Семејствата најчесто прават план за купување стан, автомобил, одмор или образование на децата... Многу поретко прават план за она што би можело да им го наруши целиот буџет - губење работа, болест, несреќа или друг непредвиден настан.
Брачниот пар Богдановски од Велес со години штедел за сопствен дом. Кога конечно го купиле станот, почнале да го уредуваат – мебел, детска соба... Сè било внимателно испланирано и пресметано до последен денар.
Само едно не внеле во семејниот буџет – непредвиденото.
Еден ден, поради неисправна електрична инсталација, избувнува пожар во станот. За кратко време, мебелот, електричните уреди и дел од просторот се оштетени, а семејството се соочува со непланирани трошоци за поправка и повторно опремување. Покрај стресот и неизвесноста, се поставува и прашањето од каде да се обезбедат средствата за да се санира штетата, а притоа да не се наруши семејниот буџет?
Претходно, кога пријателите му зборувале за имотно осигурување, тој сметал дека не му е потребно и дека нему тоа нема да му се случи. Осигурувањето на домот не е само заштита на просторот и покуќнината, туку и начин да ја заштитиме финансиската стабилност на семејството. Бидејќи домот не е само имот, тој е резултат на долгогодишен труд, вложување и спомени што сакаме да ги зачуваме..
Колку чини сигурноста?
Кога купуваме автомобил, прашуваме колку чини. Кога купуваме стан, ја пресметуваме ратата на кредитот. За одмор правиме буџет, а за поголемите набавки најчесто однапред знаеме колку можеме да потрошиме. Но, кога станува збор за сопствената финансиска сигурност, планирањето често останува настрана. Но, ризикот не чека да бидеме финансиски подготвени.
- Осигурувањето не треба да се гледа како трошок, туку како инвестиција во финансиската сигурност на семејството - смета Здравко Трпковски, директор на Секторот за развој, оцена и преземање ризик при „Триглав Осигурување“ , кој говори за навиките на граѓаните, развојот на осигурителниот пазар и исплатите на штети во Македонија.
- Кога зборуваме за осигурување, не треба да гледаме само колку чини полисата, туку и колку ни значи сигурноста дека сме го заштитиле она што сме го создавале со години - домот, здравјето и иднината на семејството. Кај нас осигурувањето сè уште често се доживува како трошок, додека во развиените земји многу повеќе се препознава како инвестиција во сигурноста и стабилноста на семејството. Со релативно мал износ можеме да се заштитиме од сериозни финансиски последици предизвикани од непредвидени настани. Затоа, предизвикот не е само премијата на осигурувањето, туку и развивањето на свеста за неговата вредност - вели Трпковски.
Според него, осигурителниот пазар во Македонија сè уште во значителна мера се потпира на задолжителните осигурувања, пред сè, на осигурувањето од автомобилска одговорност, кое има голем удел во вкупната бруто-полисирана премија. Сепак, во последните години се забележува раст и кај одредени доброволни осигурувања, меѓу кои приватното здравствено, кредитното и имотното осигурување.
- И натаму постои значителен простор за развој на пазарот, особено кај современите осигурителни производи и заштитата од новите ризици со кои се соочуваат граѓаните. Дополнителен предизвик е приспособувањето кон очекувањата на помладите генерации, кои бараат поголема достапност, брзи и едноставни услуги и можност процесите да ги завршуваат дигитално. Тоа од осигурителните компании бара не само технолошко унапредување, туку и промена во развојот на производите и начинот на комуникација со клиентите - посочува Трпковски.
Најмногу исплати за автомобилска одговорност, здравствено и имотно осигурување
Колку е важна осигурителната заштита, покажуваат и исплатите за штети. Според податоците на Агенцијата за супервизија на осигурувањето, во првата половина од годината биле исплатени над 42 милиони евра по основ на осигурителни штети. Најголем дел од исплатите се однесувале на автомобилската одговорност, а значителни средства биле исплатени и за здравствено и имотно осигурување.
Трпковски посочува дека здравственото осигурување бележи најголема зачестеност на штети, што покажува дека осигурителната заштита се користи и за покривање на секојдневни потреби, а не само во случај на големи и ретки непогоди.
- Не треба да зборуваме само за тоа колку чини осигурувањето, туку и колку би нè чинело ако се случи непредвиден настан, а немаме соодветна заштита. Осигурувањето не може да ја спречи штетата, но може значително да ги намали нејзините финансиски последици. Токму во тоа е неговата вистинска вредност - вели Трпковски.
Сигурноста не е само висината на приходот
Стабилниот приход е важен, но сам по себе не значи дека едно семејство е финансиски сигурно.
- Финансиски сигурно семејство е она што има стабилни и доволни приходи за основните трошоци, има заштеда за итни случаи, нема прекумерни или тешко отплатливи долгови, односно има буџет и знае каде одат парите. Финансиски сигурно значи и подготвено да се справи со неочекувани трошоци без да го наруши својот животен стандард - вели Соња Карапашовска, м-р по финансии и ревизија, експерт за буџетирање и внатрешна контрола.
Соња Карапашовска/ Фото: приватна архива
Според неа, штедењето треба да биде еден од приоритетите во управувањето со личните финансии, но еднакво важна е и заштитата од ризици.
- Осигурувањето значи заштита и пренесување на ризикот доколку се случат неочекувани настани и неповолни економски трендови - посочува Карапашовска.
Прво буџетот, потоа сè друго
Карапашовска советува при изготвувањето на личниот буџет да се земат предвид неколку основни чекори.
- Пресметајте ги вашите приходи за буџетскиот период: вашата плата, надоместоци и други извори на дополнителни приходи, заштедете најмалку 10 % од вашите приходи, оставете одредена сума и за вашиот фонд за итни случаи (износ во вредност од вашите трошоци за живот за најмалку 6 месеци). Пресметајте ги фиксните трошоци за буџетскиот период што вообичаено мора да се платат или да се потрошат на месечна основа. Ова вклучува: кирија за куќа и стан, плаќање рати на кредити, премии за осигурување и друго. Пресметајте ги варијабилните трошоци за буџетскиот период. Ова вклучува: гориво, прехранбени производи, сметки за режиски трошоци (сметки за електрична енергија, вода, телефон, парно, домување). Проценете ги другите трошоци што можете да одлучите дали да ги направите или не. Тоа се: подароци, хоби, забава и годишен одмор - вели Карапашовска.
Можеби најважните инвестиции во животот се токму оние што не можеме да ги видиме. Не носат нов автомобил, поголем стан или повисока плата. Но носат нешто што станува непроценливо во моментот кога ќе се случи непредвиденото - можноста животот да продолжи без еден настан целосно да го наруши семејниот буџет.
Сигурноста е необична инвестиција – најмногу ја цениме тогаш кога најмногу ни е потребна.
Фото: magnific