X
 31.10.2025 Наша тема

Проф. д-р Ристе Ичев од Економскиот факултет во Љубљана доби награда за најдобро истражување: „Словенечкиот систем е строг и ориентиран кон вистинско знаење“

Професор д-р Аљоша Валентинчич и проф. д-р Ристе Ичев од Економскиот факултет при Универзитетот во Љубљана ја добија наградата „Одлични во науката 2025“, доделена од Државната агенција за научни истражувања и иновации на Република Словенија (ARIS).

Професорот од Македонија и професорот Валентинчич ја добија наградата за нивниот истражувачки труд „Ефектот на општествено одговорното инвестирање врз работењето на приватните компании“.

Наградата „Одлични во науката“ е дел од програмата за промоција на науката на АРИС, дизајнирана да ги препознае и промовира врвните истражувачки достигнувања во Словенија. Со наградата, АРИС ја поттикнува извонредноста, ја зајакнува свеста за важноста на науката за општеството и ги истакнува истражувачите чија работа значително придонесува за развојот на научната и економската средина.

- Навистина ми претставува голема чест и задоволство што заедно со мојот коавтор, проф. д-р Аљоша Валентинчич, го добивме признанието „Одлични во науката 2025“ (slo. Odlični v znanosti 2025) кое го поделува Државната агенција за научноистражувачка дејност на Р. Словенија - ARIS. Ова признание е потврда за квалитетот и релевантноста на нашето истражување, кое покажува како инвестирањето во општествено одговорни проекти може реално да придонесе за подобри и поефективни резултати кај приватните фирми. За мене лично, ова претставува силна мотивација и поттик да продолжам со иновативна и значајна научна работа, како и да го пренесувам тоа знаење на студентите и пошироката заедница. Признанието од ARIS не е само личен успех, тоа е признание за важноста на економските истражувања кои имаат конкретен ефект врз развојот на општеството - ги сподели своите импресии професорот Ичев.



Нивното истражување (со оригинален наслов „The effect of impact investing on performance of private firms”) се фокусира на ефектите што државните грантови за општествено одговорни инвестиции ги имаат врз перформансот/резултатите на приватните фирми во Словенија.

- Анализата опфаќа податоци за периодот од 2005 до 2020 година и користи напредни економетриски методи - пред сè, „staggered difference-in-difference (SDiD)“ - за да се измери влијанието на овие инвестиции врз избрани клучни економски показатели на фирмите. Резултатите доста јасно покажуваат дека фирмите што добиле грант за општествено одговорно инвестирање, во периодот што следува (во просек до две години од реализацијата на инвестицијата) бележат: зголемување на бројот на вработени – или поголема вработеност, раст на паричните приливи од работните активности, повисока додадена вредност по глава на вработен, поголеми капитални инвестиции, зголемена стапка на извоз. Истовремено, забележавме и краткорочен негативен ефект врз продуктивноста (резултат воочлив во истиот период кога грантот и инвестицијата се реализирани), што укажува дека овие инвестиции бараат време за да дадат целосен ефект. Овие резултати потврдуваат дека општествено-одговорното инвестирање не е само инструмент за социо-економски развој, туку може да биде и ефикасна стратегија која води кон одржлив раст на фирмите - ги образложи Ичев главните поенти од истражувањето.

Ристе Ичев предава четири предмети кои заедно со научните истражувања во кои е вклучен се концентрирани во областа на корпоративните финансии, финансиското однесување (behavioral finance) и финансиската технологија (fintech). Исто така, во изминатите неколку години значителен дел од неговото време, заедно со истражувачкиот тим кој го води, го посветува на развој и усовршување на модели од областа на машинското учење (machine learning) за предвидување макроекономски индикатори.
Во кратки црти, токму овие области ја претставуваат суштината на неговите истражувачки интереси, во чии рамки има објавено и повеќе научни трудови.



Ичев за „Факултети.мк“ сподели каква структура има словенечката академска средина, како е организирана и како е поддржана од државата.

- Словенечката академска средина е, пред сѐ, интернационална, конкурентна и одлично организирана. Само на Економскиот факултет има повеќе од триесет професори и предавачи кои доаѓаат од различни делови на светот. Во таква средина не е важно од каде доаѓате, туку колку сте добри во она што го работите и каква академска заднина носите со себе.
Она што особено ми се допаѓа е начинот на кој државата ја регулира и поддржува академијата. Образованието е бесплатно на сите степени, освен на докторски, а студентите имаат пристап до многу бенефиции – субвенционирана храна, разновидни стипендии и можности за меѓународна мобилност. Професорскиот кадар најчесто е образован на врвни светски универзитети, што претставува и еден од главните критериуми за вработување.
Дополнително, академските институции силно поттикнуваат интердисциплинарни истражувања и проекти со практична примена, често во соработка со јавниот и приватниот сектор. Постојат јасни стратегии за развој на науката и иновациите, а административните процедури се транспарентни и предвидливи, што значително го олеснува академското работење - вели Ичев.
Тој ги потенцираше културата на заемна почит и професионалност во академската средина.

- Без разлика дали сте млад истражувач или искусен професор, вашето мислење се слуша и вреднува. Ова создава академска заедница во која сите вклучени имаат можност да растат, да напредуваат и да соработуваат.
Образовниот систем е во тесна соработка со државните институции, што овозможува висок квалитет на наставата и истражувањето. Сето тоа резултира со академска средина која е динамична, отворена, интернационална и поддржувачка – особено за младите истражувачи и предавачи - открива Ичев.



Тој замина пред петнаесетина години кога на рака се броеја македонските студенти во Словенија, а сега веќе има група на етаблирани научници.

- Пред петнаесетина години македонските студенти буквално можеа да се избројат на една рака. Денес сликата е сосема поинаква — имаме етаблирани научници, успешни студенти и млади академци кои рамноправно учествуваат во научниот и образовниот живот во земјата. Верувам дека сите ние ја оправдуваме довербата - не само преку сопствени резултати, туку и преку придонесот за создавање патека по која денес чекорат нови генерации - истакна Ичев.

Професорот од Македонија вели дека во последната деценија словенечкиот образовен систем претрпел структурално позитивни промени.

- Кога јас се запишав на факултет, странските студенти беа реткост. Денес, благодарение на добиените меѓународни акредитации - кои се резултат на години континуирано унапредување на наставните програми, високи стандарди за истражување и регрутирање врвни професори - Универзитетот во Љубљана, а особено Економскиот факултет е меѓу најдобрите 1 % факултети за бизнис и економија во светот. Тоа донесе студенти од сите континенти и создаде вистинска интернационална академска средина. Со високиот ранг се заострија и критериумите за упис. Во последните неколку години отежнувањето на условите за упис се одразува посебно на кандидатите што доаѓаат од Македонија. Лично, проблемот го гледам во образовниот систем во Македонија, кој продуцира генерално „само” одлични ученици кои многу брзо се покажува дека не се доволно спремни за нивото на образовниот систем во Словенија. Словенечкиот систем е темелен, строг и ориентиран кон вистинско знаење (функционална писменост), критичко размислување и истражувачка зрелост.
Но, за крај, токму тоа е убавината на оваа приказна. Она што некогаш беше исклучок — неколку поединци кои дојдоа да студираат - денес е силна академска заедница која има свое место и глас. За мене, најголемиот успех не е само личната академска кариера, туку тоа што младите од Македонија денес не почнуваат од апсолутна нула. Тие веќе имаат патека, примери, поддршка и систем што ги препознава нивните квалитети - заклучи професорот Ичев.

Фото: приватна архива

Оваа содржина е заштитена со авторски права. Фотографиите се од сопствени извори или од платени сервиси. Секоја употреба, копирање, преземање, репродукција или дистрибуција, целосна или делумна, без претходна писмена дозвола од редакцијата, е строго забранета и подлежи на законска одговорност. Бесплатно преземање е можно само на првата третина од текстот, со јасно наведен извор и линк до изворниот текст во првата реченица. Факултети.мк ги почитува професионалните/етичките стандарди, Кодексот на новинарите и Принципите на Меѓународната федерација на новинарите.
Подготвил: Орце Костов

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема