Психосоцијалните ризик-фактори, вклучувајќи ги долгото работно време, несигурноста на вработувањето, како и злоупотребувањето и вознемирувањето на работното место, создаваат штетни работни средини кои го загрозуваат физичкото и менталното здравје на луѓето, покажува новиот извештај.
Повеќе од 840.000 луѓе секоја година умираат од здравствени состојби поврзани со психосоцијалните ризици при работа – како што се долгото работно време, несигурноста на работата и вознемирувањето на работното место – се наведува во новиот извештај на Меѓународната организација на трудот (МОТ), агенција на Обединетите нации.
Психосоцијалните ризици поврзани со работата главно се поврзани со кардиоваскуларните болести и нарушувањата на менталното здравје, вклучувајќи ги и самоубиствата, се истакнува во извештајот.
- Психосоцијалните ризици стануваат еден од најголемите предизвици за безбедноста и здравјето при работа во современиот свет на трудот - вели Манал Ази, водителка на тимот за политики и системи за безбедност и здравје при работа при МОТ.
- Подобрувањето на психосоцијалната работна средина е клучно не само за заштита на менталното и физичкото здравје на работниците, туку и за зајакнување на продуктивноста, организациските резултати и одржливиот економски развој - додаде таа.
Работата ги обликува вашиот идентитет, општествените односи и економската сигурност, а нејзиниот дизајн и организација одредуваат дали работата е смислена и соодветно поддржана или, пак, претераните барања, нејасните улоги и доживеаната неправда создаваат штетни последици.
Голем данок за здравјето
Извештајот покажа дека здравствените ризици доведуваат до речиси 45 милиони изгубени години живот, секоја година, додека се проценува дека комбинираниот ефект на кардиоваскуларните болести и нарушувањата на менталното здравје резултира со загуба од 1,37 проценти од глобалниот БДП на годишно ниво. Само во Европа се забележани 112.333 смртни случаи.
Кардиоваскуларните болести го сочинуваат мнозинството смртни случаи кои можат да се поврзат со работата, но вкупната загуба на здрави години од животот е поголема кај менталните нарушувања, наведуваат авторите на извештајот.
Според податоците на Светската здравствена организација (СЗО), депресијата и анксиозноста предизвикуваат загуба на приближно 12 милијарди работни денови годишно. Проблемите со менталното здравје можат дополнително да го поттикнат и нарушувањето на физичкото здравје преку нездрави обрасци на соочување со стресот и исцрпеноста. Пушењето, консумацијата на алкохол, прејадувањето и физичката неактивност поради проблеми на работното место можат да доведат до дебелина, хипертензија и други хронични болести.
Кои се главните причини за нарушеното здравје на работното место?
Извештајот ги идентификува долгото работно време, злоупотребувањето, оптоварувањето со работа, нерамнотежата меѓу вложениот труд и наградата, несигурноста на вработувањето, како и насилството и вознемирувањето како главни двигатели на лошото здравје на работниците.
Истражувањето на СЗО покажа дека работата од 55 или повеќе часа неделно е поврзана со 35 проценти поголем ризик од мозочен удар и 17 проценти поголем ризик од смрт поради исхемична болест на срцето, во споредба со работата од 35 до 40 часа неделно.
Злоупотребувањето и другите облици на вознемирување и насилство, исто така, се истакнати како сериозен проблем. Во извештајот се наведува дека 23 проценти од работниците низ светот во текот на својот работен век доживеале барем еден облик на насилство или вознемирување, при што психолошкото насилство е најчесто и погодува 18 проценти од работниците.
Што може да се направи?
Дигитализацијата, вештачката интелигенција, работата на далечина и новите форми на вработување ја менуваат психосоцијалната работна средина, поради што организациите треба да ги препознаат ризиците и да спроведат превентивни мерки. Тие мерки би требало да се однесуваат на начинот на кој е осмислена, организирана и водена работата, вклучувајќи ги управувањето со оптоварувањето, јасната поделба на улогите, бројот на персоналот и работното време.
Кога превенцијата не е доволна, МОТ повикува на навремена, нестигматизирачка поддршка, како што е пристапот до советодавни и други служби за поддршка, привремени приспособувања на работното место, вклучување експерти за здравје при работа, како и праведни процеси за враќање на работа.
Фото: freepik