X
 01.10.2019 Живот

Тајланд размислува да го пресели главниот град поради климатските промени и пренаселеност

Поради проблеми со пренаселеност, загадување и последици од климатските промени, како што е растење на нивото на морето, сè повеќе земји размислуваат за преселување на главните градови.

По Индонезија, Тајланд би можел да биде следната држава во Југоисточна Азија што ќе го пресели главниот град, откако премиерот Прајут Цан-Оца оцени дека таквиот чекор би му помогнал на Бангкок да ги надмине сè поголемите урбани предизвици.

Исто како и Џакарта, Бангкок се соочува со пренаселеност, загадување, пораст на нивото на морето и густ сообраќај, пишува „Гардијан“.

Градот има две опции – да најде друг град што не е ниту предалеку ниту прескап за преселување, а другата можност би било раселување во поширокото подрачје на Бангкок за да се намали метежот.

Премиерот истакна дека таков чекор би подразбирал сеопфатно истражување на социјалните и економските последици.

Предлогот следуваше по неколку недели откако претседателот на Индонезија, Џоко Видодо, најави преселување на административното седиште на земјата од пренаселената Џакарта во Источен Калимантан, на индонезискиот дел на островот Борнео.

Ситуацијата во Џакарта, која е изградена на трусно подрачје, во мочуриште во близина на 13 реки, дополнително е влошена со стихиски развој, лошо урбано планирање и сообраќајни метежи.

Дополнителен проблем е и тоа што Џакарта нема водоводен систем во северниот дел, па поради тоа, искористувањето на подземните води доведе до слегнување на земјата и Џакарта во некои делови тоне и до 25 сантиметри годишно.

Иако главниот град ќе биде изграден на друго место, властите смислуваат мерки како да го спасат градот, а некои од предлозите се вештачки острови околу Џакарта и изградба на брани околу најзагрозените подрачја.

На списокот со градови што тонат, покрај Џакарта, се и Венеција, Шангај, Њу Орлеанс и Бангкок, но Џакарта досега направила многу малку за да ја реши ситуацијата.

Инаку, и досега се менувале главни градови.

Во 2005 година Нејпидо стана нов главен град на Мјанмар, наместо Јангон.

И Канбера е изградена за да биде главен град на Австралија во 1911 година наместо Мелбурн.

Бразилија исто така е изградена со цел Бразил да го премести главниот град од Рио де Жанеиро во 1960 година.

Извор: МИА

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот