X
 03.07.2023 Образование

Од 53.821 студент во Македонија, 9.356 студираат медицина, најмногу на Тетовскиот универзитет

Од вкупно 53.821 студент кои се на прв циклус студии на факултетите во Македонија, 9.356 студираат медицина, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика. Бројот се однесува на сите студенти од права до шеста година и е зголемен за 592 студенти, со оглед на тоа што минатата академска година медицина студираа 8.764 студенти.

Притоа, најголем број студенти по медицина има на Тетовскиот универзитет, вкупно 3.309, а потоа следува Факултетот за медицински науки при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип со 3.149 студенти и на крај е Медицинскиот факултет при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје со 2.898 студенти.

Податоците на ДЗС покажуваат дека има интерес и за сродните факултети, па на Фармацевтскиот факултет при УКИМ годинава има 816 студенти, додека на Стоматолошкиот 460.

На Високата медицинска школа во Битола студираат 439 студенти, што е незначително помалку од минатогодишните 467.

На Колеџот за медицинска козметологија и физиотерапија - „МИТ“ – Скопје студираат 20 лица, додека на Висока медицинска школа - Меѓународен балкански универзитет – Скопје студираат вкупно 100 студенти. На Факултетот за дентална медицина на МИТ - Скопје има двајца студенти, додека на истоимениот факултет при Меѓународниот балкански универзитет студираат 441 лице.

Тоа значи дека на сродни медицински науки и високи медицински школи во земјава студираат дополнителни 2.278 студенти.

ДЗС неодамна објави и дека на медицинските факултети во Македонија лани дипломирале 879 студенти, најмногу на Тетовскиот универзитет.

Според податоците на Државниот завод за статистика, добиени врз основа на пристигнатите извештаи, во Македонија, во академската 2022/2023 година се запишале вкупно 53.821 студент, што претставува зголемување за 4,2% во однос на академската 2021/2022 година.

Бројот на запишани студентки е 30.969 или 57,5%.

Најголем број студенти (77,7%) се запишале на државните високообразовни установи, додека 22,3% се запишале на приватните високообразовни установи.

На прва година на студии, во оваа академска година, се запишале 15.097 студенти или 28,1% (тука се опфатени и студентите што запишуваат прва година по втор, трет и повеќепати).

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование