X
 13.03.2026 Наука

Постојат три различни типа АДХД, покажува ново истражување на мозокот

Истражувачите идентификувале три различни мозочни „биотипови“ на АДХД, секој со свој хемиски потпис, што нуди нови објаснувања зошто третманот често се сведува на обиди и грешки.

АДХД се дијагностицира како едно нарушување. Но во ординација ретко изгледа толку едноставно. Некои пациенти најмногу се борат со концентрацијата. Други не можат да седат мирни. Трети имаат изливи на силни емоции покрај проблемите со вниманието и хиперактивноста. За пациентите и лекарите, тоа често значи долг процес на испробување различни терапии, понекогаш и со разочарувања, сѐ додека не се најде вистинскиот лек.

Ново истражување за снимање на мозокот, објавено кон крајот на февруари, покажува дека таа варијабилност можеби не е случајна. Истражувачи од Кина, САД и Австралија анализирале скенови од 446 деца со АДХД. Испитувајќи ја сивата маса, мозочно ткиво богато со неврони, клучно за пренос на информации, тимот идентификувал три различни поттипови, секој со сопствени хемиски интеракции.

- Дел од она што го покажа ова истражување е нешто што ние клинички веќе го правиме, се обидуваме симптомите да ги поврземе со најефикасниот третман. Но убаво е да се имаат податоци што покажуваат дека нашите клинички впечатоци имаат биолошка основа - вели Мелиса П. дел Белo, детски психијатар од Колеџот за медицина при Универзитетот „Синсинати“.

Иако истражувачите не тргнале со цел да пронајдат однапред дефинирани подгрупи, „биотиповите“ во голема мера се совпаднале со она што лекарите веќе го забележуваат кај пациентите.

Биотип 1: Тежок комбиниран тип со емоционално нарушување


Првиот биотип се карактеризира со нарушувања во мозочните кола поврзани со регулирање на емоциите, вклучувајќи го префронталниот кортекс кој е важен за самоконтрола и процена на последиците.

Според Манприт К. Синг, коавтор на истражувањето и детски психијатар на Универзитетот во Калифорнија, станува збор за преоптоварен контролен центар. Емоционалните и импулсивните системи се преоптоварени, па децата покажуваат потешки и подолготрајни емоционални проблеми.

Клинички, ова најмногу наликува на „класичен“ АДХД, но во поизразена форма. Овие деца имале најголеми отстапувања во мозочната поврзаност, со високи резултати и во невнимание и во импулсивност, плус изразена емоционална нестабилност.

Според Стивен Плишка од Здравствено-научниот центар на Универзитетот на Тексас во Сан Антонио, ова е групата со најголем ризик за идни психијатриски проблеми, како депресија, анксиозност, биполарно нарушување, злоупотреба на супстанции или проблеми со законот. Истражувачите сметаат дека токму оваа група има потреба од најрана интервенција.

Биотип 2: Претежно хиперактивен и импулсивен

Вториот биотип е помалку обележан со невнимание, а повеќе со тешкотии во контролата на импулсите.

Кај овие деца имало помалку проблеми со вниманието, но поголеми нарушувања во мозочните кола што ја регулираат инхибицијата. Клинички, тоа се манифестира како немир, избрзани одговори, прекинување други или дејствување без размислување, повеќе проблем со контрола отколку со концентрација.

Биотип 3: Претежно невнимателен тип

Третиот биотип бил поврзан со нарушувања во регионот на мозокот кој е важен за работна меморија и одржливо внимание. Овие деца главно покажувале невнимание, без изразена хиперактивност.

Клинички, оваа форма често е посуптилна и полесно се превидува, а почесто се јавува кај девојчиња. Бидејќи не се нарушувачки, тие може со години да имаат проблеми во учењето пред да бидат упатени на процена.

Идни истражувања


Ова не е прв обид АДХД да се подели на подгрупи. Поранешните изданија на „Дијагностичкиот и статистички прирачник за ментални нарушувања“ наведуваа три поттипа, кои денес се нарекуваат „презентации“ поради преклопување и промени на симптомите со текот на времето.

- Не постои совршен алгоритам за предвидување на АДХД - вели Стивен Фараоне од Медицинскиот универзитет САНИ Апстејт.

Сѐ почесто истражувачите гледаат на АДХД не како на јасно одвоено нарушување, туку како на димензија на карактеристики распоредени низ популацијата, слично на хипертензијата, каде што ризикот расте по должината на спектарот.

Авторите нагласуваат дека овие „биотипови“ не се нови дијагностички категории. Наодите ќе треба да се потврдат со дополнителни истражувања, а АДХД и понатаму останува клиничка дијагноза базирана на однесување, не на мозочни скенови.

Сепак, доколку овие модели се потврдат, научниците се надеваат дека во иднина ќе помогнат во попрецизно усогласување на терапијата.

Извор: Nationalgeographic.com
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука