X
 13.03.2024 Наша тема

Стриминг-сервисите ќе плаќаат данок во Македонија: Странските фирми мора да имаат даночен застапник за ДДВ

Од почетокот на годинава странските фирми што работат, нудат и даваат услуги на територијата на Македонија, а немаат седиште или подружница тука, имаат обврска да назначат даночен застапник за данокот на додадена вредност (ДДВ).

Оваа обврска произлезе од измените на Законот за данокот на додадена вредност, а се однесува на оние правни лица што вршат промет на стоки и услуги кои подлежат на овој данок.

Вработените од ИТ-секторот се затекнати од обврската и сметаат дека таа негативно ќе влијае врз нивното работење во странските фирми кои немаат седиште тука, но од Министерството за финансии велат дека направените измени и дополнувања на Законот за ДДВ претставуваат усогласување со ЕУ-директивите за ДДВ и најновите практики и се во насока на олеснување на вршење на прометот од страна на ИТ-секторот и зголемување на правната сигурност.

Измените повеќе се однесуваат на компании што нудат услуги на радио и телевизиско емитување и услуги извршени по електронски пат. Тоа се, всушност, стриминг-сервисите кои ги користат граѓаните на македонска територија, а не плаќаат ДДВ, меѓу кои „Нетфликс“ и Ејч-би-о, „Дизни“.

Од Министерството за финансии потврдија дека со измените ќе се даночат и услуги на советници, инженери, услуги во рекламирањето и услуги на осигурување и реосигурување.
- Поконкретно станува збор за следните активности што се опфатени со измените:
- пренос и отстапување авторски права, патенти, лиценци, заштитни знаци и други слични права; - услуги на полето на рекламата;
- услуги на советници, инженери, советодавни фирми, адвокати, сметководители и други слични услуги, како и обработка на податоци и давање информации;
- банкарски и финансиски услуги и услуги на осигурување и реосигурување, освен изнајмувањето сефови;
- обезбедување персонал;
- изнајмување движен материјален имот, освен на сите видови превозни средства;
- услуги за посредување за пристап до системи за природен гас или друга слична мрежа, обезбедување пристап до мрежата на електрична енергија во случај на задушување на соодветна алокациска единица при доделување на прекуграничните преносни капацитети на интерконективните водови;
- телекомуникациски услуги;
- услуги на радио и телевизиско емитување и - услуги извршени по електронски пат - објаснија од Министерството за финансии.



Поконкретно, тоа е дефинирано во член 14 од Законот, со кој се уредува местото на прометот на услугите што се извршуваат. Односно, доколку прометот на услуги се врши кон подружница која даночниот обврзник ја има надвор од местото на вистинското седиште, тогаш како место на промет на услуги се смета местото каде што даночниот обврзник има подружница. Доколку такво место не постои, за место на прометот на услуги се смета постојаното живеалиште или престојувалиште на даночниот обврзник кој е корисник на услугата. 

Доколку прометот на услуги се врши од подружницата на вршителот на прометот на услуги, што се наоѓа надвор од неговото вистинско седиште, тогаш седиштето на подружницата се смета за место на прометот на услуги. Доколку такво место не постои, за место на прометот на услуги се смета постојаното живеалиште или престојувалиште на вршителот на прометот на услуги.

Притоа, појаснуваат дека даночен застапник може да е фирма или поединец што ги исполнува предвидените услови: да е регистриран за цели на ДДВ најмалку 12 месеци пред поднесувањето на пријавата за назначување даночен застапник; на денот на поднесување на пријавата да нема ненамирени даночни обврски. Доколку е правно лице – да не е започната стечајна или постапка за ликвидација, а ако се работи за физичко лице – да не е правосилно осудено за кривично дело.

Странската фирма, пак, треба да се пријави за регистрација и за доделување ЕДБ во надлежната регионална дирекција на УЈП, зависно од адресата на назначениот даночен застапник. Кога ќе се завршат сите формалности, даночниот застапник во своја надлежност ги презема обврските да пресметува ДДВ врз основа на добиените пресметки од странската фирма; во негово име, по истекот на секое тримесечје, да поднесува даночна пријава; да го плаќа данокот и евентуално пресметаната камата ако уплатата не е извршена во законски пропишаниот рок и да води евиденции за извршениот промет кој се оданочува.
Подготвил: Орце Костов

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема