X
 02.06.2025 Наука

Соларните бури ги враќаат сателитите на Маск кон Земјата

Ново истражување посочува дека засилената соларна активност го скратува животниот век на сателитите од „Старлинк“ на „Спејс екс“ и може да ги прати назад кон Земјата со голема брзина. Ова би можело да го зголеми ризикот од паѓање на отпадоци од сателити на Земјата.

Оваа студија, која треба да оди на стручна рецензија, е дополнителен доказ што покажува дека соларните бури ѝ нанесуваат штета на „Старлинк“ на Илон Маск. Во текот на последните неколку години фреквенцијата и интензитетот на овие бури се зголемија како што Сонцето се приближуваше до соларниот максимум - врвот во неговиот 11-годишен циклус. Истовремено, бројот на сателити што орбитираат околу Земјата екстремно се зголеми, главно поради зголемувањето на приватните мегасоѕвездија како „Старлинк“.

Тим од истражувачи, предводен од Дени Оливеира од НАСА, следел враќања на сателити од „Старлинк“ во периодот помеѓу 2020 и 2024 година. Тој период се совпадна со фазата на раст на моменталниот соларен циклус, кога соларната активност се зголемува пред соларниот максимум што се случи во октомври 2024 година.

Во текот на тие пет години, 523 сателити на „Старлинк“ повторно влегле во атмосферата на Земјата. Оливеира и неговите колеги ги анализирале орбитите на овие сателити со користење статистичка техника.

Сателитите на „Старлинк“ се дизајнирани целосно да изгорат при повторно влегување во атмосферата

Истражувачите откриле дека геомагнетната активност - пречките во горниот дел од атмосферата предизвикани од соларни ерупции - предизвикува сателитите повторно да влезат во атмосферата на Земјата поскоро од очекуваното. Овие сателити се дизајнирани да останат во орбитата околу 5 години. Но, при силни геомагнетни бури, нивниот животен век може да се намали за 10 до 12 дена, објаснил Оливеира.

Тој и неговите колеги веруваат дека ова се случува затоа што геомагнетната активност ја загрева атмосферата и предизвикува нејзино ширење. Тоа доведува до зголемен аеродинамички отпор на сателитите, скратувајќи го нивниот животен век и предизвикувајќи да ја губат алтитудата побрзо додека се во интеракција со горниот слој на атмосферата.

Оливеира посочува дека паѓањето на сателитите со поголема брзина може да ги зголеми шансите за нивно преживување при влегувањето поради намалените атмосферски интеракции. Ќе бидат потребни дополнителни истражувања за да се потврди оваа хипотеза бидејќи студијата не ги оценува директно ризиците од отпадот.

Сателитите на „Старлинк“ се дизајнирани целосно да изгорат при повторно влегување во атмосферата, но тоа не се случува секогаш. Во 2024 година дел од сателит тежок 2,5 килограми падна на фарма во Саскачеван. Во февруари годинава од „Спејс екс“ истакнаа дека е можно делови од отпад од сателитите да паѓаат на Земјата, но посочија дека тоа не е ризик за луѓето.

Сега има повеќе од 7.500 сателити на „Старлинк“ во орбитата, според астрономот Џонатан Мекдовел кој го следи соѕвездието. Од „Спејс екс“ се надеваат петкратно да го зголемат бројот и да лансираат вкупно 42.000 сателити. Ова е само дополнение на илјадниците други сателити што кружат околу Земјата.

-Ова е првпат во историјата да имаме толку многу сателити во орбитата во исто време. Па, сега имаме сателити што се враќаат речиси секоја недела, а во следните месеци или години можно е тие одново да влегуваат во атмосферата - вели Оливеира.

Извор: Gizmodo
Фото: Freepik
Подготвил: Билјана Спиркоска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука