X
 14.08.2022 Наша тема

Лазарополе - селото скриено во прегратките на Мијачијата

На падините на планината Бистра, во областа Мијачија се наоѓа второто село по големина во Малореканскиот крај, Лазарополе.  Селото е сместено 1.350 метри надморска височина, на карстно – варовничко поле кое се вика Коритник, а околу него се наоѓаат превојот Јама и Лопушник.

Потребни се околу 2 часа возење со автомобил за да стигнете до Лазарополе, ако доаѓате од Скопје. Се движите по асфалитран пат кој е прилично голем предизвик и авантура - возите покрај раззеленети дрвја, чувствувате свежина и мирис на природа , а покрај патот жубори реката Радика како и Мала Река. Кога ќе стигнете до мостот на Гарска Река веќе започнува авантурата и искачувањето по планината по патот кој е стрмен и има остри кривини. На сретселото, големата асфалтирана ширинка ќе ја најдете локалната продавница и хотел.

Во селото има и мала рекичка, Лазарополска Река, која клокоти во пролетните месеци од годината, додека, пак, во летниот период пресушува. Станува збор за простор опколен од дабови и букови шуми, питоми планински пасишта, поради што е развиено сточарството и производството на лазарополското сирење и кашкавал, како и ливадите од кои се истакнува познатиот ендемски вид – влажни ливади, кои во месецот мај побелуваат од цветот на белиот лазорополски нарцис, кој е ендемски вид.

Панорамска разгледница на Лазарополе

Настанок на името Лазарополе

Лазарополе своето име го добило по легендата за селаните бегалци од Главино Село. Преданието вели дека селаните на Главино Село додека бегале од турскиот аскер се сокриле во пештерата Калина Дупка (која се наоѓа во близина на селото Лазарополе), од каде што една девојка по име Калина, која мислела дека Турците си заминале, ненамерно ги издала. Турците кога го откриле нивното скривалиште, подметнале оган во пештерата каде што повеќето луѓе се угушиле од чадот, а единствен кој успеал да се спаси и да излезе од другата страна на пештерата бил Лазар. На местото каде што излегол Лазар се основало ново село – Лазарополе, именувано по него.

Лазарополе е село во кое преку зимата речиси не живеат луѓе, меѓутоа е полно за време на зимските одмори, додека, пак, во летниот период во селото доаѓаат луѓето кои таму имаат свои куќи или туристи. Селото како туристичка атракција располага со два угостителски објекти.

Најпривлечни настани за туристи во годината се:

- Селската слава за Илинден – Според преданијата на селаните, главната селска црква, сегашна „Св. Ѓорѓија“, самиот Ѓурчин Кокалески, кој бил познат како „главатар“ на Лазарополе, сакал таа да се вика „Св. Илија“ по неговиот татко, меѓутоа селаните не се согласиле со тоа, па се направил компромис – селската слава да биде на Илинден во чест на таткото на Кокале, а црквата да го носи неговото име. За празникот се собираат сите лазарополци и со посебни церемонии и литургии во главната селска црква, во соработка со хоровите и црквоните лица од манастирот „Св. Јован Бигорски“ и манастирот „Рајчица“ го прославуваат денот. Во текот на денот програмата е проследена со доаѓањето на коњаницата од Галичник до Лазарополе, како и доаѓањето на мијачката музичката група „Мајовци“, кои преку звукот на зурлата и тапанот го означуваат празникот Илинден, а мажите го заигруваат „Тешкото“ на сретсело. Славата трае два дена, на 1 и 2 август. На 1 август Мајовци ја започнуваат веселбата на зајдисонце,  моментот кога ќе стигнат на кривинката на влезот на селото,  преку звукот на зурлата и тапанот го означуваат нивното доаѓање, а сите селани се собираат на сретсело за да ги пречекаат. Во текот на вечерта се играат ора на сретсело, а по 12 часот тие свират во кафаната на хотелот. Највпечатлив момент од прославата е кога на сретселото ќе се соберат мажите и момчињата, кои ќе го заиграат „Тешкото“ или машкото оро - „Манукот“, кое се игра со особено внимание и емоција, која се познава кога ќе се качат на тапанот. На 2 август, селото се буди со пукање на пушки во чест на празникот и се оди во главната црква „Св. Ѓорѓија “, а веќе од пладне „Мајовци“ почнуваат да свират по куќи каде што ќе бидат повикани. Попладнето свират на Долни ливаѓе и вечерта повторно на сретсело. Тие два дена владее еуфорија помеѓу луѓето, сите се поздравуваат, си доаѓаат на гости и го слават националниот празник.


