Германски јазик и книжевност

Катедрата за германски јазик и книжевност ја започна својата работа во 1958 година. Наставата на Катедрата ја изведуваа: проф. д-р Карл Зеленик од Љубљана, домашната лекторка Маргарита Алексова и лекторот Рудолф Прајнерсторфер од Виена. Во 1963 година, во звањето предавач по предметот современа германска литература беше избрана Александра Папазоглу. Во овој период дипломираа две генерации германисти.

По земјотресот во 1963 година, владата на Германската Демократска Република му понуди на Универзитетот прифаќање на 30 студенти - германисти. Овие студенти дипломираа на универзитетите во Хале, Грајсвалд и Дрезден.Речиси целата 1964 година помина без организирана настава наКатедрата. Во ноември истата година за асистентбеше избрана Николина Кереместева-Иванова, ана местото на лекторот Прајнерсторфер почна даработи Волфганг фон Поленц.

Во 1965 година почина професор Зеленик, за лектор беше избран Бранко Јуван, а на покана од Факултетот, проф. д-р Страхиња К. Костиќ од Нови Сад и проф. д-р Милан Мојашевиќ од Белград држеа блок-часови по германска литература и ги изведуваа испитите. Во 1966 година д-р Каталин Ковачевиќ од Нови Сад беше избрана во звањето доцент по предметот германска книжевност до XIX век. Во учебната 1966/67 Душан Томовски е избран за асистент по предметот историја на германскиот јазик. Таа година почина лекторот Бранко Јуван, а во 1967 година, по истекувањето на мандатот на Фон Поленц, на негово место доаѓа д-р Ернст Ото од ГДР во својство на гостин-доцент по предметот современ германски јазик.

Во 1968 година на местото на д-р Ото дојде д-р Вофганг Кирш во својство на гостин-доцент, а неговата сопруга Ерика Кирш беше ангажирана како лектор. Во 1969 година се врати на должност Душан Томовски, откако во Хале со успех ја одбрани својата докторска дисертација. Во овој период на Катедрата со стручен кадар беа застапени сите германсистички предмети. Во 1970 година беа избрани: Димитрија Гацов за асистент по предметот современ германски јазик и Олга Воиновска за лектор. Во 1971 година на местото на брачната двојка Кирш дојдоа д-р Бернд Лајстнер, во својство на гостин-доцент по предметот современ германски јазик и д-р Марија-Верена Лајстнер како лектор. Во оваа учебна година за првпат имавме лектор од СР Германија, Матијас Брониш, кој работеше на Катедрата сè до учебната 1975/76 година, а по неговото заминување, од СРГ дојде д-р Јоахим Вајланд. Во периодот од 1972 до 1974 година настанаа извесни промени во структурата на наставниот кадар: во март 1073 година Каталин Ковачевиќ ја напушти должноста на Катедрата, во 1974 година на местото на д-р М. В. Лајстнер и д-р Б. Лајстнер дојдоа Гизела Рајнке како лектор и д-р Олаф Рајнке како гостин-доцент. Тие останаа до учебната 1975/76 година. Потоа гостуваа д-р Ирмхилд Барц како гостин-доцент и Мартин-Барц како гостин-лектор.

Во периодот од 1976 до 1978 година, наставната програма на Катедрата беше реализирана во целост, со исклучок на предметот методика на наставата по германски јазик, за кој дотогош немаше наставник. Часовите беа покривани со тројца домашни наставници, еден лектор, двајца асистенти, од кои новоизбран беше Миодраг Лега за предметот историја на германскиот јазик, двајца странски лектори и еден наставник. Во 1979 година почина проф. Томовски, а д-р Папазоглу замина за лектор по македонски јазик на Славистичкиот институт во Виена. Во 1980 година таа замина во пензија. Лекторот Мартин Барц и гостин-доцентот д-р Ирмхилд Барц беа заменети со брачната двојка Биргит Кубичек како лектор и д-р Петар Кубичек како гостин-доцент по литература.

Во 1981 година за лектор по предметот германски јазик во редовен работен однос беше примена Барбара Утевска. Асистентот Лега го раскина работниот однос со Факултетот, а од 1982 година за нов асистент по предметот контрастивна анализа и превод е избрана Зорица Сергиевска. Предавањата по предметот историја на германскиот јазик беа покривани од проф. д-р Зоран Жилетиќ од Белград. Како гостин-доцент по предметот германска книжевност почна да работи д-р Михаил Бергнер од ГДР, а лекторски вежби по предметот современ германски јазик држеа Корнелија Бергнер од ГДР и Волфганг Кебеле од СРГ. Во периодот меѓу 1983 и 1987 година повторно дојдоа Гизела Рајнке како лектор и д-р Олаф Рајнке како гостин-доцент. Во периодот меѓу 1983 и 1988 година како помлад асистент по германска книжевност беше избрана Пирошка Сирак - Андоновска, а од 1984 година во редовен работен однос беше примен доц. д-р Срѓан Богосављевиќ, со што наставата по литература беше целосно покриена.

Новите гостувања на странски лектори, односно на гостин-доцент, се остварени со Бернд Мазурчак од ГДР и д-р Холгер Зигел од СРГ како лектори, односно д-р Урзел Мазурчак како гостиндоцент по германска книжевност. На Катедрата, последователно гостуваа тројца лектори од Австрија: д-р Герлинде Глазер, м-р Рудолф Маер и м-р Гинтер Вурцер. Во 1986 година како стажант-приправник по историја на германскиот јазик е примена Емилија Томовска (Бојковска), а во 1987 година во исто својство по предметот германска книжевност е примена Зорица Николовска (Симовска). Кон крајот на 1987 година, по изработката на своите приправнички трудови, тие беа избрани за помлади асистенти. Во учебната 1989/90 година за лектор од СРГ беше назначена Андреа Волерс, која на Катедрата работеше до 1992 година, кога замина и д-р Гинтер Вурцер.

Во 1992 година за помлад асистент по предметот граматика на современиот германски јазик беше избрана Силвана Симоска, а за лектор по современ германски јазик Марина Нишлиска на местото на Барбара Утевска, која го прекина работниот однос со Факултетот. Во учебната 1993/94 година за помлад асистент по предметот методика на наставата по германски јазик беше избрана Елена Мишиќ - Богданска, а за асистент по германска книжевност м-р Ранка Грчева. По одбраната на својот магистерски труд во 1994 година, Емилија Бојковска се стекна со звањето асистент по предметите историјана германскиот јазик и граматика на современиот германски јазик. Со цел наставата да биде максимално покриена беа ангажирани проф. д-р С. Грубачиќ, проф. д-р З. Жилетиќ, проф. д-р С. Хрват од Филолошкиот факултет во Белград.

Од 1994 година, па сè до 2002 година на Катедратаработеше проф. д-р Павел Борисевич од Универзитетот во Велико Трново како професор по предметот граматика на современиот германски јазик, а од 1994 година, па сè до денес, како професор по предметот германскојазична книжевност работи проф. д-р Петар Рау од Универзитетот во Манхајм. Поради зголемување на работните обврски вопериодот од 1993 до 1994 година хонорарно беа ангажирани и следниве наставници: Барбара Утевска, Олга Тројачанец, Надежда Евтихова и Соња Јанковска. Во 1996 година помладиот асистент Зорица Симовска го одбрани својот магистерски труд, а м-р Ранка Грчева ја одбрани својата докторска дисертација.

Со заминување во пензија на вишиот предавач Олга Воиновска во декември 1996 година, часовите по методика на наставата по германски јазик беа покриени со предавања што ги одржуваа проф. д-р Павел Борисевич за јазичниот дел и проф. д-р Петер Рау за литературниот дел. Со вработувањето на Емина Авдиќ како помлад асистент беа покриени вежбите и хоспитациите по методика, како и часовите по литературен, деловно-технички превод и деловна комуникација. Во рамките на соработката меѓу Германската служба за академска размена и Педагошкиот совет на РМ, како педагошки советник беше ангажиран Франц Ксавер Вернер, кој покрај првичната обврска за унапредување на наставата по германски јазик во средните училишта во Македонија, беше ангажиран за хоспитациите на нашите студенти по методика во средните училишта, како и за учество во изведување на вежбите по методика на нашата Катедра. Наставата по германски јазик за нематичните факултети (Машински, Електротехнички и Технолошки факултет) беше целосно покриена со стапувањето во редовен работен однос на предавачот Маријана Ѓорѓиева, а со вработувањето на лекторот Клаудија Јорданова, која беше ангажирана за часовите од предметот современ германски јазик, во голема мерка беше намален дефицитот со кадри за овој предмет. Паралелно со редовното извршување на работните обврски хонорарно беа ангажирании Олга Тројачанец и Љупчо Алексовски, наставници по германски јазик во Центарот за странски јазици во Скопје, кои изведуваа дел од наставата по современ германски јазик под „Ц” за нашиот факултет, како и Соња Јанковска, од истата институција, за настава по германски јазик на нематичните факултети (Медицински и Фармацевтски факултет).

Во рамките на Катедрата, во 1996/97 година богата активност покажа и Институтот на германско-македонски односи. Како директор на Институтот работи гостин-професор д-р Петер Рау, а како заменик-директор доц. д-р Ранка Грчева. Со Институтот за германски јазик во Манхајм е склучен договор за менторство и доставување информации и материјали на наставно-научниот кадар на нашата Катедра од страна на управата и членовите на Универзитетот во Манхајм.

Во 1998 година Силвана Симоска го одбрани својот магистерски труд. Во учебната 1997/98 година беа вработени двајца предавачи Ана Фотева и Соња Јанкова. По долго боледување, предавач Соња Јанкова почина во јули 1999 год. Значаен момент во работата на Катедрата е издавањето на првото германистички профилирано списание, Germano-Macedonika, научно списание на македонската германистика, што им овозможи на членовите на Катедрата да се вклучат во нова и значајна дејност. Првиот број на списанието е издаден во октомври 1998 година, од Филолошкиот факултет „Блаже Конески”, а како издавачи се јавуваат доц. д-р Ранка Грчева, шеф на Катедрата за германски јазик и книжевност, и проф. д-р Петар Рау, директор на Институтот за германско-македонски односи. Германо-мацедоника е орган со кого и во кого можат да се претстават македонските германисти и германистите кои работат Македонија, но и сите љубители на германскиот јазик и на германската култура. Во учебната 1999/2000 година како резултат на измените во наставниот план и програма ќе започне наставата по германска цивилизација што ја изведуваат проф. д-р Петар Рау и асистент м-р Зорица Симовска.

Како приоритетна задача во овој период треба да се спомене научното усовршување на голем број соработнички кадар во рамките на програмата ТЕМПУС за воведување студии за толкување и преведување. Нашите соработници во повеќе наврати престојуваа на Институтот за толкување и преведување при Универзитетот „Рупрехт Карл” во Хајделберг, СР Германија. Во периодот од 16.8.2000 до 19.8.2000 година во Охрид, Република Македонија, се одржа Првата германско-македонска научна конференција: Јазик, литература, култура, со учество на голем број гости од земјата и од странство. На Конференцијата беа пријавени вкупно 61 учесник, од кои 19 од странство и 49 од Република Македонија, додека во нејзината работа учествуваа 48 учесници (12 од СР Германија и по еден од Австрија и од Швајцарија).

Од страна на DAAD службата, а во соработка со Филолошкиот факултет „Блаже Конески”, во Скопје од 15.9.2000 до 29.9.2000 беше организиран семинарот Deutsch 2000 / Германски 2000, кој се одржа во просториите на Филолошкиот факултет во Скопје, на кој како предавачи зедоа учество членовите на Катедрата.

Во учебните 2000/2001 и 2001/2002 година, преку Амбасадата на Република Австрија, како лектор по предметот современ германски јазик на Катедрата работеше м-р Хуберт Прамхас, а во 2000/2001 година преку Германската служба за академска размена во истото звање беше ангажиран д-р Клаус Петер Графиус. Во учебната 2003/2004 година како лектор по овој предмет и по предметот германска цивилизација преку DAAD службата работеше лекторот Ларс Лекнер.

Во учебната 2005/2006 година како лектори по предметот современ германски јазик на Катедрата работеа лектор Бенјамин Лангер преку Фондацијата „Роберт Бош” и лекторката Штефани Ланге преку DAADслужбата за академска размена, а во учебната 2006/2007 како лектори по истиот предмет работат лектор Бенјамин Лангер преку DAADслужбата за академска размена и лекторката Петра Мариа Чагаљ преку Фондацијата “Роберт Бош”.

Во 1996 година, научната титула доктор по филолошки науки од германистичката област ја стекна Ранка Грчева, а во 2004 и 2006 година проф. д-р Ранка Грчева беше избрана за вонреден, односно редовен професор по германскојазична книжевност на Катедрата. Во 2002 година своите докторски дисертации ги одбранија Емилија Бојковска и Силвана Симоска. Истата година Емина Авдиќ ја стекна титулата магистер.

Функцијата шеф на Катедрата во периодот од 1958 до 1993 година ја вршеа: д-р Карл Зеленик, Маргарита Алексова, д-р Александра Папазоглу, д-р Каталин Ковачевиќ, д-р Душан Томовски, м-р Димитрија Гацов и Олга Воиновска. Во 1993 годиназа в.д. шеф беше назначен продеканот за наставапроф. д-р Живко Цветковски, а од зимскиотсеместар истата година, па сè до 1996 година оваафункција ја вршеше продеканот за настава доц.д-р Максим Каранфиловски. Од 1.9.1996 до 30.11.02 година, шеф на Катедрата беше проф.д-р Ранка Грчева, а во декември 2002 година, оваафункција ја презеде доц. д-р Емилија Бојковска,која ја извршува до денес.

Во учебната 2005/06 година, Катедрата за германски јазик и книжевност почна да работи според новите студиски и предметни програми во согласност со единствениот кредит трансфер систем на студирање (ЕКТС), предвиден со Болоњската декларација. Во учебната 2005/06 година својот работен однос на Филолошкиот факултет го прекина предавач Ана Фотева, а предавач Марија Ѓеорѓиева премина на Катедрата како лектор по предметот современ германски јазик. Во 2005 година почина проф. Гацов, а лекторката Клаудија Јорданова замина во пензија. Во 2006 година за помлад асистент по предметот граматика на германскиот јазик на Катедрата беше избрана Бисера Станкова, а за помлад асистент по предметот германскојазична книжевност и цивилизација на германското говорно подрачје беше избрана Јасна Мушиќ - Јанчулева.

Еден тим составен од членови на Катедрата, раководен од д-р Ранка Грчева и координиран од д-р Петар Рау изработи Македонско-германски и германско-македонски речник, проект, кој беше поддржан од Баварското министерство за наука, истражување и уметност. Приоритет на Катедрата во моментов е преструктурирањето на библиотеката и збогатувањето на книжниот фонд. Филолошкиот факултет е носител на градежните активности со цел на корисниците да им се овозможи пристап до депото на библиотеката. Германското Министерство за надворешни работи, Гете-институтот и низа германски фондации ú одобрија поддршка на Катедрата, со книги во износ од 20.000 евра во рамките на проектот наречен „Библиотечна иницијатива”. За унапредување на работата на библиотеката се очекува и советување од страна на германски библиотекар, нова каталогизација на книгите и низа други активности за нејзино осовремување. Во последниве неколку години се забележува зголемен интерес за германистичките додипломски и постдипломски студии (според ЕКТС), како и за германскиот јазик како странски јазик на нефилолошките факултети.