X
 01.01.2020 Живот

Каде ќе заврши радиоактивната вода од „Фукушима“?

Службениците што ги надгледуваат остатоците од јапонската нуклеарна електрана „Фукушима Даичи“ имаат проблем кој станува сè поголем - им снемува место за чување на радиоактивната вода.

Во септември Јапонија истакна дека можеби ќе биде принудена да ја испушти контаминираната вода во океанот. Тоа брзо стана многу веројатно со оглед на известувањата дека сега единствените опции се испуштање на водата и нејзино испарување, со што таа би отишла во атмосферата, или комбинација од двете.

Јапонската влада се обидува да го минимизира потенцијалното влијание врз околината при испуштањето во океанот, внимателно нарекувајќи ја радиоактивната вода „процесирана“.

Но, експертите за нуклеарна енергија со месеци предупредуваа дека испуштањето на водата е премногу опасно - сугерирајќи дека владата бара брзо и лесно решение наместо да го бара најбезбедното или најмалку штетното.

За жал, тие предупредувања може да бидат игнорирани.

Јапонската влада неодамна соопшти дека ги отфрлила другите методи на чување на водата, како што е подземно складирање. Според одредени медиуми, соопштението наведува на тоа дека нацијата е повеќе за испуштање во океанот отколку за испарување на водата.

Тоа значи дека освен ако не најде подобар или полесен план, Јапонија ќе испушти 1,7 милион тони контаминирана вода во Пацификот во не толку далечна иднина.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот