X
 16.08.2016 Образование

Насоката Инженерство на материјали и нанотехнологии на ТМФ ја буди имагинацијата и креативноста кај студентите


 
Една од најпопуларните студиски програми на Технолошко-металуршкиот факултет при Универзитетот “Св.Кирил и Методиј” во Скопје е Инженерство на материјали и нанотехнологии. И годинава, раководството на ТМФ очекува голем интерес за упис токму на оваа студиска програма. Таа е дел од а активностите за модернизирање на студиските програми на факултетот од септември 2013 година.

- Оваа студиска програма ги покрива како материјалите во постоечките производни капацитети и индустрии, така и оние кои се произведуваат во новите високо-технолошки фабрики кои се дел од новите инвестиции што доаѓаат во државата. Големата заинтересираност на младите средношколци за новите теми кои ги нуди оваа програма (изразена преку републичкиот наптревар организиран од ТМФ под покровителство на МОН) само потврдува дека откривањето на светот на нанотехнологиите и наноматеријалите е голем предизвик за нив. Оваа насока ќе овозможи развивање на имагинацијата на младите инженери за нови примени на наноматеријалите. Уште еднаш младите покажуваат дека добрата мотивација од светски актуелни и иновативни подрачја е неопходна за да се разбуди нивната љубопитност и креативност, и вредно се зафатат во исполнувањето на своите идеи - велат од ТМФ.

Технолошко-металуршки факултет со оваа насока за Инженерство на материјали и Нанотехнологии ги нуди сите можности и за стекнување на неопходните вештини и квалитети од областа на менаџментот и информатиката кои еден модерен инженер/дизајнер и менаџер треба да ги поседува. Оваа студиска програма ги подготвува студентите за преземање на водечката улога во високо-технолошките капацитети како и во традиционалните индустрии кои исто така работат со некои материјали на нано ниво. Програмата е флексибилна, покрај задолжителните предмети нуди широка лепеза на изборни предмети кои ќе допринесат во потесното специјализирање на новите инженери.

Што е нанотехнологија?

Нанотехнологија или нанотехника е научна дисциплина која се занимава со контролирањето на материјата на атомска или молекулска скала. Нанотехнмологијата обично се занимава со конструирање на структури кои имаат големина до околу 100 нанометри во една насока, и со развојот на материјали и уреди на таа големина. Нанотехнологијата оперира на многу различни начини, почнувајќи со конвенционалните физички пристапи на контролирање на димензијата (мелење, употреба на ласери) па се до нови хемиски методи врз основа на молекуларна самоуправа. Нанотехнологијата ги подобрува соларните ќелии и го намалува трошокот за нивното производство и нивната инсталација.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование