Неодамна докториравте на Факултетот за општествени апликативни студии во Нова Горица, Словенија. Какво искуство создадовте во текот на студиите?
Минатиот октомври ги завршив моите докторски студии на ФУДШ. Точно пет години и 10 дена, кои минаа во еден здив, фокусирани на усвојување знаења, вредности и вештини. Одбраната на докторатот е само финалниот шлаг на тортата полна со различна и квалитетна содржина. Воодушевен сум од многу нешта на Факултетот, но и од Словенија. Сакам да кажеме дека сме исти, но навистина сме различни. Исти сме само по големина во физичка смисла на зборот, но ние има(ме) што да (на)учиме. Да, многу. И тоа што ќе го научиме, доколку успееме, да го примениме во нашата држава. Денот на младите во Словенија „почнува“ во 6 наутро и завршува околу 22 часот, додека кај нас имам чувство дека е обратно. Одењето на Факултетот во Словенија создава чувство дека одиш на место за образување и едукација, кај нас тоа чувство одамна е изгубено во сивилото на факултетските аули и ароганцијата поткрепена со едно големо ништо. Во Словенија, професорот и студентот се колеги кои разменуваат знаење, мислење, идеи, кај нас сѐ уште некои професори доминираат и „наметнуваат“ свои мислења и идеи. Секако, во Словенија умот на студентот и на професорот се отворени за новитети, за знаења, за просперитет. Секој работи на себе, на себеподобрување и на усвојување знаења и вештини. Едноставно, умот не е обременет со „комшискиот“, туку со личниот успех. Затоа велам – има многу да учиме од нашите пријатели од Словенија. Она што нѐ карактеризира нас е дека „многу зборуваме, малку дејствуваме“. Од аспект на стратешка комуникација, може слободно да заклучам дека треба да биде обратно „многу да дејствуваме, малку да зборуваме“. Со малку изречени зборови многу да се разбираме.
Веруваме дека тоа е средина каде што се мешаат различни култури и вредности од светот. Како се усогласувавте во студирањето?
Во мојата група имаше колеги од целиот регион, иако на Факултетот има студенти и од други континенти. Воопшто не е проблем да се усогласите со луѓе кои имаат заеднички цели, слични вредности, очекувања и надеж. Сите во групата имавме цел да усвоиме знаење, без разлика на кој јазик зборуваме. Сите во групата имавме цел да се разбереме, без разлика на која тема зборуваме. Сите во групата имавме цел да се вратиме во своите држави, без разлика кој од каде доаѓа. Уште кога запишав докторски студии, знаев дека ќе усвојам знаења кои ќе ги применам во македонското општество. Немав нечесни намери, преку студиите да ја напуштам земјава, туку единствена намера беше и е да научам да размислувам и усвојувам знаења и туѓи мислења со отворен ум и отворено срце. Не треба да се плашиме од различните мислења и несогласувања. Треба да научиме да живееме со неусогласености со другиот, но да ги почитуваме и прифаќаме неговите стојалишта за животот. Затоа, различните вредности од светот создаваат средина на успех на Факултетот за општествени апликативни студии.
Што е тоа што ги привлекува македонските студенти во Словенија?
Веќе наведов некои системски вредности што ги привлекуваат младите, но и нас, поискусните. Отвореност, знаења и вредности, мултикултурализам, прагматизам, колегијалност, желба за разбирање, желба за успех, за „совладување“ и создавање нови искуства. Словенија е земја што ја сакаат и почитуваат нејзините жители – се гордеат со нејзиното зеленило, придонесуваат за нејзината чистина, нудат гостопримство, насмевка, знаења, вредности, но и многу работа. Доколку отидете на студии на ФУДШ, но и во Словенија, од вас ќе се бара многу работа и ангажман, труд и фокус. Може да кажам дека навистина се работи и се создава. Посакувам секој што има можност и желба, да ги „искуси“ словенечките вредности и потоа да ги донесе и примени во Македонија.
Како Македонија може и треба да го подобри својот квалитет во образованието?
На македонскиот систем на образование му е потребен целосен ресет. На курикулуми, на луѓе, на простории, на вредности. Да бидеме храбри и да се соочиме со себеси. Од Словенија да научиме како се сака Факултет, како се сака држава, како се сака секое ќоше. Со работа, со труд, со придонес, со борба за подобро утре. Словенија е само доказ дека географијата не го предодредува успехот, туку дека се потребни и други состојки кои ќе придонесат да се сака државата и да се мапира на многу карти како пример за успех. Факултетот за општествени апликативни студии е само една алка во целиот систем каде што се негуваат овие вредности на себепочитување и себенадградување. Сѐ почнува од човекот, сѐ завршува кај човекот.
фото: приватна архива