X
 02.06.2022 Наука

Европските научници со години ги игнорираат предупредувањата од Африка: „Нашиот имунитет на мајмунски сипаници е речиси нула“

Првиот случај на мајмунски сипаници е забележан на 7 мај во Велика Британија кај лице што живее во Нигерија, но научниците сѐ повеќе се убедени дека болеста претходно се проширила во Европа, без никој да забележи.

- Иако секој ден се појавуваат нови пациенти, истражувањата на претходните случаи покажуваат дека епидемијата во нашиот регион сигурно била почната кон средината на април - изјави д-р Ханс Клуге, регионален директор на Светската здравствена организација (СЗО) за Европа.

Бидејќи случаите на мајмунски сипаници досега биле ретки во Европа, малку научници на Запад се занимавале со оваа болест, која е ендемична во Централна и Западна Африка, каде што луѓето претежно се разболуваат по контакт со заразено животно. Но, африканските научници со години предупредуваат дека секоја година сѐ повеќе пациенти се заразуваат со овој вид сипаници. Во Демократска Република Конго, каде што првите случаи на мајмунски сипаници која луѓе биле пријавени во 1972 година, 2.800 сомнителни случаи биле пријавени во 2018 година, 3.800 во 2019 година и 6.300 во 2020 година, вклучувајќи 229 со фатален исход.

Една од причините за ширење е поврзана со слабеењето на колективниот имунитет што го обезбедува масовната вакцинација против сипаници, слична, но многу позаразна и смртоносна болест од мајмунските сипаници. Благодарение на повеќедецениската програма за масовна вакцинација против сипаници, СЗО прогласи дека болеста е искоренета во 1980 година. Бидејќи вакцината против сипаници е ефикасна против мајмунски сипаници, таа долго време обезбедува заштита на населението во земјите од Централна и Западна Африка.

- Оваа епидемија навистина чекаше да започне - изјави д-р Ромулус Бребан од Институтот „Пастер“ во Париз. Математичкото моделирање спроведено од Бребан и неговиот тим во 2020 година покажа дека во Демократска Република Конго колективниот или имунитетот на стадото кај мајмуните сипаници опадна од 85 отсто во раните 80-ти години на 60 отсто во 2012 година.

- Со опаѓањето на имунитетот, мајмунските сипаници се зголемена закана за здравствената безбедност - напиша Бребан во септември 2020 година во месечниот билтен на СЗО.

- Нивото на имунитет ни е речиси нула. Луѓето на возраст од 50 и повеќе години веројатно ќе бидат имуни, но ние другите не сме. Затоа, ние сме многу, многу чувствителни - предупреди Бребан пред неколку дена.

сипаници
Фото: Freepik

Слично размислува и нигерискиот виролог д-р Ојевале Томори, кој предупредува дека од 2017 година во Нигерија се пријавени повеќе од 500 случаи на мајмунски сипаници, вклучително и неколку смртни случаи.

- Вистинскиот број на заразени и починати би можел да биде поголем, со оглед на ограничената контрола на ширењето на вирусот во руралните средини. Колку повеќе време поминува од вакцинацијата против големи сипаници, толку е поголема веројатноста дека мајмунските сипаници ќе почнат да се шират - изјави Ојевеле Томори.

Научниците предупредуваат дека поради развиениот воздушен сообраќај, патник од земја каде што мајмунските сипаници се ендемично заболување, како Нигерија, Камерун или Конго, може да ја пренесе инфекцијата каде било во светот за помалку од 24 часа. Токму тоа се случи: првиот анализиран геном на мајмунски сипаници изолиран кај пациент во Португалија, објавен на 19 мај, покажа дека видот на вирусот што сега се шири е најсличен на оној што го пренеле патниците од Нигерија во Сингапур, Израел и Велика Британија во 2018 и 2019 година. Инаку, сојот на вирусот на мајмунски сипаници од Нигерија е благ и ретко смртоносен, за разлика од сојот од Конго, чија стапка на смртност може да достигне и до 10 отсто.

Но, пред неколку дена д-р Ричард Нехер, специјалист по биоинформатика на Универзитетот во Базел, на „Твитер“ ја сподели „геномската епидемиологија“ на вирусот на мајмунски сипаници, што покажува како вирусот се променил од 1958 година, кога првпат бил откриен кај лабораториски  мајмуни во Данска, до денешниот сој. Патем, вирусот на мајмунски сипаници спаѓа во семејството „Poxviridae“ кои се ДНК-вируси.

- Овие вируси имаат ниски стапки на еволуција од околу една мутација по геном годишно. Секвенциите на сипаници поврзани со неодамнешната епидемија, сепак, се разликуваат за околу 40 мутации од вирусите секвенционирани пред четири години. Стапката на мутации е зголемена 10-20 пати.

Извор: Jutarnji.hr
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука