Силен топлотен бран зафати големи делови од Јужна Европа и Северна Африка, поради што температурите скокнаа над сезонските норми и ги вклучија алармите за здравствените и ризиците од пожари. Помеѓу најтешко погодените земји се Шпанија, Франција, Италија, Грција, Кипар и Алжир, соопшти Европската вселенска агенција (ЕСА).
Сликата подолу, направена на 29 јуни од мисијата „Коперникус Сентинел-3“, покажува колку е интензивен моменталниот топлотен бран во некои делови од Европа. Користејќи го радиометарот за температура на копнената и морската површина, сателитот ја покажува вистинската температура на копнената површина, а не на воздухот. За разлика од мерењата на воздушната температура, овој сателитски инструмент ја мери термалната енергија емитувана од земјината површина, која обично е повисока од температурата што ја чувствуваме во воздухот.
Фото: ЕСА (за поголема резолуција, кликнете на сликата)
Но, не е жешка само површината на земјата, туку и онаа на Средоземното Море, како што може да се види на сликата, за која се користени информации и од морската служба „Коперникус“.
Следењето на температурата на копнената површина е клучно за разбирање и предвидување на временските и климатските шеми, следењето на ризиците, поддршката на земјоделците со планирање на наводнувањето и планирањето на урбаниот дизајн за ублажување на жештината.
Доколку ја зумираме сликата, лесно може да се види кои се најжешките точки во Македонија.