Илинден и Мајовци

-Настанот „Лазарополе Цути“ се одржува на 24 мај кога се оди на ливадите каде што растат нарцисите, (мештаните таму ги викаат „бели ружи“). Ливадите се наоѓаат на околу 20-30 минути одење од сретселото по земјен пат, додека од страните уживате во глетката на зеленилото и жуборот на Лазароолската Река. Во близина на Лазова вила се наоѓаат ливадите каде што се собираат нарцисите, а во текот на целиот настан се ужива со мелосот на зурлите и тапаните на „Мајовци“ кои го збогатуваат моментот.
 


Многу туристички атракции

Мештаните секогаш се покажуваат како одлични домаќини за дојденците, покажувајќи им ги природните убавини со кои располага селото. Прошетките најчесто се во шумите, каде што се сокриени црквичките на (сите четири страни од селото), а неколку од нив располагаат и со видиковец на селото. Во селото може да се забележи типична архитетктура на куќите градени од камен, кал и дрво. Туристички атракции во селото се:

- Видиковецот кон целото село каде што е изграден крст – изграден поради една многу несекојдневна причина. На едно од ритчињата во селото кое се нарекува Крастинци / Краста вечерта на Илинден 2007 година, додека пукаше огнометот, на врвот на ритчето се појави крст во црвена боја кој лебдеше над местото. Звучи доста нереално и фиктивно, меѓутоа од наредната година таму е изграден крст кој е веќе осветен. Се наоѓа на околу 15 минути од сретселото и е едно од омилените места за уживање и опуштање на мештаните, каде има поглед на целото село, откако ќе го искачите стрмниот земјен и каменит пат.

- Црквичката „Св. Ѓорѓија“ и „Ѓурепи“ - се наоѓа во длабочините на една од шумите, на околу 20 минути од селото. До таму има тесна земјена патека за пешаци и земјен пат за возила направен за да се стигне до црквата која моментално се реновира.  Често се случува по патот да наидете и на змии или гуштери, а навечер шумите се дувло на мечките. Легендата за оваа црквичка вели дека многу одамна имало некое детенце по име Ѓуре кое било многу болежливо. Баба му на Ѓуре ја советувала неговата мајка да го однесе детенцето да се напие од таа вода со цел да му помине. Мајка му тоа и го сторила, а Ѓуре пополека заздравувал. Мајката му викала на детето: „Пиј Ѓуре, пиј! “, поради што и местото го добило своето име, а оттогаш водата се смета за лековита.


Чешмичката на Ѓурепи

- На само15 минути одење погоре од оваа црквичка се наоѓа врвот Цуцул, каде што е поставен голем крст и оттаму се гледа централниот дел на Лазарополе.


Цуцул

- На околу 40 минути од центарот на селото, се наоѓа друг врв, Соколица. До таму се стигнува исто по тесна шумска патека, а на врвот се наоѓа мала црквичка каде бил убиен таткото на Ѓурчин Кокалески и голем крст, а од погледот од висината се гледа селото како и околните села.


Соколица

Други места кои можете да ги посетите се главната селска црква Св. Ѓорѓија, која датира од 19 век, чиј ктитор е Ѓурчин Кокалески, каде што порано се наоѓало училиште на два ката. Исто така, црквата има со богата историја, икони и приказни, а за жал беше делумно опустошена пред 9 години.

Црквата Св. Ѓорѓија

Дворот на црквата
Местото каде што било училиштето во дворот на црквата

- Исто така, навечер за амбиент и забава, младите палат оган на една од ливадите позната под името „ Долни ливаѓе“, каде што се собираат и дружат.


Како што велат сите досегашни посетители на селото „Кој бил еднаш, се враќа пак!“

Подготвил: Јована Трајковска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема