X
 29.01.2019 Култура

Нада Прља со „Субверзија во црвено“ ќе ја претставува Македонија на Венециското биенале

Во Министерството за култура пристигнале уште три пријави: „Мирисот на лебот“ од Нехат Беќири на Националната галерија на Македонија, „А-Reaction“ од Мариа Павловска на Музејот на град Скопје и самостојниот проект „Че биде“ од Игор Јосифов

Уметницата Нада Прља со проектот „Субверзија во црвено“ ќе ја претставува Македонија на 58. Венециско биенале на ликовната уметност што ќе се одржи од 11 мај до 24 ноември на повеќе локации во италијанскиот град, соопшти вчера Министерството за култура. Нејзиното претставување ќе го организира Музејот на современата уметност од Скопје.
Четирите пријавени проекти ги разгледувала комисија составена од проф. Мирко Вујисиќ, проф. Тони Васиќ и Имер Бајрами. За претставувањето во Венеција, Министерството за култура издвоило 4 милиони денари.

Во Министерството за култура пристигнале уште три пријави: „Мирисот на лебот“ од Нехат Беќири на Националната галерија на Македонија, „А-Reaction“ од Мариа Павловска на Музејот на град Скопје и самостојниот проект „Че биде“ од Игор Јосифов.
- При увидот, комисијата утврди дека проектот на Национална галерија не ги исполнува условите пропишани и проектот на Нехат Беќири не беше земен предвид во натамошниот процес на разгледување и одлучување - соопштуваат од Министерството.

Дело од Нада Прља / Извор: Јутјуб

Комисијата оценила дека проектот на Прља е актуелен според тематската одредница и методологијата во уметничкиот пристап низ неконвенционалните методи и интернационално референтен во културниот контекст и во однос на темата на Биеналето.

Куратор на годинашното издание на Биеналето е Ралф Ругоф, кој ја утврди и генералната тема на манифестацијата: „Може да живееш во интересни времиња“.

Факултети.мк пред неколку дена објави дека според пропозициите, уметникот што годинава ќе ја претставува Република Македонија на Венециското биенале морал претходно веќе да има лична покана од Биеналето и обезбедено изложбен простор во Венеција. Ова беше и еден од критериумите за да може да учествува на конкурсот на Министерството за култура за претставник на Република Македонија на најстарото ликовно биенале во Европа. Првпат од осамостојувањето од уметниците се бара да се исполни овој услов за да може да конкурираат за македонски национален претставник на Биеналето. Досега, институциите (или поединци) пријавуваа проекти во ресорното министерство за кои комисија оценуваше дека се уметнички издржани да ја претстават актуелната ликовна сцена во Македонија. Од нив не се бараше манифестацијата претходно да ги има покането да учествуваат на некој од придружните настани, ниту да имаат веќе обезбедено изложбен простор. Откако комисијата ќе го избереше претставникот, институцијата на која ѝ беше доделена организацијата на нашето претставување наоѓаше изложбен простор во Венеција, каде што уметникот го претставуваше проектот.

Министерството не соопшти каде ќе биде изложен избраниот проект. Република Македонија се претставува во рамките на националните партиципации од 1993 година.

Подготвил: В.И.И. / vesna.ivanovska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура