Македонски јазик и јужнословенски јазици

Катедрата за македонски јазик и јужнословенски јазици е првата наставно-научна институционална единица во рамките на Филозофскиот факултет, основана во 1946 година, под називот Катедра за јужнословенски јазици, со посебен Семинар за македонски јазик. Од основањето до денес својата наставна дејност ја врши преку Групата за македонски јазик. Историјатот за развојот на Катедрата во периодот од 1946 до 1996 година е претставен во Монографијата - 50 години Филолошки факултет 1946-1996. Овде ќе се задржиме на развојниот пат на Катедрата во изминатите 10 години. Во овој период на Катедрата е вработен само еден помлад асистент, Марија Паунова. Бројот на вработените на Катедрата денес изнесува 20 члена. Според квалификациската структура, во составот на Катедрата денес работат пет редовни професори: д-р Живко Цветковски, д-р Стојка Бојковска, д-р Људмил Спасов, д-р Димитар Пандев и д-р Емилија Црвенковска, шест вонредни професори: д-р Чедомир Стојменовиќ, д-р Катерина Велјановска, д-р Елена Петроска, д-р Татјана Гочкова, д-р Марјан Марковиќ и д-р Лидија Аризанковска, шест доценти: д-р Славица Велева, д-р Томислав Треневски, д-р Анета Дучевска, д-р Симон Саздов, д-р Искра Паноска - Димкова и д-р Станислава-Сташа Тофоска, еден асистент, м-р Ненад Вујадиновиќ, еден пом. асистент, Марија Паунова и еден виш лектор, м-р Гордана Алексова. Во изведувањето на наставата при Катедрата се ангажирани и неколку надворешни соработници и демонстратори. Во редовната настава, со блок-предавања, биле ангажирани и редовните професори во пензија: д-р Кирил Конески, д-р Александар Џукески, д-р Коста Пеев, д-р Мито Миовски и д-р Лилјана Минова - Ѓуркова. Од 1998 година, со почнувањето на работата на лекторатот по хрватски јазик, на Катедрата на одредено време работат и лектори од Република Хрватска. Оваа учебна година лектор по хрватски јазик е Ива Назалевиќ. Во изминатиот период се пензионираа тројца членови, редовни професори, д-р Мито Миовски, д-р Коста Пеев и д-р Лилјана Минова - Ѓуркова.

На Катедрата се води грижа за осовременување на наставата и за воведување нови предмети и насоки. Со воведувањето на ЕКТС и со новите наставни планови, денес на Катедрата на студиската група Македонски јазик ги има следните студиски програми за: македонски јазик - применета (апликативна) насока; македонски јазик и книжевност - наставна насока; македонски јазик – двопредметна насока; македонски јазик како втор главен предмет - македонистика (двопредметна). Се отворија и нови студиски групи: српски јазик, словенечки јазик и хрватски јазик, на кои ќе треба да се запишуваат студенти наизменично на секои четири години. Од општите предмети што се изучуваат на сите студиски групи на Факултетот, на Катедрата е застапен предметот увод во општа лингвистика. Членовите на Катедрата, Емилија Црвенковска и Анета Дучевска, беа вклучени во изработката на ТЕМПУС проектот за отворање нова студиска насока за преведување и толкување и за изготвување студиски предметни програми. Од започнувањето на работата на оваа група, сега Катедра, членовите од Катедрата имаат голем удел во изведувањето на четиригодишната наставата. Исто така, Катедрата организира и курс по македонски јазик за странци, за странски студенти што студираат на нашиот факултет и за студенти дојдени по пат на размена. Паралелно со наставата на додипломски студии, Катедрата успешно продолжува со организирање и на постдипломски студии, во чија настава учествуваат повеќе наставници од Катедрата, но и од други сродни институции, како и истакнати македонисти од странство. Во периодот од 1996 до 2006 година се одбранети триесетина магистерски теми и исто толку докторски дисертации. Наставниците и соработниците од Катедрата изведуваат настава по македонски јазик (култура на говорот), како и по други македонистички предмети и на поголем број факултети во Република Македонија.
Во изминатиот период, шефови на Катедрата биле: д-р Лилјана Минова - Ѓуркова, д-р Мито Миовски, д-р Димитар Пандев и д-р Људмил Спасов. Денес шеф на Катедрата е д-р Емилија Црвенковска.

Грижа на Катедрата е и организирањето на наставата по македонски јазик на универзитетите во странство. Надоврзувајќи се на оваа активност, Катедрата дала значаен придонес и во организирањето на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура, а преку предавања и изведување лекторска настава зеле учество сите нејзини наставници и соработници. Директор на Семинарот е д-р Емилија Црвенковска, член на Катедрата. Во текот на оваа учебна година, д-р Елена Петроска е лектор по македонски јазик на Универзитетот Индијана во Блумингтон, САД. М-р Гордана Алексова била лектор во Истанбул, Турција во уч. 1996/97 и 1997/98 година. Во периодот февруари - јули 2000 година на ССЕЕС во Лондон, Англија, престојувала Анета Дучевска како лектор по македонски јазик, кога се вовел македонскиот јазик како изборен. Како професор по македонски јазик во учебните 1999/2000 и 2000/2001 година на Универзитетот во Љубљана престојувала д-р Катерина Велјановска. Покрај тоа, наши професори гостувале во странство со предавања: д-р Људмил Спасов е гостин-професор на Катедрата за македонски јазик и јужнословенски јазици на Филозофскиот факултет во Загреб, д-р Димитар Пандев, гостин-професор во Ниш до 2001 година и д-р Лидија Аризанковска одржала циклус предавања на Универзитетот во Марибор (2004), на Универзитетот во Љубљана (2006) и на Универзитетот Карл-Франц во Грац, Австрија (2006).

Од меѓународната активност на Катедрата ќе ги споменеме и гостувањата на неколку професори од странство со свои предавања: Рина Усикова (Русија), Даринка Гортан - Премк (Србија), Виктор Фридман (САД), Аленка Шивиц - Дулар, Ада Видовиќ - Муха, Вера Смоле (Република Словенија) и Марко Самарџија (Република Хрватска). Во рамките на меѓународната активност, исто така, се реализирани студиски престои на неколку студенти од Чешка, Италија, Кина, Словенија и Полска. Истовремено наши професори учествувале на научни собири или престојувале во странство: Људмил Спасов ( Хрватска, САД, Словенија, Русија, Германија), Емилија Црвенковска (САД, Русија, Хрватска, Словенија), Катерина Велјановска (Хрватска и Словенија), Марјан Марковиќ (Норвешка и САД), Лидија Аризанковска (Словенија, САД, Белорусија) и Марија Паунова (Унгарија).

Во последнава деценија, Катедрата се јавува како организатор на научни собири: Трет научен собир на млади македонисти, Четврт научен собир на млади македонисти, Тркалезна маса - Македонскиот јазик денес, Наставата по македонски јазик како странски - состојби и перспективи и Актуелни состојби во македонскиот јазик.

Издавачката дејност, покрај печатењето на зборници од научните собири, се поврзува и со проектите на Катедрата. Од оваа активност ја изделуваме книгата Македонски јазик, објавена во 1998 година, како резултат од работата на проектот Македонскиот јазик од 1945 до 1995 година, под раководство на д-р Лилјана Минова - Ѓуркова. Во рамките на меѓународните проекти се вклучени и проектите: Глаголскиот вид/аспект во македонскиот јазик под раководство на д-р Људмил Спасов и печатењето на зборникот на трудови Семантика и структура на словенскиот вид III (1998), Кониковско евангелие - раководител на македонскиот истражувачки тим е д-р Људмил Спасов; Меѓународни лингвистички атласи (проект пријавен од МАНУ) во кој учествува Марјан Марковиќ како заменик-раководител и Морфосинтаксички балканизми во соработка со Институтот за лингвистика од Трондхејм, Норвешка - учесник Марјан Марковиќ; Преведувањето на словенечките литературни текстови на странските универзитети: Корпус одбрани текстови (во организација на Центарот за словенечки јазик како втор/странски јазик при Универзитетот во Љубљана) во кој учествува Лидија Аризанковска. Членови на Катедрата работеа и на домашни проекти: Живко Цветковски е член на редакцијата и составувач на Толковниот речник на македонскиот јазик (Институт за македонски јазик Крсте П. Мисирков); Емилија Црвенковска е главен истражувач на проектот Орбелски триод, Лилјана Минова - Ѓуркова, раководител и Татјана Гочкова, заменик-раководител на проектот Наставата по македонски јазик како странски: состојби и перспективи 2002-2006 и на проектот Четиријазичникот на Даниил раководител е д-р Димитар Пандев.

Во рамките на научната активност на членовите на Катедрата посебна грижа се води за издавање учебници и учебни помагала кои претставуваат неопходна потреба за поуспешно изведување на наставата. Во таа смисла ќе ги споменеме вторите изданија на книгите: Синтакса на македонскиот стандарден јазик (2000) од Л. Минова -Ѓуркова, и Зборообразувањето во современиот македонски јазик (2003) од К. Конески. Отпечатени се и нови книги на членовите на Катедрата: Правописен речник на македонскиот литературен јазик (1999) од К. Конески, Загрепски триод (1999) од Е. Црвенковска, Блаже Конески, Историска фонологија на македонскиот јазик (2001), редакција на Љ. Спасов и помошници во редакцијата, И. Пановска - Димкова и Љ. Митревски, Дијалектологија на македонскиот јазик I, (2001) приредил Марјан Марковиќ, Функционално оптоварување на наследените словенски суфикси за номина агентис во македонскиот и во словенечкиот јазик (со посебен осврт на суфиксот *-tel врз фонот на изофункционалните суфикси) (2001) од Лидија Аризанковска, Лимитативната видска конфигурација во македонскиот јазик (2002) од И. Пановска - Димкова, Стилистика на современиот македонски јазик (2003) од Л. Минова - Ѓуркова; Радовишкиот говор (2003) од С. Бојковска; Зборообразувањето во поезијата на Гане Тодоровски (2004) и Тенденции во зборообразувањето во македонскиот јазик (2006) од С. Велева; Избрани поглавја од историјата на македонскиот јазик /Бојата на јазикот, дел први (2005) и дел втори (2006) од Љ. Спасов; Психолонгвистика (2005) од Т. Гочкова; Македонија - лулка на словенската писменост (2006) од Д. Пандев и В. Антиќ; Фразеолошките изрази во македонскиот јазик (со осврт на соматската фразеологија) (2006) од К. Велјановска, Јазикот и стилот на триодот (2006) од Е. Црвенковска и Александар Спасов, Рајко Жинзифов - живот и книжевно дело (2006) во редакција на Љ. Спасов. Освен тоа, поголем дел од наставниците биле вклучени во изготвување учебници по македонски јазик за основното и за средното образование.

Успешната соработка на наставниците и студентите, воспоставена уште од основањето на Катедрата, продолжува и во овој период. Меѓу формите на соработка се истакнуваат неколку дијалектолошки екскурзии, како и организирањето на македонистички, словенистички и хрватски вечери.

Во составот на Катедрата има библиотека. Својата активност ја започнала со мал број подарени или отстапени книги од Народната библиотека во Скопје, за денес бројот на книгите да изнесува над 13.000 наслови и списанија. Списанијата обично се набавуваат по пат на размена со домашни и со други институции од светот.