Годинава првпат се одржа Европската математичка олимпијада (ЕМО 2026). Натпреварот се одржа во Вилнус, Литванија, во периодот од 23 до 29 април. Македонската делегација се состоеше од шест ученици: Дамјан Давков, Ивано Божиновски, Леонид Тодороски, Марко Митевски, Андреј Тасиќ и Филип Џамбаски; предводени од Илија Јовчески и Лука Хаџи Јорданов.
На натпреварот учествуваа 124 натпреварувачи од 19 европски држави кои решаваа 8 задачи во тек на два дена. Како и во изминатите неколку години, нашите натпреварувачи се покажаа одлично и тројца од нив се закитија со медали: златен, сребрен и бронзен:
ДАМЈАН ДАВКОВ (златен медал; 44 поени)
ИВАНО БОЖИНОВСКИ (сребрен медал; 29 поени)
ЛЕОНИД ТОДОРОСКИ (бронзен медал; 23 поени)
Дамјан Давков со освоени 44 поени е прворангиран, заедно со ученик од Казахстан, т.е. е севкупен победник на првата Европска математичка олимпијада.
Во екипен пласман е освоено високото 6. место според бројот на одличја, по Казахстан, Украина, Бугарија, Франција и Грузија, соопшти Сојузот на математичари на Македонија.