Страницата „Мејд ин Југославија“ на својот инстаграм-профил објави фотографии од предмети што се наоѓале во југословенските домови, а кои ги фотографирала за својот календар за 2027 година.
Предметите ги пронашле во куќа изградена во 1969 година, на периферијата на Љубљана. Објавата е со наслов „Естетиката во Југославија во 70-тите“, а на следбениците им поставиле едноставно прашање: „Кои од овие предмети ги имавте дома?“
Авторите велат дека додека биле во куќата, имале чувство дека речиси ништо не се променило од времето кога била изградена. Како примери ги наведуваат телефоните на „Искра“, шолјите за кафе на компанијата „КИЛ Либоје“ и книгата за готвење на „Подравка“, која стоела на кујнскиот пулт. Ги опишуваат како предмети што луѓето ги сакале и кои и денес се на своето место.
Највпечатлив на фотографиите е црвениот телефон од „Искра ЕТА 85“ со копчиња и црна слушалка. „Искра“ од Крањ била еден од најпознатите југословенски производители на телефони. Според податоците на Техничкиот музеј на Словенија, моделот „ЕТА 80“ на „Искра“ го дизајнирал Даворин Савник, а сериското производство започнало во 1980 година. Во Крањ биле произведени повеќе од пет милиони вакви апарати.
На фотографиите се наоѓа и уште еден производ на „Искра“: фен со хауба „комфорт“, и тоа во оригиналната кутија. На неа е прикажана жена со хаубата на главата, која чита списание додека ѝ се суши косата.
На фотографиите има и портокалова кутија од козметичко огледало со две светилки, кое го произведувала компанијата „Елма“. Тука е и отворена кутија цигари „170“ со филтер кои ги произведувала „Тобачна Љубљана“. На кутијата има и контролна маркичка со ознаката ЈУС.
Фотографиран е и прекинувачот за бања на компанијата „Сигма“ од Суботица, со две црвени контролни светилки и сликички што означуваат бојлер, греалка и светло. До него се и два фена, зелен и портокалов, закачени на розови плочки во бањата. Како што може да се види на фотографиите, ѕидовите на куќата сè уште се обложени со тапети со дезени карактеристични за тоа време.
Сите овие фотографии ќе бидат дел од календарот на страницата „Мејд ин Југославија“ за 2027 година.
Извор:
Klix.ba
Фото:
Instagram