Нова студија посочува дека на нашето здравје во текот на животот не влијае само тоа дали се дебелееме, туку и кога доаѓа до дебелеењето. Имено, зголемувањето на телесната маса во раната возрасна доба е посилно поврзано со ризикот од смртност отколку дебелеењето во подоцнежните години.
Учесниците што првпат се здебелиле на возраст меѓу 17 и 29 години имале околу 70 отсто поголема веројатност за смрт од која било причина во периодот на следење во споредба со оние кај кои дебелината не се развила до шеесеттата година од животот.
Студијата ја водеше тим од шведскиот Универзитет „Лунд“, а целта е да ги следи промените на телесната тежина низ времето. Информациите за повеќе од 600.000 луѓе се прибрани од постојниот регистар, при што се вклучени само оние учесници што имале барем три забележани мерења на телесната тежина на возраст меѓу 17 и 60 години.
Иако истражувањето не докажува дека токму раното дебелеење било директна причина за смрт. за разлика од некој друг фактор, добро е познато дека дебелината е поврзана со низа здравствени проблеми.
- Најдоследен наод е дека дебелеењето во помладата возрасна доба е поврзано со поголем ризик од прерана смрт подоцна во животот, во споредба со лицата што добиваат помалку на тежина - вели епидемиологот Тања Стокс од Универзитетот „Лунд“.
Една од можните причини за порана смрт е долготрајната изложеност на биолошки стрес предизвикан од прекумерната телесна тежина. Во тој случај телото подолго време е под зголемен притисок и поголем ризик од „трошење“ отколку што е вообичаеано.
Тимот ја следеше вкупната смртност, како и смртноста поврзана со многубројни состојби поврзани со дебелината, вклучувајќи кардиоваскуларни болести, неколку видови рак и дијабетес тип 2.
Почетокот на дебелината е дефиниран како прв момент во кој забележаниот индекс на телесна маса (BMI) достигнал вредност од 30 или повеќе. BMI во времето на прибирање на податоците бил стандардна мерка, иако дефинициите за дебелина со текот на времето се менуваат и надградуваат.
Истражувањето покажа и неколку други важни поврзаности. Очекувано, лицата што добиле најмногу килограми во која било животна доба имале поголем ризик од смрт во текот на периодот на следење. Кардиоваскуларните болести, вклучувајќи срцев и мозочен удар, го сочинувале најголемиот дел од тие поврзаности.
- Долготрајната изложеност на инсулинска резистенција, воспаленија и засилена склоност кон згрутчување на крвта, предизвикани од адипоцитокините кои се ослободуваат од масното ткиво, веројатно придонесува кон тие ризици - велат истражувачите.
Забележани се и разлики меѓу мажите и жените
Кај ракот кај жените, зголемениот ризик од прерана смрт поврзан со дебелината бил приближно еднаков без оглед на тоа кога дошло до дебелеењето. Значи, во овој случај некој друг фактор би можел да има поголема улога отколку кај другите болести – на пример, хормоналните промени поврзани со менопаузата.
За да се прикаже ризикот од смртност со бројки: ако во текот на периодот на следење умреле 10 од 1.000 учесници што не развиле дебелина во рана возраст, меѓу оние што развиле дебелина во младоста умреле околу 17 од 1000 учесници.
Истражувањето е објавено во научното списание „е-Клиникал медисин“.
Фото: freepik