X
 31.01.2020 Живот

Бесмртната приказна на Коби Брајант

Еден ден на своите потомци ќе им раскажуваме дека живеевме во ерата на Коби Брајант. И сосема е сигурно дека секојпат ќе ни се насолзат очите на помислата дека својот легендарен пат го заврши на трагичен начин.

Ќе се сеќаваме и на местата на кои се наоѓавме во моментот кога се појави таа вест, но најважно, ќе бидеме горди што ја имавме таа среќа да бидеме современици на еден таков шампион.

Ништо што е во врска со синот на Џо и Памела Брајант не било вообичаено.

Името го добил по познато говедско месо од јапонскиот град Коби, најскапо во светот.

Грлата што живееле на оваа географска одредница живеат трипати повеќе од останатите припадници на својот вид, не е дозволено да се хранат на кој било начин освен природно, ги има помалку од 4.000 на годишно ниво, а килограм од нивното месо чини околу 500 евра.

Ретки ѕверки.

Коби беше најмлад од децата од семејството Брајант, кое следејќи ја кариерата на таткото на семејството, своето место за живот го најде во Италија, менувајќи три града.

- Мојот сон почна во Реџо Емилија. Тука сфатив дека може да се оствари. Зошто сум поврзан со ова место? Имам многу посебни спомени. Овде возев велосипед, јадев сладолед со другарите. Дали некој помислил дека еден од најдобрите играчи во НБА-лигата можел да тргне оттаму? Секој сон може да се оствари. Често доаѓам, шетам низ градот. Луѓето ми се јавуваат, но не ме малтретираат. Овде би можел да поминам повеќе време. Тешко е за оние што живеат во САД да сфатат колку животот во овој град е различен и колку го сакам овој град. Моите ќерки во САД ги немаат работите што јас ги имав тука. Мали, но нормални работи. Дружење со пријателите, смеење. Тие работи се важни. Тоа не можам да им го опишам бидејќи не би сфатиле, никогаш не живееле на таков начин - рече Брајант при неговата последна посета на местото што го сметал за свој втор дом.

kobi
Фото: Profimedia


Љубовта кон Италија Коби ја докажал и со тоа што на својата ќерка ѝ го даде името Џијана, или скратено Џиџи, која исто така загина во хеликоптерската несреќа.

По завршувањето на блескавата кариера, Коби истакна дека нема желба да ги следи натпреварите на НБА-лигата, но Џиџи придонела да го промени твој став.

- Првпат го видов натпреварот со нејзини очи. Не седев покрај теренот како играч, спортист, што и да е. Тоа не го сакам. Седев како татко на ќерката која се забавува гледајќи натпревар. Секоја вечер гледаме натпревари - наведе Коби.

Последните две години од својот живот Коби ги помина како тренер на тимот во кој настапуваше „Мамбасита“ - Коби сакал да ја однесе Џиџи на нов натпревар и тој 26 јануари - но тие никогаш не стигнаа на натпреварот.

Како што никој не очекуваше да ѝ се врати на кошарката, така никој не се надеваше дека тој толку ќе ѝ даде на магичната игра.

Не сакаше да оди на факултет. Виде дека Кевин Гарнет стигнал до елитата без препреки наречени високо образование, па тргнал по ист пат.

Претходно на своето средно школо му ја донел шампионската титула за 53 години постоење, а по бројот на постигнати поени го надмина легендарниот Вилтон Чемберлејн и бил подготвен од 17 години да влезе во друштвото на најдобрите кошаркари во светот.

Веројатно многу генерални менаџери и понатаму сериозно се преиспитуваат и се обидуваат да дојдат до објаснување како дозволиле идниот најдобар кошаркар да им избега на НБА-драфтот, бидејќи пред Брајант биле прочитани 12 имиња.

Лејкерси, а пред сè првиот човек на франшизата во тој момент, Џери Вест, човек чија силуета се наоѓа на логото на НБА-лигата, имале намера да видат што е толку посебно кај тој самоуверен тинејџер, но морале да се потрудат.

Жртва бил тогашниот прв центар на екипата, Владе Дивац, на кого му се заканувал крајот на кариерата доколку бил принуден да го напушти Лос Анџелес, но на крај попуштил и прифатил да се пресели во Шарлот, во замена за можноста Лејкерси да го добијат правото да избираат од 13. позиции на НБА-драфтот.

Покрај Вест и Лејкерси, верба во момчето кое штотуку излегло од средношколските клупи имале само неговите родители.

Следувале титули, МВП-признанија, рекорди, кризи, проблеми, конфликти, повреди, но било создадено и наследство што ќе трае додека постои спортот. Во каква било форма.

- Кој е менталитетот на Мамбата? Тоа значи дека морате постојано да се обидувате да бидете најдобрата верзија од себеси. Постојано предизвикувајте се себеси за да бидете подобри денес отколку што сте биле вчера. Менталитетот на Мамбата ќе заживее благодарение на младите играчи што стигнуваат на големата сцена. Се чувствувам одлично поради тоа. Тоа значи дека сè што сум направил во мојата кариера нема да остане само во историјата. Нема сето ова да остане запишано само во форма на трофеи, медали... Тоа значи дека идејата заживеа - изјави во една пригода Коби.

Неговиот карактер бил причина за поделби и судири на мислења, толку што ги доведувало до лудило и соиграчите и тренерите, но тоа едноставно бил само уште еден сегмент од менталитетот на Мамбата.

- Коби има тенденција да форсира, особено кога не му оди. Ако не ги погоди шутевите, ќе шутира повторно и повторно додека не направи пресврт - изјави легендарниот тренер Фил Џексон.

Брајант имал свое образложение за фактот дека е играч со најмногу промашени шутеви во историјата на НБА.

- Побрзо би промашил 30 шутеви по ред отколку 9. Ако останете на 9 промашувања, тоа значи дека сте изгубиле од себеси, дека самите сте се исфрлиле од играта - изјави Коби.

Неговиот начин на размислување ги сруши границите во спортот, за што сведочеше и еден од најдобрите тенисери во светот, Новак Ѓоковиќ.

- Коби е еден од моите ментори. Имав неколку телефонски разговори со него. Секако, се видовме неколку пати во изминатите неколку години. Кога имав повреда на лакотот, се борев и ментално и емотивно да се носам со сите тие различни работи што ми се случуваа. Коби ми даваше вредни совети и насоки да верувам во себе во тој процес - изјави Ѓоковиќ.

Брајант минувал низ слични работи во текот на кариерата и морал да го модифицира својот начин на однесување. Според зборовите на Џексон, од безмилосен натпреварувач кој дури и на тренинзите им ја одземал топката на соиграчите за да шутира повеќе, станал ментор, свесен за својата улога, знаење, со желба својата мудрост да им ја пренесе на младите.

Дури и кога не бил најдобар, Коби бил свој. Коби беше Коби. И секогаш ќе биде. Неговото влијание во светот денес е толку големо што сигурно ќе се пренесе и на некој иден современик на неговиот лик, дело и менталитет.

- Јас мислев дека тој не може да умре - гласеше еден од коментарите по првичните вести за смртта на Брајант.

И не може. Таквите големини не умираат. Тие само одат на некое друго место и нè оставаат на најдобар можен начин да се обидуваме да ги спроведеме нивните идеи. И да бидеме најдобрата верзија од себеси.

Автор: Спасоје Веселиновиќ
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот