X
 02.01.2024 Живот

Од 1 јануари задолжително назначување даночен застапник за странските лица кои немаат подружница во земјава, а вршат промет на услуги и стоки

Од почетокот на годинава странските лица кои немаат седиште или подружница на територија на државава, а вршат промет на стоки и услуги кои подлежат на данокот на додадена вредност, ќе мора да назначат даночен застапник за ДДВ.

Оваа обврска, како што стои во информацијата објавена на веб-страницата на Управата за јавни приходи, произлегува од последните измени на Законот за данок на додадена вредност, објавени во „Службен весник“ на 25 септември минатата година.

- Пропишаната законска обврска странското лице треба да ја исполни пред отпочнувањето на вршењето на оданочивиот промет во земјата, а при регистрација не се зема предвид вкупниот промет од 2 милиона денари пропишан во членот 51 ставот (1) од Законот за данокот на додадена вредност - се појаснува во соопштението.

За даночен застапник може да биде назначено секое правно или физичко лице кое е регистрирано за цели на данокот на додадена вредност најмалку 12 месеци пред поднесување на пријавата и кое нема достасани и неплатени даночни обврски. За правните лица како услов е наведено да немаат и стечајна или ликвидациона постапка, а физичките лица не треба да се правосилно осудени за кривични дела.

Обврската на даночниот застапник ќе биде да го пресметува данокот на додадена вредност врз основа на добиените пресметки од странското лице, да поднесува пријава за ДДВ во име на странското лице по истекот на секое тримесечје, да го плаќа данокот и пресметаната камата во случај кога странското лице не ја извршило уплатата во законски пропишаниот рок и да води евиденции за извршениот оданочен промет од страна на странското лице.

Извор: МИА

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот