X
 30.06.2025 Живот

Како еден грабеж на банка го создаде Стокхолмскиот синдром?

Кларк Олофсон, еден од двајцата харизматични криминалци вмешани во киднапирањето што довело до појавата на терминот Стокхолмски синдром, почина деновиве на 78-годишна возраст.

Олофсон, кој стана светски познат во 1973 година поради киднапирањето и ограбувањето банка во шведската престолнина, почина по долга болест.

Приказната за легендарниот грабеж

Надвор од Шведска, малкумина го знаат името на банкарските службеници Бригита Лунблад, Елизабет Олдгрен, Кристин Енмарк и Свен Сафстром. На 23 август 1973 година 39-годишниот криминалец Јан-Ерик Олсон ги зел овие четворица вработени како заложници во „Кредитбанкен“, а подоцна во банката му се придружил и неговиот поранешен затворски колега.

Шест дена подоцна, кога завршил грабежот, станало јасно дека жртвите почнале да развиваат некаков вид позитивна врска со киднаперите. За да се објасни овој феномен, се појавил изразот Стокхолмски синдром.

За време на шестдневната опсада, заложниците на Олофсон почнале да сочувствуваат со него и неговиот соучесник, ги бранеле нивните постапки и станувале сè понепријателски настроени кон полицијата.

Опсадата на банката ја предводел Јан-Ерик Олсон. Откако ги зел за заложници трите жени и мажот, тој од Олофсон побарал да биде донесен во банката од затворот.

Шведските власти го прифатиле неговиот услов, а Олофсон влегол во банката, која била опкружена со полиција.

Овој инцидент бил инспирација за името на психолошката состојба Стокхолмски синдром, при која жртвите на киднапирање развиваат приврзаност кон своите киднапери. Олофсон бил повеќекратен престапник и поголем дел од животот го помина во затвор.

Последен пат бил ослободен во 2018 година, по издржување казна во Белгија за проблеми поврзани со дрога.

За Стокхолмскиот синдром


Терминот, како што се тврди, го создал криминологот и психијатар Нилс Бејерот. Психологот д-р Френк Ошберг бил фасциниран од овој феномен и во 70-тите години го дефинирал за ФБИ и Скотланд јард.

Во тоа време, тој ѝ помагал на Американската национална оперативна група за тероризам и немири за полесно дефинирање на стратегии во ситуации со заложници.
Неговите критериуми го вклучувале следното: прво, луѓето доживуваат нешто страшно што се случува одеднаш. Тие се сигурни дека ќе умрат. Потоа следува инфантилизација, кога, како деца, не можат да јадат, зборуваат или одат во тоалет без дозвола од друг. Малиот чин на добрина, како добивање храна, ги навлекува на примитивна благодарност за дарот на животот. Заложниците доживуваат силно, примитивно позитивно чувство кон својот киднапер. Тие ги затвораат очите пред фактот дека токму тој човек ги довел во таа ситуација. Во умот мислат дека тоа е личноста што ќе им дозволи да преживеат - е објаснувањето на психологот.

Извор: Bizlife.rs
Фото: Pixabay
Подготвил: Тамара Гроздановски

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот