X
 02.04.2022 Наука

Птиците несат јајца порано поради влијанието на климатските промени

Со оглед на тоа што климатските промени го поттикнуваат раниот почеток на пролетта во поголемиот дел од Северна Америка, многу птици несат јајца порано, според новото истражување кое го зголемува бројот на докази дека глобалното затоплување целосно го менува однесувањето на дивиот свет.

Од 72 вида птици следени во областа околу Чикаго, околу една третина снесле јајца 25 дена порано од пред еден век, според написот објавен во петокот во „Журнал оф енимал еколоџи“. Меѓу погодените се гулабот, ветрушката и јастребот.

Досега научниците немаат пронајдено јасни карактеристики заеднички за овие видови кои би можеле да објаснат зошто го менуваат нивниот распоред.

- Повеќето од птиците што ги набљудувавме јадат инсекти, а сезонското однесување на инсектите исто така е под влијание на климата - рече главниот автор Џон Бејтс, куратор на одделот за птици во музејот „Филд“ во Чикаго.

Само неколку степени повеќе или помалку може да имаат големо влијание


- Прашањето за тоа како животниот циклус на животните и растенијата е под влијание на климатските промени и сезонските нарушувања, станува сè поважно - рече Бејтс.

Само неколку степени можат да имаат големо влијание врз тоа кога ќе се појават инсектите, кога ќе се појават листовите на дрвјата, кога ќе расцутат цвеќињата и, според новото истражување, кога птиците ќе снесат јајца.

ptica
Фото: Freepik

Научниците веруваат дека климатските промени може да бидат една од многуте причини за остриот пад на популацијата на птиците од 70-тите години, при што САД и Канада губат околу една третина од нивните птици - или околу 3 милијарди птици, според студијата од 2019 година објавена во списание „Сајнс“.

Потврдени се резултатите од студијата во Обединетото Кралство

Бејтс и неговите колеги проучувале повеќе од 1.500 записи за лушпи од јајца чувани во музејот „Филд“ во Чикаго, а многу од нив датираат од периодот помеѓу 1872 и 1920 година, кога собирањето јајца било популарна забава.

Овие ентузијасти од викторијанската ера оставиле детални, рачно напишани налепници со информации за видовите птици и датумот на собирање. Научниците ги споредиле овие записи со повеќе од 3.000 модерни записи, сите заедно со податоци за нивоата на јаглероден диоксид на датумите на гнездење во текот на целата студија.

Наодите од студијата ги потврдуваат резултатите од студиите спроведени во последните децении во Обединетото Кралство, кои исто така откриле дека птиците несат јајца порано.

Извор: Lolamagazin.com
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука