Доколку некој ви каже дека при влез во некоја држава мора да потпишете еколошка заклетва, веројатно би помислиле дека станува збор за шега. Но островската држава Палау во Тихиот Океан навистина го бара тоа од туристите.
За оние што ќе ја прекршат заклетвата, односно ќе ѝ наштетат на фауната и флората на островот, има казна во висина од еден милион долари. Заклетвата е дел од закон според кој сите туристи што стапнуваат на островот во пасошот добиваат печат за заклетва кој е валиден во текот на целиот престој во државата со околу 20.000 жители.
- Деца на Палау, ја давам оваа заклетва како ваш гостин, дека ќе го чувам и штитам вашиот прекрасен и единствен островски дом. Се колнам дека ќе го сметам за скапоцен и ќе го истражувам со свест. Нема да земам ништо што не ми треба. Нема да му наштетам на оној што не ми штети. Единствените отпечатоци што ќе ги оставам се оние што ќе се измијат - стои во заклетвата.
Фото: Pixabay
Палау е на растојание од околу 800 километри од Филипините. Таа е независна држава од 1994 година, а годишно има речиси 200.000 туристи, што се одразува врз екосистемот.
Локалните жители ја поздравуваат еколошката заклетва и се надеваат дека таа ќе ги освести патниците. Во училиштата на овој остров децата учат за екологијата и чувањето на околината, а за возрасните има посебни програми за учење за значењето на околината. На Палау се забранети дупчење на морското дно за нафта и комерцијалниот риболов.
Извор:
Green