X
 01.08.2025 Наша тема

За десетте револуционерни заповеди на Илинден, содржани во гасилото „Македонското дело“ од 1928 година, објаснува историчарот Евгениј Литовски

Десетте револуционерни заповеди на Илинден се содржани во гасилото „Македонското дело“ од 1928 година, кое го издавала ВМРО (Обединета), организација што се залагала за слободна и независна Македонија, потенцирајќи го Гоце Делчев како духовен татко на македонската револуција, вели историчарот Евгениј Литовски.

Десетте револуционерни заповеди се содржани во Илинденската револуција, било запишано уште во 1928 година, односно пред речиси еден век, во статија на весникот „Македонско дело“. Toa e eден од ретките весници во тоа време кој ја застапувал идејата за самостојна македонска држава. Го издавала ВМРО (Обединета), која имала цел издвојување на слободна и независна Македонија во рамките на нејзините географски граници, нејзино конструирање во самостојна политичка единица, која би влегла како рамноправен член во идна балканска федерација.

Весникот бил двоброј и се печател во Берлин, Виена и Париз. Почнал да излегува на 10 септември 1925 година, а уредништвото го сочинувале Димитар Влахов, Владимир Поп Томов и Павел Шатев. Успеале да издадат 179 броја кои содржеле значајни факти за Илинденското востание, од кое денес славиме 122 години, и за значајни личности од македонската историја кои се залагале за слободна и независна држава.



На хартија запишан кодот на македонското револуционерно движење

На дел од значајните цитати во весникот ни укажа историчарот Евгениј Литовски, вработен во Завод и музеј - Битола, кој меѓу многубројната историска литература ги анализирал и зачуваните објави на „Македонско дело“.

- Во Илинденската револуција се содржат десетте револуционерни заповеди кои ќе го изведат македонскиот народ на бреговите на слободата. Илинден го посочи најсигурниот пат кон слободна и независна Македонија – патот на масовното востание, на народната револуција. Тој нè учи дека без револуционерно воспитание и без масовната организација на македонскиот народ, востание е невозможно. Тој јасно ни покажува дека без една авангарда, без една верна, дисциплинирана и стегната внатрешна организација, која ќе ги востанува и води во борбата македонските маси, револуција не може да има. Тој ни ја даде големата поука дека за да ја овенча својата ослободителна борба со победа, македонскиот народ треба да ги најде своите револуционерни сојузници внатре и благонаклонетост и симпатии на револуционерниот и прогресивниот свет однадвор. Ова се заветите на Илинден, ова е азбуката на идната македонска револуција - е еден од најзначајните цитати на кои Литовски скренува внимание од статиите објавени во „Македонско дело“.

Робот ја распукал империјата

Литовски нагласува дека овие зборови се релевантни и денес и го претставуваат кодот на македонското револуционерно движење. Тој укажува и на силните изразни средства што се користеле за да ја искажат големината на Илинденскиот подвиг во 1903 година, на пример, контрастот дека македонски роб ја разнишал империјата на султаните и пашите.



- На значењето на Илинденското востание, весникот „Македонско дело“ посветувал редовно внимание, па така на 10 август 1928 година е објавена статија со наслов „25-годишнина од македонската револуција“. Во овој одличен текст, кој заслужува внимание за анализа, опфатени се сите сегменти за тоа што треба да претставува Илинденското востание. Така, прилично моќно звучат следните зборови: „Потреперија тогаш мраморните колони на Јилдиз ќошк од стихискиот напор на пробудениот македонски роб. Се разниша целосно пространата империја на султаните и пашите, а робовладетелите и владетелите се свиваа во смртен страв од татнежот и тресокот на ропските вериги во Македонија што се распукуваа. Леб и слобода, земја и самоуправување! Наеднаш, како еден човек се дигнаа македонските селани, се дигна целиот македонски народ, мажи и жени, старци и деца, со оружје и без оружје, за да извикаат право во лицето на својот потисник: Не, не сме веќе ние покорна раја! - посочува Литовски.

Гоце - стражар на чистотата на македонското ослободително дело

Годинава се навршуваат 122 години од обидот на македонскиот народ да го отфрли феудалниот османлиски јарем. Во таа децениска борба се вложија ред прогресивни дејци и борци кои ги предводеа масите кон национално и социјално ослободување, уништување на социо-економските феудалистички односи, сакајќи да изградат република. Меѓу нив, весникот „Македонско дело“ го истакнува Гоце Делчев како најголемата фигура во оваа борба.




- И тоа не го прават историчарите, туку неговите соборци и современици. На пример, по повод 25 години од неговата смрт, ВМРО (Обединета) на 4 мај 1928 година во весникот објави „Повик кон македонскиот народ“ посветен комплетно на Делчев, неговата улога и значење. Повикот започнува со тоа дека Делчев е најголемиот син на македонскиот народ, духовен татко на македонската револуција, стража на самостојноста и чистотата на македонското ослободително дело. Окарактеризиран е како фанатичен борец против врховизмот и фердинандовштината во македонското движење - вели Литовски.

Всушност, неслучајно преку Повикот, посветен на Гоце Делчев, ВМРО (об.) се обидела да направи дистинкција помеѓу нив кои според запишаното се „историскиот наследник на идеите и револуционерното дело на Гоце“ и организацијата на Александар Протогеров. Тие го запишале следното: „Организацијата на Протогеров, која произволно си го прикачила името на Делчевата организација, за да хули на него и да го срамоти, нема и не може да има ништо заедничко со светото револуционерно дело на Гоце Делчев. Протогеровци, кои Гоце ги обезоружуваше во Македонија и му ги праќаше назад на Фердинанд, чии налети ги одбиваше со вооружена сила и против кои водеше упорна и крвава борба, не можат да бидат наследници и следбеници на Гоце, не можат да бидат борци за слободата на Македонија. Оние што ги убија најверните и најблиски другари на Гоце, најискрените борци за автономијата на Македонија, не можат да го носат името автономисти и не можат да бидат борци за автономна Македонија.“

Хероизмот е жив пример до денес

- Повикот завршува со следните зборови: „Македонци! Гоце се бореше и умре за поробената татковина. Неговата мечта беше слободна Македонија. За жал, Македонија денес, распарчена и соборена, лелека под уште пострашно ропство. Тиранијата во нашата татковина вилнее уште побесно! Во крв е удавена нашата света земја! Потомците на Гоце, впрочем, не можат да бидат робови. Идеалот на Гоце – слободата на Македонија – треба да се оствари. Делото на Гоце треба да се продолжи. Борбата треба да се продолжи со уште поголема енергија и со десетпати поголеми сили. Нека запламти револуционерниот жар на Гоце во срцето на секој Македонец! Идеализмот и самопожртвуваноста, хероизмот и преданоста на Гоце нека служат како жив пример и импулс во тешката борба- порачува Литовски.

Фото: приватна архива
Подготвил: Жанета Здравковска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема