското знаме на церемонијата на доделување на медалите - вели Марио.
Петар бил горд што ја претставува својата земја, но, од друга страна, бил и разочаран што тоа не се вреднува доволно.
- Да се носи македонското знаме на ваков настан е огромна чест и одговорност. Но чувството е горко кога знаеш дека си таму без поддршката и вниманието кое други ги добиваат по дифолт. Ние не заминуваме како државна делегација, со фанфари или камери. Често патуваме скромно, со средства од спонзори, но сепак се натпреваруваме со најдобрите во светот. Тоа нè прави уште посилни, но и покажува дека е потребна промена во начинот на кој државата ги вреднува младите научници - вели Петар.
Најголема поддршка за учество на олимпијадите Марио и Петар добиле од родителите и менторите од Природно-математичкиот факултет, како и од општините Штип и Прилеп.
- Изминатите години добивавме поддршка и од некои општествено одговорни компании. Но, за жал, државата потфрли. Радува тоа што беше започната иницијатива за покривање на трошоците за пат и котизација, особено по долгогодишната борба. Но, проблемот е во тоа што не успеаја да ги покријат финансиите во целост, иако не станува збор за големи суми. Станува збор за далеку помали суми од тие на спортистите - рече Марио и додаде:
- Дополнително тука се и другите трошоци, како што се патувањата за подготовки до Скопје, најмалку трипати неделно, трошоци за хемикалии и лабораториска опрема, како и професорите кои работат без надомест, од чист ентузијазам за време на викендите. Можеби Македонија не ни даде целосна поддршка, но ние никогаш не дозволивме Македонија да биде понижена пред светот и секогаш со гордост го веевме знамето на сцена.
Сепак, како и секогаш, останува надежта дека во иднина ќе се најде системско решение, а олимписките тимови нема да се соочуваат со нашите проблеми.
Петар им се заблагодари на менторите и сите што овозможија да стигнат во Дубаи, но потенцираше дека науката не смее да биде второкласна категорија.
- Најголемата поддршка ја имавме од нашите ментори, кои неуморно работеа со нас, често и без надоместок, и од луѓе од бизнис-секторот и поединци што ни помогнаа финансиски кога државата затаи. Им благодариме и на сите донатори и компании кои помогнаа кога институциите затаија. Министерството за образование и наука годинава даде делумна финансиска помош – што е чекор напред, но и понатаму не е доволно. За жал, се чувствуваме како да сме сами на тој пат, и покрај тоа што резултатите ги носиме за целата држава. Науката не смее да биде второкласна категорија - рече Мирчевски.
Се ближат термините во август за уписи на факултетите, а Марио и Петар веќе одлучија што ќе студираат.
- Сега доаѓа времето за уписи на факултет. Моето високо образование сакам да го продолжам на Институтот за хемија при Природно-математичкиот факултет во Скопје. Сметам дека факултетот располага со врвен кадар и има огромна традиција. Се надевам дека со тоа што ќе останам тука ќе придонесам за развитокот на образованието во Македонија - истакна Марио Ванчоски.
Патиштата им се различни, но целта и на Марио и на Петар е иста – да бидат дел од генерацијата која ќе ја промени перцепцијата за науката во нашето општество и да придонесат за развојот на македонското образование.
- По мал одмор, продолжувам со работа на мојата следна цел — високото образование во хемија, најверојатно надвор од Македонија, со надеж дека еден ден ќе можам тоа знаење да го вратам тука. Сакам да бидам дел од генерацијата што ќе ја промени перцепцијата за науката во нашето општество. Младите во Македонија имаат потенцијал, треба само да веруваме во нив и да им дадеме шанса да блеснат. Ако можам јас да успеам во вакви услови, замислете што сè би можеле да направиме ако сите заедно инвестираме во знаење - истакна Петар Мирчевски.
Тие се натпреваруваа со 354 ученици од 90 држави од целиот свет. Водичи на тимот беа проф. д-р Миха Буклески и проф. д-р Слоботка Алексовска од Институтот за хемија при Природно-математичкиот факултет од Скопје и членови на Сојузот на хемичари и технолози на Македонија, научно здружение што го организира македонското учество на олимпијадата.
Фото: приватна архива