Италијански јазик

Италијанскиот јазик на Филолошкиот факултет Блаже Конески се изучува повеќе од 50 години наназад. Најпрвин во рамките на Катедрата за романски јазици и книжевности, а од 2010 на посебната Катедра за италијански јазик и книжевност. Конституирање на студиите по италијанистика и обезбедување на кадарот.

Веќе подолг период на Филолошкиот факултет со успех се организираат додипломски студии по Италијански јазик и книжевност, на двете насоки: наставна и преведувачкo-толкувачка. Претходно, почнувајќи од 1959 година, беа организирани најпрвин двегодишни, а потоа од 1977/78 година и тригодишни студии (придружени со настава по италијанска книжевност и граматика), благодарение на ангажманот на десетина странски лектори, на неколкумина визитинг професори од Италија, од Белград и од Софија, како и на последователното вработување на домашни наставници. Прв лектор по италијански јазик била Катја Младинео од Филозофскиот факултет во Загреб, која морала да се врати во Загреб на почетокот од 1961 година. Заради тоа Филозофскиот факултет го примил за лектор по италијански јазик професорот Наум Китановски, кој во меѓувреме се специјализирал за овој јазик на универзитетите во Сиена и Перуџа. Тој држел предавања сè до 1969, кога заминал на местото лектор по македонски јазик на Ориенталниот универзитет во Неапол, Италија. По заминувањето на професорот Китановски, курсевите по италијански јазик и книжевност биле доверени на лекторот Винченцо Манкузо се до 1975. По истекувањето на неговиот договор, Манкузо бил заменет од лекторот Аугусто Фонсека, кој дал значителен придонес во развојот на италијанистиката на нашата Катедра, а за овие свои заслуги минатата година беше прогласен за почесен доктор на УКИМ. Со оглед на зголемениот интерес за студиите по италијански јазик, Катедрата за романски јазици во 1987 година ја вработила Александра Саржоска како асистент по италијанска граматика и книжевност.

Исто така, треба да се спомене и придонесот на наставниците од Катедрата за романски јазици и книжевности, т.е. од Групата за француски јазик и книжевност, кои преку својот долгогодишен наставен ангажман значително придонесоа за развојот на Студиската група (денес Катедра) за италијански јазик и книжевност. Неопходно е да се споменат и неколку еминентни визитинг-професори од Катедрата за италијанистика на Филолошкиот факултет од Белград, како што се професорите Стипчевиќ, Туркони и Стевиќ, заради нивниот огромен придонес во активирањето на споменатите курсеви на нашиот Факултет, преку предавањата на јазичните и книжевните материи се до вработувањето и доусовршувањето на квалификувани доценти.

На зголемениот интерес кој го покажале студентите за италијанскиот јазик, нашата катедра излегла во пресрет со вработувањето на лекторката Лучана Гвидо-Шремпф, која во текот на сите овие години секогаш покажувала значајна заложба и посветеност во предавањето на италијанскиот јазик и култура. Потоа следува вработувањето на лекторката Љиљана Узуновиќ, која исто така игра важна улога во развојот на изучувањето на италијанскиот јазик на нашиот факултет. Освен Филолошкиот факултет и други факултети изразија желба да воведат курсеви по италијански јазик за нивните студенти. Така, во 1995 е вработена лектор Радица Никодиновска, која најпрвин била задолжена да предава италијански јазик на Факултетот за филозофија, ликовна и драмска уметност, а потоа и современ италијански јазик на матичната катедра.

Се поголемиот интерес на студентите и нивниот зголемен број, иницираа отворање на четиригодишни додипломски студии по италијански јазик и книжевност во академската 1997/98 година. Благодарение на огромниот напор и енергија што ги вложиле вработените на Катедрата, Деканатот на факултетот како и првиот италијански амбасадор во Македонија, Фаустино Трони, којшто се насочил посебно кон решавањето на прашањето кое се однесувало на кадрите, успешно е реализиран стартот на споменатите додипломски студии. Тука е огромен придонесот и на тогашната лекторка Марија Маца, која уште од нејзиното доаѓање во 1996 (2001), се заложила за воведувањето на Додипломските студии по италијанистика. Меѓу другото треба да се истакне и заслугата на сега веќе починатиот професор Итало Бертони, редовен професор по италијанска книжевност, од Универзитетот во Џенова, кој бил задолжен за предавањата по италијанска книжевност; на професорот Рикардо Кампа, од Универзитетот во Сиена, визитинг професор по предметот италијанска цивилизација, професорката Нели Раданова од Универзитетот во Софија, визитинг професор по предметот италијанска граматика и проф. Жељко Ѓуриќ од Универзитетот во Белград, визитинг професор по италијанска книжевност.

Зголемениот интерес на студентите и континуирано добрата соработка со Италијанската амбасада во Скопје и амбасадорите Антонио Тарели, Џорџо Марини и Донатино Маркон, резултираше со одобрување на двајца странски лектори при Катедрата, а по таа основа на Катедрата работеле Лујза Федеричи, Ивано Кињола, Изабела Нена, Кристина Тулисо, Анџела Халербах и Ксенија Јелен. Неспорен е и продонесот на колегите од Катедрата за романски јазици, како што е професорот Алекса Поповски, за предметот методика на наставатa по италијански, професорот Петар Атанасов, за предметот историја на италијанскиот јазик и професорот Звонко Никодиновски, за предметите семантика и контрастивна анализа. Од 2002 на Катедрата е примена професорката Анастасија Ѓурчинова, одговорен наставник за предметите од областа на италијанската книжевност, која во повеќе мандати била и координатор на Студиската група по италијански во рамките на Катедрата за романски јазици и книжевности. Меѓу колегите, неопходно е да се спомене и вработувањето на Валентина Милошевиќ-Симоновска, лектор по италијански јазик и Руска Ивановска-Наскова, асистент по предметите италијанска граматика и информатичка лингвистика за италијански јазик. Сè до денес, наставниот кадар на италијанистика доживеа значајна професионална еволуција и денес брои 4 професори, еден асистент, двајца домашни лектори и двајца странски лектори. Согласно со тековните потреби, секоја учебна година се ангажираат и надворешни соработници и демонстратори за одделни наставни предмети. Во октомври 2009 година, со пригоден меѓународен научен собир беа одбележани 50 години од изучувањето на италијанскиот јазик на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, на кој беа сумирани искуствата од досегашната активност на Катедрата. За потребите на додипломските студии Катедрата редовно изготвува студиски планови и програми, одобрени и акредитирани од надлежните тела на Факултетот и Универзитетот. Студиската група за италијански јазик и книжевност со успех ја изведува наставата според ЕКТС програмите, а нејзините нови наставни планови подготвени според модуларниот систем веќе се применуваат во наставата од 2009/2010 година.

Број на студенти. Додипломските студии по италијански јазик и книжевност се меѓу најбараните и најпопуларните студии од страна на студентите на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Бројот на запишани студенти е континуирано висок и просечно се движи помеѓу 80 и 120 новозапишани студенти. Според податоците од службата за Студентски прашања бројот на новозапишани студенти во последниве шест години е околу 100 нови студенти секоја учебна година, што несомнено говори во прилог и на квалитетот на запишаните студенти. Студентите од оваа Катедра повеќе пати биле наградувани за својот одличен успех на ниво на Факултетот и Универзитетот, како и од меѓународни организации и асоцијации.

Досега од Катедрата за италијански јaзик и книжевност произлегле над 250 дипломирани италијанисти, кои успешно работат како професори по италијански јазик во средните училишта низ Републиката, во центрите за странски јазици, како и во голем број други институции, во својство на преведувачи и толкувачи од италијански на македонски јазик и обратно. Во последните податоци се споменуваат 4 основни училишта и 13 гимназии каде што е воведено изучувањето на италијанскиот јазик.

  • Магистерски и докторски. Катедрата за италијански јазик и книжевност e вклучена во изведувањето и на постдипломски, како и на докторски студии од соодветната научна област. Професорите од Катедрата редовно изведуваат настава и менторски работат со кандидатите за магистри и доктори на науки. Во моментов на нашиот факултет студираат седум постдипломци по италијанистика: пет на јазик и двајца на книжевност, а одобрени се за изработка и две докторски дисертации од областа на италијанската лингвистика. Катедрата за италијански јазик и книжевност е активно вклучена во новите постипломски и докторски студии што се отвораат на нашиот факултет.
  • Научноистражувачка дејност и проекти. Наставниците на Студиската група активно се занимаваат и со научноистражувачка дејност, континуирано усовршувајќи се во областа во која работат. Сите тие одбраниле магистерски и докторски трудови од областа на италијанистиката, објавиле поголем број монографии, трудови и статии од соодветната проблематика и со свои излагања учествувале на научни собири во земјата и во странство. Наставниците и соработниците на Групата со успех реализирале и двегодишен меѓународен истражувачки проект финансиран од програмата “Темпус”, под наслов New Curriculum Model for Italian Studies / Нов модел на курикулуми за италијанските студии (координатор проф.д-р Анастасија Ѓурчинова). Во рамките на проектот е реализирана интензивна размена на наставници и студенти со партнерски институции од универзитетите во Бари (Италија), Солун (Грција) и Ајштет (Германија), одржани се неколку научни симпозиуми, семинари и работни средби, при што се разменети скапоцени искуства во поглед на програмите за италијански студии и реформата на високото образование во Европа во согласност со Болоњскиот процес. Во тек е изработката на двегодишниот проект Интеркултурна комуникација: македонско-италијански јазични и книжевни врски, финансиран од Министерството за образование и наука на РМ, (раководител проф. д-р Анастасија Ѓурчинова), во кој се вклучени повеќе наставници и соработници на Катедрата. 
  • Меѓународна соработка. Групата има развиено активна и интензивна меѓународна соработка со повеќе универзитети во Италија и во соседните земји, како на пример со соодветните катедри на факултетите во Белград, Софија, Рим, Бари, Неапол, Загреб, Солун и др. Особено во првите години од нејзиното формирање, визитинг професори од овие универзитети изведувале голем дел од наставата на оваа Студиска група. Во соработка со Италијанската амбасада во Скопје и со Институтот Данте Алигиери, на Групата редовно се организираат гостувања на професори и истакнати имиња од италијанскиот културен и општествен живот. Со свои предавања за студентите на Групата за италијански јазик и книжевност гостувале проф. Рикардо Кампа (Универзитет во Сиена), проф. Итало Бертони (Универзитет во Џенова), проф. Нуло Миниси (Универзитет во Неапол), проф. Стипчевиќ, проф. Туркони, проф. Стевиќ и проф. Ѓуриќ (Универзитет во Белград), проф. Нели Раданова (Универзитет во Софија), проф. Франко Касано (Универзитет во Бари), поетот Едоардо Сангвинети, г-н Алесандро Мази (генерален секретар на здружението Данте Алигиери од Рим), г-н Ники Вендола (претседател на регионот Пулја), г-н Џузепе Ферара (филмски режисер), г-н Давиде Гритани (новинар), г-н Серџо де Никола (новинар на РАИ) и др. 
  • Во тесна соработка со Италијанската амбасада и неколку италијански универзитети, секоја година околу 30 студенти од Групата редовно добиваат стипендија за усовршување на италијанскиот јазик на курсеви во Италија. Студиската група за италијански јазик и книжевност, во соработка со Универзитетот во Сиена, ги изведува и испитите за добивање сертификат за познавање на италијанскиот јазик CILS, признаен во Италија. - Научни собири. Студиската група во последниве неколку години има организирано три меѓународни научни собири: во 2000, во 2007 и во 2009 година, на кои учествувале истакнати италијанисти од повеќе земји: 
  • 40 години лекторат по италијански јазик на Универзитетот "Св. Кирил и Методиј"-Скопје, ноември 2000 
  • Италијанските студии и европскиот систем на високо образование, февруари 2007 
  • 50 години италијански студии на Универзитетот "Св. Кирил и Методиј" – Скопје, октомври 2009 

Од симпозиумите во 2000 и во 2007 година се објавени соодветни Зборници на трудови во издание на нашиот Факултет, додека од симпозиумот во 2009 година, зборникот на трудови е прифатен од страна на Издавачкиот совет и се наоѓа во печат.
  • Простор и опрема. Наставата на Катедрата за италијански јазик и книжевност се изведува во амфитеатрите и просториите на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“. Како признание за успешното изведување на студиите по италијански јазик и книжевност, Владата на Република Италија, со посредство на Италијанската амбасада во Скопје, донираше изградба на Македонско-италијански мултимедијален центар, како посебно крило на Факултетот наменето исклучиво за наставата по италијанистика и за промоција на италијанскиот јазик и култура во Македонија. Центарот располага со мултимедијално опремена сала со 80 седишта (со опрема за видеопрезентации и видеоконференции, како и со систем за конференциски симултан превод), со три кабинети за наставниците, како и со простор предвиден за катедарска библиотека. Салата и кабинетите се веќе во употреба, а во моментов се опремува и просторот за библиотеката. Освен тоа, во рамките на Темпус проектот JEP18101-2003, реализиран од страна на Студиската група за италијански јазик и книжевност во периодот од 2005-2007 година, опремена е и компјутерската јазична лабораторија со 15 работни места и комплетна видео и сателитска опрема. 
  • Библиотека. Студиската група располага со солиден фонд од околу 3.000 италијански книги, речници, енциклопедии и различни методи за изучување на италијанскиот јазик, а претплатена е и на неколку италијански дневни и неделни публикации. Италијанските книги се компјутерски обработени и подготвени да бидат префрлени во засебен простор во новата италијанска библиотека, на горниот кат од Македонско-италијанскиот мултимедијален центар. 
  • Дидактички материјали – издавачка дејност. Наставниците од Студиската група имаат подготвено и издадено неколку монографски студии, учебници и прирачници усогласени со студиската програма по предметите: граматика на италијанскиот јазик, италијанска книжевност, методика на италијанскиот јазик, преведување од италијански и сл. Сите тие се изданија на нашиот Универзитет:

  1. Синтакса на италијанскиот јазик – од Нели Раданова и Александра Саржоска – Скопје: Филолошки факултет "Блаже Конески", Темпус проект, 2007
  2. Италијанската книжевност од XIII до XVI век – историски преглед, текстови и коментари, од Анастасија Ѓурчинова и Лилјана Узуновиќ; Скопје: Филолошки факултет "Блаже Конески", Темпус проект, 2007
  3. Настава на италијанската фразеологија, од Радица Никодиновска; Скопје: Филолошки факултет "Блаже Конески", 2009
  4. Дидактика и евалуација на преведувањето од италијански јазик на македонски и обратно од Радица Никодиновска; Скопје: Филолошки факултет "Блаже Конески", 2009
  5. Италијанската книжевност во Македонија, од Анастасија Ѓурчинова, Скопје: Институт за македонска литература 2001
  6. Италијанизмите во македонскиот јазик од Александра Саржоска – Скопје: Филолошки факултет "Блаже Конески", 2009

Издавачката дејност на Групата ги опфаќа и следниве зборници на трудови од симпозиуми:

  • Зборник на трудови од научниот собир 40 Години лекторат по италијански јазик на Универзитетот "Св. Кирил и Методиј" – Скопје: Филолошки факултет "Блаже Конески", 2001 / Atti del Convegno di italianistica 40 Anni di lettorato di italiano all’Università "Santi Cirillo e Metodio" – Skopje: Facoltà di filologia "Blaze Koneski" - Skopje; a cura di Petar Atanasov, 2001
  • Зборник на трудови од четирите семинари одржани во рамките на Темпус проектот: Tempo d’incontri – Atti dei seminari "Tempus", JEP I8IOI – 2003, a cura di Anastasija Gjurcinova e Vanna Zaccaro, Skopje: Università "Ss. Cirillo e Metodio" di Skopje, Facoltà di filologia "Blaze Koneski", 2007