Англиски јазик и книжевност

КАТЕДРАТА ЗА АНГЛИСКИ ЈАЗИК И КНИЖЕВНОСТ бележи постојан развиток и подем, како во однос на нејзиното кадровско екипирање со стручен и специјализиран научен кадар, развивањето, проширувањето и усовршувањето на наставата и наставните содржини преку воведување нови предмети, насоки, студии под "Б" и постдипломски студии, така и во однос на афирмирањето на македонската англистика како дисциплина која значајно придонесува не само за афирмацијата на англискиот јазик и книжевностите пишувани на него кај нас, туку истовремено ги збогатува и афирмира достигањата на македонскиот јазик, македонската книжевност и култура во светот.

Почетоците на Катедрата за англиски јазик и книжевниост датираат од 1950 година кога на Филозофскиот факултет се формира Лекторат по англиски јазик чиј прв лектор е Даринка Арсова. Во 1958 година овој Лекторат прераснува во Отсек за англиски јазик и книжевност во рамките на Катедрата за германистика. Дури во 1964 година овој Отсек се осамостојува и станува Катедра за англиски јазик и книжевност.

Отсекот за англиски јазик и книжевност фактички започнал со работа во февруари 1958 година со вкупно 60 студенти. Основачи на Отсекот се Мира Шуњиќ од Загреб, лекторот Даринка Арсова и првиот роден говорител од Велика Британија Џејмс М. Лич. Во почетокот на 1960 година на Отсекот се вработуваат асистентките Лидија Арсова која држи јазични вежби, и Иванка Ковиловска која држи вежби по книжевност, а кон крајот на 1961 година како асистент по јазик се вработува Владимир Цветковски, и во 1962 година, како лектор, Велко Силјановски. Прв гостин - предавач од САД е реномираниот американски писател Сол Белоу кој за професорите и студентите по англистика држи предавања во пролетта 1960 година. Со доаѓањето на проф. Сејмор Грос од Универзитетот "Нотр Дам" во САД кој предава Американска книжевност започнува долгогодишната грижа на американските институции и фондации "Форд" и "Фулбрајт" за унапредување на наставата по американска книжевност и подоцна и по американски студии на Катедрата. Прв хонорарен библиотекар е Евка Подолешова.

Паралелно со функционирањето на Отсекот, т.е. Катедрата за англиски јазик и книжевност од 1964 година, се одвива и процесот на стручното усовршување на нејзиниот кадар (во земјата и во странство). Прв шеф на Катедрата до пензионирањето е вон. проф. Мира Шуњиќ. Во октомври 1964 година на Катедрата, како асистент по англиска книжевност, се вработува Љубица Тодорова, а од крајот на 1965 година, како втор британски лектор се вработува Греам Рид. Со вработувањето на Александрина Нанова во 1967 година, започнува и процесот на обезбедување на квалитетен соработнички кадар од сопствената средина.

Треба да се посочи дека и покрај зафатеноста со настава и сопственото стручно и научно усовршување, членовите на Катедрата, уште во првичниот период на нејзиното постоење, воспоставуваат интензивни контакти и добра соработка со други англистички катедри преку разновидни форми како гостувања со предавања, размена на информации и публикации, учество на конференции, советувања и научни собири, семинари, нагледни предавања и натпревари по странски јазици и слично. Почетокот на 70-тите години се особено значајни за понатамошниот развој и подемот на Катедрата кога на неа се вработува проф. д-р Светозар Бркиќ, еминентен англист кој претходно предавал на Универзитетите во Белград и во Нови Сад. Белег на 70-тите години е стекнувањето повисоко научни звања на Катедрата, објавување на првите учебници за одделни курсеви, како и проширување на дејноста на катедрата. Во 1973 година со звањето доктор на науки се стекнува Владимир Цветковски кој е првиот англист од базичното јадро на Катедрата со ова високо научно звање, а во 1977 година Катедрата го дава првиот доктор од областа на книжевните науки - Иванка Ковилоска Попоска.

Првиот учебник од областа на англистиката "GenerativeSyntaxinTheoryandPractice", во издание на Универзитетот во Скопје, во 1977 година е дело на проф. д-р Олга Мишеска - Томиќ. Во учебната 1981/82 година со воведување на повеќе нови предмети на Катедрата почнува настава по две насоки: преведувачка и наставна.

Во учебната 1986/87 година по укинувањето на групите по странски јазици на Педагошката академија во Скопје, започна наставата по англиски како странски јазик за другите, т.е. нематични факултети, со што се обезбеди квалитетна настава по англиски јазик во функција на струката за останатите факултети во составот на Универзитетот. Во учебната 1990/91 година поради големиот број студенти и извесни поповолни кадровски можности Катедрата организира посебна настава за студентите кои студираат англиски јазик и книжевност како втор главен предмет односно под "Б", а подоцна во 1997 година се воведуваат и американски студии под "Б". Катедрата со свое мислење и сугестии се вклучува во реализацијата на иницијативата на Британскиот совет за отварање на центар, односно читална во Македонија во рамките на НУБ "Свети Климент Охридски". Во учебната 1992/93 година на Факултетот започнуваат заедничките постдипломски студии за Катедрите по странски јазици, јазиците на националностите и компаративна книжевност, а подоцна Катедрата за англиски јазик и книжевност организира посебно постдипломски студии по книжевност, како и постдипломски студии по јазик. Во тие рамки за дипломираните студенти по англистика се отвара нова можност за понатамошно стручно и научно усовршување. На иницијатива на Британскиот совет во октомври 1994 година Катедрата склучува договор со цел инаугурирање и воведување на Британски културолошки студии како студии под "Б" кои започнуваат да функционираат на Катедрата во 1998 година со доаѓањето на визитинг професорот, д-р Џон Хил.

Стручната и научна дејност на членовите на Катедрата за англиски јазик и книжевносте е разновидна и богата, а за својот ангажман и постигнати резултати одделни членови имаат добиено награди и признанија. Катедрата е членка на следните меѓународни здруженија: - ESSE (EuropeanSocietyfortheStudyofEnglish) - MALA (MacedonianAppliedLinguisticsAssociation) Искажаните сознанија и посочените показатели за обемната и богата дејност на Катедра за англиски јазик и книжевност говорат за патот што го изоде таа од основањето до денес; за нејзиниот скромен почеток, за тешкиот, макотрпен, но упорен од и растеж - до денешниот нејзин подем.

Актуелни проекти што се работат на Катедрата - ТЕМПУС проект за стручно усовршување на наставен кадар за изведување настава по преведување и толкување во рамките на новите студии за преведување и толкување кои ќе започнат на Филолошкиот факултет во учебната 2001/02 година; Координатор за англиски јазик од 2000 година: доц д-р Драги Михајловски

- ECML : "CulturalMediationinForeignLanguageTeaching", multy-countryproject Раководител на пот-проектот: "CulturalMediationinTeaching - LearningMaterials", проф. д-р Екатерина Бабамова