X
 31.08.2022 Живот

Енергетска криза: Како земјите се борат против зголемувањето на цените

Германија неодамна ги претстави мерките за намалување на потрошувачката на енергија бидејќи сушите, топлотните бранови, пандемијата и војната го носат светот кон глобална енергетска криза. Но, зголемените трошоци за енергија го допреа речиси секој агол на планетата, а Германија не е единствената земја што смисли креативни начини да се справи со тоа.

Ова се неколку начини на кои владите се обидуваат да го решат овој проблем.

Европа се соочува со највисоките цени на енергијата во светот бидејќи Русија го ограничи снабдувањето со природен гас преку гасоводот Северен тек 1.

Така, борбата против прекумерното трошење електрична енергија стана приоритет за сите европски влади.

Ограничување на греењето и климатизацијата


ЕУ започна план за намалување на потрошувачката на гас за 15 отсто оваа зима и нејзините резерви на природен гас да достигнат 80 отсто до 1 ноември. Германија, Франција и Шпанија воведуваат правила кои го ограничуваат греењето во јавните згради на 19 Целзиусови степени во текот на зимата. Франција и Шпанија, пак, воведоа минимални температурни ограничувања за климатизираните згради во лето, на 26 и 27 Целзиусови степени. Продавниците со климатизација во Франција, исто така, ќе мора да ги држат своите врати затворени или ќе се соочат со казни до 750 евра.

- Едноставните чекори, како што е намалувањето на греењето за неколку степени во Европа, можат да ја заштедат истата количина на природен гас што ја добиваме преку гасоводот Северен тек 1 во текот на зимата - тврди Меѓународната енергетска агенција.

Исклучување на светлата

Германија соопшти дека јавните згради и спомениците навечер нема да бидат осветлени, додека во Шпанија светлата на излозите мора да се исклучат по 22 часот.

Франција смета дека нејзините мерки можат да ја намалат потрошувачката на енергија за 10 отсто. Земјата не се потпира на руски гас во иста мера како Германија, бидејќи 42 отсто од нејзиното снабдување со енергија доаѓа од нуклеарна енергија.

Но, топлотните бранови и сушите влијаат врз механизмите за ладење во неколку нуклеарни централи, принудувајќи ги да го намалат производството.

Повикување на дождот


Кина се соочува со поинаков вид енергетска криза. Иако нејзиното снабдување со нафта и гас од Русија не беше толку сериозно погодено од војната, земјата беше погодена од големи горештини и суша. Тоа доведе до пресушување на реките, што драстично се одрази врз хидроенергетскиот сектор.

Во провинцијата Сечуан, која добива 80 отсто од својата енергија од хидроцентрали, регулаторите ги принудија фабриките да затворат шест дена за да ја намалат потрошувачката на енергија, а на канцелариите и продавниците им беше наредено да ги исклучат светлата и климатизацијата.

Министерот за земјоделство ги објави плановите за „сеење облаци“, ослободување хемикалии во облаците за да се стимулира дождот, но не се објавени детали за тоа каде точно ќе се случи тоа.

ветер
Фото: Freepik

Пократка работна недела

И Пакистан излезе со иновативни начини за заштеда на енергија.

Во јуни земјата објави дека ќе ја намали работната недела во владините канцеларии од шест дена на пет иако пред само неколку месеци, кога новата влада стапи на должност во Исламабад, најави зголемена владина ефикасност.

Само неколку недели подоцна температурите достигнаа 50 Целзиусови степени во Пакистан, оптоварувајќи ја националната електрична мрежа.

Зголемените глобални цени на енергијата ги влошија работите, а сега се разгледуваат плановите владините службеници да работат од дома во петок.

Распуст на училиштата

Слични мерки спроведе и Бангладеш. Училиштата ќе бидат затворени уште еден ден неделно - во петок. Работното време на државните службеници е намалено за еден час дневно.

Бангладеш зависи од увозот на течен природен гас, една од најскапите форми на гориво.

Ова значи дека треба да се натпреварува со многу побогати економии во Европа за да го снабдува.

paneli
Фото: Freepik

Преминување на нуклеарна енергија

Во некои земји растот на трошоците за енергија доведе до враќање на фосилните горива.

Количината на јаглен увезена од Индија достигна рекорд во јуни, и покрај плановите на претходната влада да го намали увозот на јаглен. Но, земјите разгледуваат и други опции.

По единаесетгодишна пауза по катастрофата во Фукушима, Јапонија размислува за инвестирање во нови нуклеарни централи и реактивирање на неактивни реактори.

Соларни панели


Оваа криза може да послужи и како огромен поттик за обновливите извори на енергија. Франција планира да го зголеми производството на енергија од ветер, а Јужна Африка и Кина ги охрабруваат компаниите и обичните граѓани да инвестираат во соларни панели на покривите, дефинирајќи правила и ценовници за да им овозможат на луѓето да ја продаваат енергијата назад во мрежата.

Извор: ВВС
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот