X
 09.07.2021 Живот

Македонија меѓу последните 10 на листата со најбезбедни земји во светот

Бидејќи светот е свртен наопаку и уништен од глобалната ковид-пандемија што почна во 2020 година, утврдувањето на релативната безбедност на секоја земја сега е поважно од кога било.

Светската ранг-листа за најбезбедни земји „Глобал фајненс“ вклучува предности и ризици на секоја земја погодена од пандемијата.

Еве кои земји се покажаа како безбедни, а кои како доста ризични.

Процената на безбедноста зема предвид три главни фактори: војна и мир, лична безбедност и ризик од природни катастрофи и третиот фактор е ковид-19.

Истражувачите направиле процена врз основа на 2020 година и средината на 2021 година. Биле земени предвид основните фактори, ризиците од смртност (го означуваат резултатот од борбата против ковид-19) и успешната вакцинација по глава на жител (што укажува на финансиската моќ на државата да одговори на предизвикот).

Истражувањето не ги вклучило земјите што немале податоци во барем една од категориите: Бутан, Белорусија, Судан.

Меѓу најдоброрангираните се земји од Европа и од Азија. Од првите 20 земји, девет се наоѓаат во Европа, а четири се северноевропски (Исланд, Финска, Данска, Норвешка). Другите единаесет се земји од Блискиот Исток или земји од Југоисточна/Источна Азија. Меѓу првите 20 недостигаат многу други европски земји што имале добра позиција на претходните рангирања. Португалија, Шпанија, Словенија и Белгија паднаа на ранг-листата бидејќи нивните влади лошо се справиле со кризата предизвикана од ковид-19.

Во суштина, ковид-19 го оспори вообичаеното мислење за безбедноста на која било земја. Земјите во Северна Америка, Европа, а можеби и некои на Блискиот Исток и во Азија би доминирале на прво место главно поради нивното богатство и развиен статус. Исто така, и развиените земји се многу подобро опремени да се справат со нешто толку опасно и сложено како пандемијата отколку помалку развиените земји. Но, она што го видовме е дека многу големи светски економски сили (САД, Франција, Велика Британија) или регионални сили (Бразил, Русија, Индија, Кина), станаа епицентар на пандемијата.

Ковид-19 смени многу претпоставки за тоа кои земји се најбезбедни и зошто. Иако клучните фактори што обично ги сочинуваат рангирањата за безбедност во голема мера се непроменети, ковид-19 претстави нов предизвик за владите низ целиот свет. Како што бројот на вакцинирани луѓе во светот постојан се зголемува, останува прашањето: Како светот би се справил со идна пандемија?

1
Фото: Screenshot/Globale Finance Magazine

Ова се првите 20 земји прогласени за најбезбедни во светот:

1. Исланд
2. Обединети Арапски Емирати
3. Катар
4. Сингапур
5. Финска
6. Монголија
7. Норвешка
8. Данска
9. Канада
10. Нов Зеланд
11. Австралија
12. Бахреин
13. Кипар
14. Швајцарија
15. Австрија
16. Естонија
17. Јужна Кореја
18. Кувајт
19. Саудиска Арабија
20. Германија

Најразвиените земји во светот се соочуваат со далеку поголема смртност и се сметаат за умерено успешни. Така, САД се најдоа на 71. место, Франција на 57. место, Италија на 84. место, Русија на 104. место, Унгарија на 90. место.

Од земјите во регионот, најдоброрангирана е Србија, која се најде на 35. место. Словенија се најде на 47. место, Грција на 58. место, Албанија на 63. место, Хрватска на 74. место, Бугарија на 114. место, Црна Гора на 121. место. Нашата земја има најнизок ранг од земјите на Балканот и се најде на 125. место од вкупно 134 држави. Единствено Босна и Херцеговина е под неа, на 130. место.

2
Фото: Screenshot/Globale Finance Magazine

Последните 20 земји што се сметаат за најмалку безбедни се:

134. Филипини
133. Колумбија
132. Гватемала
131. Нигерија
130. Босна и Херцеговина
129. Бразил
128. Мексико
127. Перу
126. Јемен
125. Македонија
124. Ел Салвадор
123. Хондурас
122. Венецуела
121. Црна Гора
120. Јужна Африка
119. Украина
118. Либан
117. Демократска Република Конго
116. Пакистан
115. Мали

Извор: Khaleejtimes.com | Globalnation.inquirer.net | Gfmag.com
Фото: Pixabay
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот