Македонска книжевност и јужнословенски книжевности

Кога се зборува за Катедрата за македонска книжевност и јужнословенски книжевности не може уште во почетокот да не се рече дека таа има темелничка улога во создавањето на македонската книжевна наука. Катедрата и до денес останува не само примарен создавач на нови наставно-научни кадри во оваа област, туку и еден од водечките континуирано обновувани кругови на овој сегмент од македонската наука. Но за неа сега и овде треба да се проговори со фактографија без иконографија, односно да се реконструира мигот на нејзиното основање и, ако не може поинаку, тогаш нејзиниот развој и актива да се претстават барем како таблоиден кроки од неколку десетици дејствени и креативни персонални присуства во текот на шесте изминати децении. Така е, имено, бидејќи портретирањето на нејзиниот шеесетлетен, динамичен и богат итинерар е незамисливо, особено без претставувањето на персоналните појави и учества.

Катедрата за македонска книжевност и јужнословенски книжевности својата дејност, најпрво како Семинар за историја на книжевностите на народите на Југославија, ја започнува во 1946 година. Односно, таа е една од првите наставно-научни единици на Филозофскиот факултет, формиран со Решение на Владата на Народна Република Македонија од 29 ноември 1946 година. Почетокот на нејзината дејност е почеток и на работата на Факултетот. Тоа е на 16 декември истата година, кога нејзиниот прв шеф д-р Харалампие Поленаковиќ, кој ја имаше започнато својата универзитетска кариера уште во 30-тите години како асистент на меѓувоениот Филозофски факултет во Скопје, а тогаш избран за вонреден професор, држи предавање за словенските првоучители, светите Кирил и Методиј. Оваа наставно-научна единица на Факултетот, која со реорганизацијата од 1949/ 50 година прерасна во Катедра, тој ќе ја раководи уште доста време и понатаму.

Во најраниот период од работата на Катедрата за македонска книжевност и јужнословенски книжевности наставата била отежната поради немањето доволно соодветни наставни кадри. Испитите се изведувале во два дела, групирани според временската и тематската соодветност. Наспроти тоа, значајни се научните екскурзии, изведувани под раководство на проф. Поленаковиќ, во чии рамки наставниците и студентите патуваат низ Македонија, го оформуваат и го збогатуваат ракописниот и книжниот фонд на библиотеката при Катедрата. Персоналниот состав на Катедрата во раните години е малуброен. Покрај проф. д-р Харалампие Поленаковиќ, кој предава јужнословенски книжевности од IX до XVIII век, на самиот почеток тука е уште и проф. д-р Фран Петре, кој во рамките на општиот предмет историја на книжевностите на југословенските народи е ангажиран и како наставник за книжевностите на Југославија XIX век, за најновата книжевност кај Словенците и др. Веќе во втората или во третата година, во работата на Катедрата се вклучува проф. д-р Димче Левков, кој предава нова српска книжевност, а од 1950 година и Димитар Митрев, најпрво како предавач, а понатаму како доцент и професор по теорија на книжевноста со осврт на светска книжевност. Во тие рани години по формирањето на Катедрата, како еден од првите дипломирани студенти, во 1950 година за асистент по предметот македонска книжевност XX век е примен Александар Спасов. По неколку години, поточно во 1954, како асистент при Катедрата е ангажиран и Драган Тодоровски. Наставничкиот колегиум при Катедрата подоцна се проширува и со веќе докторираниот Кирил Пенушлиски.

Понатамошното и долготрајно персонално комплетирање на Катедрата за македонска книжевност и за јужнословенски книжевности е овозможено пред сé преку докторирањето на нејзините нови кадри, кои потоа добиваат наставно-научни звања и се ангажираат на соодветни наставни предмети, со што се намалуваат обврските на првоизбраните наставници. Прв реализиран докторат, и тоа не само на Катедрата, туку и на Факултетот воопшто, е на Кирил Пенушлиски. Тој докторира во 1956 година на тема Стефан Верковиќ како собирач на македонски народни умотворби, па најпрво хонорарно, а од 1960 година, кога беше избран во вонреден професор, беше и редовно ангажиран како наставник по народна книжевност. Неколку години подоцна, поточно во 1959 година, на тема Рајко Жинзифов - живот и книжевна дејност, докторира и Александар Спасов, кој потоа, освен со македонска книжевност XX век, беше ангажиран и со наставата по нова словенечка книжевност. Во почетокот на 60-тите години, односно веќе од 1961 година, Катедрата е подмладена и со Георги Сталев Поповски, кој својата универзитетска кариера ја започна како асистент по македонска книжевност - XIX век. Истата година, како предавач по методика на наставата по книжевност е ангажиран Мирко Павловски. Во 1965 година, Катедрата се стекнува со двајца нови доктори на филолошки науки. Тоа се Драган Тодоровски, кој докторира на тема Веда Словена и нејзините мистификатори и Георги Сталев Поповски, кој докторира на тема За македонскиот верс. Тодоровски потоа е избран за вонреден професор по нова хрватска книжевност, а Сталев Поповски за доцент по современи југословенски книжевности.

Како резултат на нагорноста во својот развоен процес, во периодот од 1960 до 1970 година на Катедрата за македонска книжевност се прифаќаат уште и Томе Саздов како асистент по народна книжевност, Надежда Момировска како асистент по теорија на книжевноста со осврт на светската книжевност и Вера Стојчевска - Антиќ како асистент по средновековна книжевност. Тие на наставнонаучен план се унапредуваа по нивното докторирање. Томе Саздов докторира во 1969 година на тема Марко Цепенков како собирач на македонските народни умотворби, Надежда Момировска докторира во 1973 година на тема Спецификата, творечката особеност и литературно-драматуршката еволуција на Васил Иљоски, а Вера Стојчевска - Антиќ во 1974 година на тема Литературните текстови во „Тиквешкиот зборник” и нивниот одраз во народното творештво. Доцентурата на Саздов се реализира на предметот југословенските книжевности од XV до XVIII век, а на Нада Момировска и на Вера Стојчевска - Антиќ на предметите на коишто беа првоизбрани. Следејќи ја таа прогресивна развојна скала, забележуваме дека во почетокот на 70-тите години, на Катедрата за македонска книжевност се примени нови асистенти. Тоа се Томислав Тодоровски и Фанија Попова, кои се избрани од редот на првите слушатели на тогаш (во 1970/71 учебна година), востановените подипломски студии од областа на македонската книжевност. Востановувањето настава од III степен (подипломски студии) претставува крупен чекор во развојот на Катедрата, а особено во нејзиното држење чекор со иновациите во високото образование. Подипломските студии се резултат на институционално организираниот процес во создавањето и развојот на младите научни кадри за потребите на Катедрата, односно за потребите на книжевната наука во Македонија. Тоа е постапно и систематско подготвување на младите наставно-научни кадри, односно еден вид институционализирана претподготовка пред докторатот. Томислав Тодоровски и Фанија Попова се и првите магистри на Катедрата. Во јануари 1975 година тие ги бранат своите магистерски трудови: Тодоровски за Изучувањето на Рациновата поезија во средните училишта во СР Македонија, а Попова за Мотивот на родоскрвната љубов во народната поезија на југословенските народи.

Во втората генерација постдипломци по македонска книжевност слушатели се Атанас Вангелов, асистент по нова хрватска книжевност, примен во 1973 година, и Нада Петковска, асистент по македонска книжевност - XX век, примена во 1975 година. И двајцата магистрираат во рокот одреден со закон - Вангелов на тема Артизмот во современата македонска поезија, а Петковска на тема Македонската драмска литература во периодот од 1960 - 1974 година - преглед и карактеристики. Во февруари 1976 година, колективот на Катедрата го изгуби професорот Димитар Митрев, кој почина на должноста Ректор на Универзитетот „Кирил и Методиј”. Работата на предметот теорија на книжевноста со осврт на светската книжевност ја презеде доц. д-р Надежда Момировска. Паралелно со унапредувањето на постојниот наставен кадар, веќе при крајот на 70-тите години се отвораат можности и за нови вработувања на Катедрата. Во овој период како помлади асистенти се приклучуваат Виолета Пирузе - Тасевска за нова српска книжевност и Ванчо Тушевски за македонска книжевност - XIX век - и двајцата од третата генерација подипломци по македонска книжевност. На таа генерација ú припаѓа и Науме Радически, кој е приправник-стажант при Катедрата во учебната 1978/79 година, а за помлад асистент е избран од март 1981 година. На планот на персонално-кадровските промени во Катедрата за македонска книжевност во почетокот на 80-тите години најзабележливо е брзото, а во некои случи и прераното пензионирање на професорите Харалампие Поленаковиќ, Димче Левков, Кирил Пенушлиски, Александар Спасов и Мирко Павловски. По заминувањето во пензија на професор Поленаковиќ, македонска книжевност – XIX век предава проф. Драган Тодоровски, за нова српска книжевност е примен Миодраг Друговац, најпрво како предавач (1982 година), а по докторирањето во септември истата година на тема Литературно-критичкото и естетичкото дело на Димитар Митрев, е избиран во повисоки наставни звања. Томислав Тодоровски, пак, кој по докторирањето во 1980 година на тема Кузман Шапкарев - живот и дело, беше избран за доцент по методика на наставата по книжевност, беше преизбран на македонска книжевност XX век. Поради, нарушените персонални состојби со пензионирањата, но и поради новите наставни потреби, во почетокот на 80-тите години, во звањето предавачи се избрани магистрите-асистенти Атанас Вангелов за нова хрватска книжевност, Фанија Попова за југословенските книжевности од XV до XVIII век, а Нада Петковска за југословенските книжевности од XIX и XX век. По докторирањето на тема Семантичките фигури во македонската народна лирика во 1984 година, Вангелов беше избран за вонреден рофесор на истиот предмет, Попова по одбраната на докторската дисертација за Македонска народна балада, исто така во 1984 година, беше избрана за доцент на истиот предмет, а Петковска по докторирањето во 1987 година на тема Драмското творештво на Коле Чашуле, беше избрана за доцент по нова словенечка книжевност.

Во почетокот на 80-тите години за помлад асистент по современи југословенски книжевности е избран Науме Радически, кој по магистрирањето во ноември 1981 година на тема Литературно-теоретските и критичките погледи во творештвото на Димитар Митрев е избран за асистент на истиот предмет. Во декември 1981 година, на тема Јоаким Крчовски и изворите на некои од неговите дела, магистрира Ванчо Тушевски, кој потоа е избран за асистент по македонска книжевност XIX век. На тема Митови и митолошки елементи во македонските народни приказни, во март 1984 година магистрира и Виолета Пирузе - Тасевска и беше избрана за асистент по нова српска книжевност. Новонастанатите состојби придонесуваат да се отвораат и нови работни места, па како наставници се ангажираат Атанас Николовски за методика на наставата по книжевност и Слободан Мицковиќ за југословенските книжевности од IX до XX век. Во текот на 80-тите години како помлади асистенти при Катедрата се вработуваат: за средновековна книжевност, Добрила Миловска (од 1983 година), за теорија на книжевноста и за преглед на светската книжевност, Јадранка Владова (од 1984 година), за народна книжевност, Нина Анастасова - Шкрињариќ (од 1986 година), за методика на наставата по книжевност, Виолета Димова (од 1987 година) и Венко Андоновски како стажант-приправник по нова хрватска книжевност од 1988 година. По нивните магистрирања на теми од областите за кои се ангажирани, односно и според горниот редослед: Ѓорѓи Кратовски во книжевната и народната традиција, Расказот во македонската книжевност во периодот 1945 - 1955 година, Собирачкото дело на Панајот Гиноски и Методиката на романот во средното училиште, тие се унапредувани, односно избирани во асистентски звања. При крајот на 1989 година, Ванчо Тушевски докторира на тема Јордан Хаџи Константинов - Џинот - живот и дело, а веќе во текот на наредната година е избран за доцент по македонска книжевност XIX век.

Наспроти евидентното намалување на бројот на нејзините членови, на почетокот од 90-тите години Катедрата за македонска книжевност и за јужнословенски книжевности влегува во една своја евидентно нова развојна фаза. Се случуваат важни промени во растежот и во еволуцијата на Катедрата, која настојува да го сочува своето дотогашно високо реноме. По промените што се наметнаа со распадот на СФР Југославија, таа од Катедра за историја на книжевностите на народите на СФРЈ е преименувана во Катедра за македонска книжевност и јужнословенски книжевности, со што го задржа својот карактер на национална катедра при Факултетот. На планот на индивидуалните развојни промени на нејзините членови се забележува дека во јануари 1990 година докторира Науме Радически со теза за Македонија во книжевностите на другите југословенски народи, а на почетокот од учебната 1990/91 година е избран за доцент по современи јужнословенски книжевности. Во 1991 година докторира Виолета Пирузе – Тасевска со тема за Тематските и идејно-естетските приближувања и спротивности на романтизмот во српската и во македонската литература и е избрана за доцент по нова српска книжевност.

Во првата половина од 90-тите години, Катедрата за македонска книжевност како пензионери ја напуштаат професорите Драган Тодоровски (во 1992 година) и Надежда Момировска (во 1993 година). Наставата по македонска книжевност – XIX век целосно ја презеде д-р Ванчо Тушевски, а за теорија на книжевноста е избран д-р Атанас Вангелов. Јадранка Владова, по нејзиното докторирање со тезата Говорот и стилот во поезијата на Гане Тодоровски во 1996 година, беше избрана за доцент по преглед на светската книжевност и книжевност за деца. Набрзо, веќе во следните неколку години, се пензионираат уште и Миодраг Друговац, Атанас Николовски и Георги Сталев Поповски, а наставата на истите предмети ја преземаат претходно избраните помлади кадри од Катедрата. Во ова време, поточно во 1992 година, на тема Симболски конфигурации во поетскиот текст, магистрира Венко Андоновски и е избран за асистент по нова хрватска книжевност. По четири години, во1996, докторира на тема Структурата на македонскиотреалистички роман и е избран во доцент поистиот предмет. Во 1990 година, својата наставнонаучна кариера при Катедрата како помлад асистентја започнува Весна Мојсова - Чепишевска. Таабеше избрана за македонска книжевност - XX, а магистрира во 1996 година со трудот за Рациновото уметничко творештво на српскохрватски јазик. Како помлад асистент по нова словенечка книжевност во 1995 година на Катедрата ú се приклучува Јасна Котеска, која во 2000 година го одбрани магистерскиот труд на тема Постмодернистичкиот расказ во словенечката и во македонската проза. Кристина Николовска во истото време (1995 година) е примена како асистент при Катедрата, кога и магистрира на тема Метафората на припадност во современата македонска поезија.Поради неповолните економски состојби во земјата, во втората половина од 90-тите години наполно замира процесот на персоналното обновување. По повеќе години, како член на Катедрата, во 2003 година е вклучена Ангелина Бановиќ - Марковска, која пред тоа работи како библиотекар при Катедрата, а магистрира во 1999 година на тема Ликови-антагонисти (структура и функции), па и докторира во рамките на оваа наставно-научна единица на Филолошкиот факултет. Наспроти несоодветните услови, евидентните резултати што ги покажуваат членовите на Катедрата за македонска книжевност се изразени на многу рамништа како во работата на Факултетот, така и надвор од него. Еден од тие показатели, секако, е и фактот што само во една календарска година (2002) дури шестмина помлади членови од оваа катедра одбранија докторски дисертации. Тоа беа: Виолета Димова, Нина Анастасова - Шкрињариќ, Весна Мојсова - Чепишевска, Јасна Котеска, Кристина Николовска и Ангелина Бановиќ - Марковска. За преокупациите и насоките на нивните научни преокупации не малку говорат темите на нивните докторски дисертации. Според редот на докторирање, односно според веќе посочениот ред на нивните имиња тоа се: Уметничкиот лик - предмет на наставната интерпретација; Македонската митолошка народна поезија (политеистички тенденции); Поетското творештво на Петре М. Андреевски; Моделите на женското писмо во современата македонска книжевност; Глаголската метафора во современата македонска поезија; Дијалогизмот како интертекстуален феномен во современите јужнословенски литератури. Тој резултат, постигнат во време кога нема скоро никакви кадровски подновувања, ја доведе Катедрата во состојба сите нејзини членови да се со докторски титули, да нема ни еден магистер и ни еден асистент. Во такви околности, во март 2006, за помлад асистент по народна книжевност е избран подипломецот Трајче Стамески. Но ретките кадровски подновувања во последниве десетина години воопшто не ја подобруваат состојбата, бидејќи покрај заминувањето во пензија уште на неколкумина наставници од Катедрата (Томе Саздов, Слободан Мицковиќ, Томислав Тодоровски, Вера Стојчевска - Антиќ) и покрај заминувањето на друго работно место на Нада Петковска, односно заминувањето на Атанас Вангелов во дипломатска мисија, за мошне кусо време Катедрата ги изгуби уште и Јадранка Владова (декември 2004) и Ванчо Тушевски (октомври 2006).

Наспроти не секогаш задоволувачките погодности, во текот на изминативе шест децении членовите на Катедрата за македонска книжевност и јужнословенски книжевности, покрај разгранетата и богата наставна, развиваат и извонредно плодна научна дејност, како колективна, уште повеќе индивидуална. Повеќето од нив биле на стручни усовршувања и студиски престои или пак држеле предавања како визитинг-професори на поголем број реномирани универзитети во светот. Како наставниците, така и соработниците од оваа Катедра, секоја година, константно учествувале на голем број научни собири, како во земјата, така и надвор од нејзините граници, на кои ги презентираат резултатите од нивните истражувачки и аналитички преокупации. Особено забележливо е учеството на членовите на Катедрата на еден завиден број домашни и меѓународни научни собири. Така на пример, на Семинарот за македонски јазик, литература и култура, тие се забележуваат не само како учесници на научните дискусии, туку и како негови раководители, како членови или како претседатели на Советот, па како предавачи, лектори итн. Но така е и кога се во прашање и собири и манифестации како Струшките вечери на поезијата, Рациновите средби итн.

Катедрата за македонска книжевност и јужнословенски книжевности и самата често се јавува во улога на организатор на научни средби на кои се презентираат најновите научни резултати по одредени прашања на/ за книжевната наука. Меѓу позначајните научни собири во нејзина организација се оние што беа организирани по повод десетгодишнината од смртта на Димитар Митрев (1986), Научниот собир по повод осумдесетгодишнината од раѓањето на Кирил Пенушлиски (1992), Научниот собир што се одржа по повод десетгодишнината од смртта на Харалампие Поленаковиќ (1994), Научниот собир за книжевното дело на Стале Попов (1996), со кој се одбележа триесетгодишнината од неговата смрт, Научниот собир по повод седумдесетгодишнината од раѓањето на Томе Саздов (2004), па на многубројни посебни средби,омажи итн. Резултатите од овие собири се објавуваатво посебни публикации. Тие публикации, конкои се приклучува уште и единствениот број насписанието Трудови, кое се појави во 1960 годинатокму како орган на Катедрата, се резултат на колективнатаиздавачка дејност на членовите наоваа наставно-научна единица на Факултетот.Нивните научни резултати, презентирани, односно објавувани надвор од својот матичен круг, Катедрата, т.е. Факултетот, се далеку и далеку поголеми, односно водечки, како во рамките на Факултетот, така и на планот на македонската книжевна наука воопшто.

На планот на институционалниот и креативниот развој на македонската книжевна наука во поново време, од особено значење е учеството на членовите на Катедрата за македонска книжевност и јужнословенски книжевности во основањето, организирањето, во водењето и во работата на Институтот за македонска литература, кој својата дејност ја започна како посебна научноистражувачка единица на Филолошкиот факултет. Тие биле раководители на Институтот, раководители на проекти, рецезенти и ментори, особено во раната фаза од постоењето и работата на Институтот. Оформени како делови од макропроектот Историја на македонската книжевност, но и надвор од тој носечки проект на Институтот, односно во рамките на другите негови проекти, многу од научните трудови на членовите на Катедрата се реализирани и во печатена форма.

Во текот на шесте изминати децении, на Катедрата за македонска книжевност и јужнословенски книжевности се реализира една навистина рекордна и завидна бројка на дипломирани, магистрирани и докторирани кандидати. Со години, ако не и со децении, на оваа студиска група, особено во времето додека таа се именуваше како студиска група за историја на книжевностите на народите на СФРЈ, односно во времето на слободното и неограничено запишување на Универзитетот, се запишуваа и завршуваа рекордно најголем број студенти, веројатно малку повеќе отколку на сите други групи на Факултетот заедно или повеќе отколку на некои факултети. Тие дипломирани, магистрирани и докторирани кадри денеска се носители на наставно-образовниот процес, како и на науката и културата на/во Република Македонија. Не малку од нив работеле и работат и надвор од земјата.

Поранешните и сегашните членови на Катедрата за македонска книжевност и јужнословенски книжевности сестрано учествувале и учествуваат во растежот на Република Македонија во доменот на просветата, науката и културата. Тие се реномирани научни творци и редактори, а неретко и високоафирмирани автори на уметничка литература, преведувачи итн. Членовите на Катедрата често се добитници на разни награди во земјата и странство - сé до највисокото признание во Република Македонија, наградата „11 Октомври” и до највисокото признание во веќе некогашната СФРЈ, наградата „АВНОЈ”. Знак за научната и креативна широчина и резултатност на членовите на оваа Катедра е тоа што покрај нивното доминантно присуство во научната периодика во земјата и покрај само за една библиографија можното регистрирање на нивните дела што се објавувани како посебни публикации, односно како книги, од некои од нив веќе одамна се објавувани и избрани дела. Тоа се еднотомните и особено повеќетомните избори од научниот опус на Димитар Митрев (1970), Харалампие Поленаковиќ (1973, 1989), Кирил Пенушлиски (1988, 2004-2005), Гане Тодоровски (1985, 1990), како и избраните дела на Георги Сталев Поповски кои се во процес на реализација. Тие изданија претставуваат знак за препознавање на научните вредности и постигнувања што се остварувани во рамките на Катедрата во изминативе шест децении.

Членовите на Катедрата за македонска книжевност и јужнословенски книжевности биле декани и продекани на Филолошкиот факултет, ректори и проректори на Универзитетот Св. Кирил и Методиј, заземале разни високи општествени и политички позиции, пратеници и републички секретари, министри, амбасадори и сл. Двајца еминентни членови на ова просветно и научно јадро, Димитар Митрев и Харалампие Поленаковиќ, беа избрани меѓу првите членови на Македонската академија на науките и уметностите. Професорот Поленаковиќ, кој беше потпретседател на МАНУ во првите два мандати, беше член уште и на Српската академија на науките и уметностите. Членови на МАНУ од редовите на Катедрата подоцна стануваат уште и професорите Александар Спасов и Гане Тодоровски.