X
 29.04.2026 Здравје

Поради моменталниот „тренд на протеини“, забележана е зголемена потрошувачка на месо, но експертите предупредуваат

Ново истражување покажува дека поради актуелниот „тренд на протеини“, се зголемува потрошувачката на месо како „здрав избор на храна“. 

Светот во моментов е сведок на опсесија со протеини. Кога ќе влезете во продавница, ќе видите дека протеините се додадени во сè – од јогурт и пудинг до леб и чипс. Иако протеинот отсекогаш бил основа на исхраната, овој нов бран на форсирање на месото и суплементите, понекогаш дури и екстремно, е резултат на мешавина од наука, маркетинг и социјални мрежи. И сето тоа се случува и покрај тоа што лекарите предупредуваат дека премногу црвено месо може да ги зголеми здравствените ризици.

Најновите анализи на Здружението на прехранбената индустрија и Институтот за месо во САД покажуваат дека повеќе од 75 отсто од потрошувачите ги гледаат месото и живината како дел од здравата исхрана, што е пораст од 64 проценти во споредба со 2020 година. Извештајот откри и дека 45 отсто од луѓето се обидуваат да готват повеќе оброци со месо, а 31 процент велат дека го прават тоа повремено.

Здравствените експерти велат дека протеините се важни, но повеќето луѓе доволно ги внесуваат


- Повеќето луѓе главно ги почитуваат препораките. Повеќе протеини не значи секогаш подобро, а премногу протеини може да предизвикаат дехидратација, да ги оптоварат бубрезите и да придонесат за други здравствени проблеми. Кога ќе ја достигнете својата максимална корист врз основа на вашите години, нивото на активност и телесната тежина, консумирањето повеќе од тоа всушност ќе предизвика штета - објаснува Ерин Хенеси, нутриционист од Универзитетот „Тафтс“ во Масачусетс.

Каква штета може да предизвика поголемата консумација на месо, односно премногу протеини?

Иако месото е силен извор на протеини, тоа може да предизвика здравствени проблеми. Консумирањето дополнителни протеини често доаѓа од месо богато со заситени масти, што може да придонесе за покачено ниво на „лошиот“ ЛДЛ холестерол. Со оглед на тоа што месото може да го зголеми нивото на холестерол, тоа значи и дека го зголемува ризикот од срцев или мозочен удар. Кардиолозите потсетуваат и на други проблеми, како што се поголеми воспаленија, одредени видови рак и зголемен ризик од дијабетес тип 2.

Со што може да се замени месото?


Според препораките, на луѓето им требаат околу 0,8 грама протеини по килограм телесна тежина. Ако нечија телесна тежина е 70 кг, просечниот дневен внес на протеини е 56 г на ден. Експертите советуваат – испијте чаша млеко од 225 мл и ќе внесете околу 8 грама протеини. Додајте шолја јогурт за уште околу 11 грама. Потоа, изедете парче посно/екстра посно месо од 90 мл, кое има околу 21 грам протеини, и шолја сув грав, кој има околу 16 грама, и веќе сте го достигнале потребниот внес од 56 грама за возрасен маж.

Меѓутоа, администрацијата на претседателот на САД го става црвеното месо на врвот на пирамидата на исхрана и ги менува препорачаните насоки од 0,8 г протеини по килограм, зголемувајќи ги на 1,2 до 1,6 г по килограм дневно. Сепак, поради ризиците за здравјето што ги носи месото, Американското здружение за срце препорачува внес на повеќе протеини од растителни извори, како грав, јаткасти плодови, интегрални житарки и риба. Исто така, многу намирници од растително потекло се богати со влакна.

Извор: eklinika
Фото: freepik

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје