X
 30.10.2025 Наука

Зошто коњите имаат очи на страните од главата

Дали некогаш сте забележале дека коњите имаат очи на двете страни од главата, а не на предната страна, како што имаме ние луѓето?

Локацијата на очите на коњите нуди биолошка предност, што им помага да бидат безбедни. Всушност, поставеноста на очите сигнализира дали животното е предатор или плен. Предаторите обично имаат очи на предната страна од главата, додека очите на животните кои се плен се поставени на страните. Бидејќи луѓето имаат очи на предната страна од лицето, тие технички се предатори во светот на коњите.

- Ако помислите на тигар или птица грабливка, тие мора да се фокусираат и да таргетираат нешто што се обидуваат да го фатат за храна. Тие имаат минимални слепи точки, така што можат директно да се фокусираат на она што е пред нив - вели Бо Витакер, ветеринар за коњи од Тексас.

Страничните очи на коњите им даваат широко видно поле - предност при скенирање на околината за предатори. Иако повеќето домашни коњи денес живеат во средини без предатори или со малку предатори, тие сè уште ги обработуваат визуелните информации како нивниот опстанок да зависи од тоа.

Како гледаат коњите?


Поради поставеноста на очите, коњите имаат и монокуларен и бинокуларен вид. Според „Дејвис“, одделот за офталмологија на Универзитетот во Калифорнија, монокуларниот вид е како панорамски поглед, при што секое око гледа околу 200 степени, сè додека коњот не ја крене главата, по што нивното видно поле се стеснува на бинокуларен поглед од околу 60 степени.

Овој широк периферен опсег на вид им овозможува да детектираат суптилни движења долго пред предаторот да ги стигне. Монокуларниот и бинокуларниот вид заедно им даваат вид близу 350 степени околу нивното тело. За споредба, луѓето можат да гледаат околу 180 степени без да ги свртат главите.


Иако имаат неверојатно видно поле, коњите ги обработуваат информациите поинаку од луѓето. Кога луѓето гледаат во некој предмет, двете очи ги обработуваат информациите истовремено. Но, очите на коњот ги обработуваат информациите независно. Значи, кога ќе видат нешто со левото око првпат, дури и ако десното око веќе го видело, тоа е како да го гледаат истиот предмет првпат.

Коњите имаат големи очи - најголеми од сите копнени цицачи и имаат супериорен ноќен вид во споредба со луѓето. Нивната мрежница содржи голем број стапчиња и единствена структура во окото наречена „tapetum lucidum“. Оваа мембрана ја рефлектира видливата светлина назад низ мрежницата, што резултира со одличен ноќен вид. Луѓето го немаат овој дополнителен слој на ткиво, па затоа нашиот ноќен вид не е толку ефикасен, но нашиот вид генерално е појасен.

Начинот на кој нивните очи ја перципираат бојата е помалку софистициран отколку кај луѓето. Нивниот дихроматски вид ги ограничува на гледање нијанси на сина и зелена боја со мали варијации на тие нијанси, додека луѓето имаат трихроматски вид и можат да видат и нијанси на црвена и жолта боја.

Средба коњ-човек

Разбирањето како коњите гледаат може да ја направи вашата следна интеракција со коњ побезбедна. Ако коњот почувствува дека нешто го допира без да види или чуе што е тоа, може да се активира неговиот природен инстинкт за борба или бегство. 

 

- Кога сте во близина на коњ, запомнете дека не може да гледа директно пред себе. Секогаш е најдобро да се приближите отстрана, во близина на пределот на неговите рамена и да разговарате со него за да му дадете до знаење дека сте таму - порачува д-р Витакер.

Извор: popsci.com

Фото: Freepik

Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука