X
 01.03.2024 Живот

ЕУ воведува нови правила за возачките дозволи и за возачи почетници

Повеќе од 20.000 луѓе годишно умираат на патиштата низ Европската Унија, така што Европскиот парламент ги поддржа новите правила за возачки дозволи кои ја промовираат безбедноста во сообраќајот, како и зелената и дигиталната транзиција на ЕУ.

Побезбедни патишта

Претставниците бараат возачите да бидат поподготвени за реалните ситуации и свесни за ризиците, особено кога станува збор за ранливите групи во сообраќајот, како што се пешаците, децата, велосипедистите и корисниците на електрични тротинети. Сметаат дека тестовите за возачка дозвола треба да опфатат возење во снежни и лизгави услови, мртви точки, системи за помош на возачот, безбедно отворање на вратите од возилата за да не се загрозат другите учесници во сообраќајот.

Претставниците се согласиле возачките дозволи за мотоцикли, автомобили и трактори да важат 15 години, а за камиони и автобуси 5 години. Тие не го поддржале предлогот на Комисијата за скратување на рокот на важност на возачките дозволи за постарите граѓани бидејќи сакаат да избегнат дискриминација и да им го гарантираат правото на слобода на движење и учество во економскиот и општествениот живот.

Парламентот го прифатил предлогот да се побара од возачите сами да ја проценат својата физичка и ментална способност при издавање или обновување на возачката дозвола, а земјите-членки на ЕУ да одлучат дали сакаат да ја заменат таа самопроцена со лекарски преглед, вклучувајќи минимални стандарди за вид и кардиоваскуларно тестирање. Сепак, претставниците сакаат владите на земјите од ЕУ да вложат повеќе напори за да ја сензибилизираат јавноста за менталните или физички знаци кои можат да бидат ризични за возењето.

Возачи-почетници

Возачите-почетници ќе мора да поминат најмалку двегодишен пробен период во кој ќе подлежат на одредени ограничувања, како што се построга граница за консумација на алкохол при возење и построги казни за несовесно возење.

За да се надомести недостигот на професионални возачи, претставниците одлучиле да им дозволат и на 18-годишниците да добијат дозвола за управување со камион или автобус со капацитет до 16 патници, со услов да поседуваат потврда за стручна квалификација. Дополнително, во текстот се предлага и 17-годишниците да го остварат правото да добијат дозвола за управување со автомобил или камион, но со придружба.

Дигитални возачки дозволи

За поддршка на единствениот пазар на ЕУ, пратениците се залагаат за воведување дигитални возачки дозволи, кои би биле достапни на мобилните телефони.


Хрватските претставници против

Предлог-правилата за возачки дозволи на ЕУ беа прифатени со 339 гласа „за“, 240 „против“ и 37 воздржани. Меѓу нив, 11 хрватски претставници гласаа против предлогот, а еден беше воздржан. Како причина за неподдржување на овој предлог го посочуваат недоволно амбициозниот текст во кој има премногу компромиси, велат тие.

-Во Хрватска во 2022 година на патиштата загинале 275 лица, а со 71 смртен случај на милион жители, нашата земја има трета најлоша стапка на смртност на патиштата во Европската Унија. Затоа, правилата мора да бидат построги, без „отстапки“ за младите и неискусни возачи - ова е ставот на дел од хрватските европратеници.

Извор: Autonet.bug.hr

Фото: X/European Parliament

Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот