X
 01.12.2020 Наша тема

Во Скопје сега има толку активни случаи со Ковид-19 колку што имаше во цела држава на крајот од октомври

Како се движеше бројот на заразени во Македонија и регионот во текот на најтешкиот месец од почетокот на пандемијата?

Во последните 30 дена на Балканот беа забележани дневни рекорди во бројот на заразени и починати од последици од коронавирусот. Сепак, пристигнаа и добри вести од лабораториите низ светот во кои се работи на потенцијална вакцина, а творците на тие вакцини тврдат дека анализите покажале висока ефикасност во борбата против вирусот.

Многу земји во светот воведоа поригорозни мерки поради зголемениот број заразени и починати, а во некои земји во сила се и забрани за движење и полициски час, но во Македонија нема ригорозни мерки какви што имаше на почетокот од пандемијата.

Во текот на ноември во Македонија се регистрирани повеќе случаи на заразени отколку од почетокот на пандемијата до почетокот на ноември. Така, до последниот ден од октомври имавме 31.572 заразени, додека до последниот ден од ноември регистрирани се 61.878 заразени. И бројот на починати во текот на изминатите 30 дена речиси се удвои - од 994 на 1.763. До 31 октомври се регистрирани 20.731 оздравено лице, а заклучно со вчерашниот ден нивниот број изнесуваше 38.946.

Зголемувањето на бројот на заразени може да се види и со споредба на бројот на активни случаи. На 31 октомври во Македонија имало 9.847 активни случаи, а заклучно со 30 ноември бројот на активни случаи во нашата земја е 21.169.

Колку за споредба, додека на 31 октомври во целата земја имало помалку од 10.000 активни случаи, на крајот од ноември само во Скопје се бележат повеќе од 10.000 активни случаи.

Најцрн ден во нашата земја во изминатиот месец е 28 ноември, кога се забележани 41 смртен случај поради коронавирус.


Србија го дочека ноември со 46.954 регистрирани случаи, додека заклучно со последниот ден од месец ноември се регистрирани вкупно 175.438 случаи на заразени, пренесува Би-би-си на српски јазик. Во текот на ноември во оваа соседна земја се забележани и дневни рекорди на заразени, а најмногу позитивни имало на 27 ноември, кога биле регистрирани 7.780 новозаразени. И бројот на починати од неколку дневно во текот на ноември се зголеми на неколку десетици. Рекордот бил забележан на претпоследниот ден од месецот, кога за 24 часа починале 65 лица.

Во Хрватска во текот на ноември се забележани помеѓу две и четири илјади случаи на заразени дневно. Вкупниот број на заразени во таа земја од 46.547, колку што беше на последниот ден од октомври, се зголеми на 128.442. Бројот на починати од 531 се зголеми на 1.786.

Во Босна и Херцеговина заклучно со 30 ноември се регистрирани 87.907 заразени, додека во последниот ден од октомври имало 46.639, а за еден месец починале 1.499 лица.

Црна Гора за еден месец регистрирала повеќе од 22.000 случаи, што е за речиси 5.000 повеќе отколку од почетокот на пандемијата до почетокот на ноември. Само во ноември починале 188 лица (од почетокот на пандемијата вкупно 478).

Словенија, пак, во текот на изминатите 30 дена регистрирала 42.867 случаи, а од почетокот на пандемијата вкупно 75.370. Од почетокот на пандемијата починале вкупно 1.384 лица, од кои само во ноември повеќе од илјада.

На последниот ден од октомври во Косово имало вкупно 18.910 заразени, додека до последниот ден од ноември биле регистрирани 39.596 заразени. За еден месец бројот на починати се зголемил од 674 на 1.016.

Фото: Би-би-си на српски

Во Албанија заклучно со вчера има 18.523 активни случаи, 18.849 оздравени и 810 починати. Колку за споредба, до последниот ден од октомври во оваа земја биле забележани 9.177 активни, 11.189 оздравени и 509 починати лица.

Во светот бројот на заразени за еден месец се зголемил за нешто повеќе од 45 милиони, на речиси 63 милиони. За еден месец починале повеќе од 200.000 лица.

Насловна фотографија: Pixabay
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема