X
 02.07.2026 Живот

Погледнете го судирот меѓу 30 години стар теренец и нов модел: разликата е неверојатна

„Иншуранс институт фор хајвеј сејфти“ објави ново тестирање кое повторно ја отвора старата дилема - дали автомобилите некогаш навистина беа поцврсти и побезбедни или станува збор само за носталгија.

Одговорот, барем според најновиот тест, е прилично јасен.

За да покаже колку напредувала безбедноста на возилата во последните 30 години, институтот организира фронтален судир меѓу моделот „шевролет С-10 блејзер“ и сосема новиот „шевролет блејзер“. Двете возила се движеа со иста брзина и се судрија според правилата за умерен фронтален преклоп при брзина од 64 км/ч.

Резултатот покажа драматична разлика

Кај новиот „блејзер“ најголемиот дел од енергијата од судирот беше апсорбиран од предната структура на возилото, додека патничката кабина остана речиси недопрена. Процените на институтот покажуваат дека во реална ситуација возачот би поминал со полесни повреди, како што се гребеници и модринки.

Од друга страна, „блејзер“ од 1996 година покажа колку се промениле стандардите. Кабината сериозно се деформира, инструмент-таблата и управувачкиот столб се поместија кон возачот, а системот на воздушни перничиња не ја заштити соодветно куклата во тестот, при што дојде до опасно поместување на главата наназад по ударот.

 

Резултатот не ги изненади експертите. Стариот „блејзер“ уште кога беше претставен ја доби најниската оцена на тестовите на институтот, додека новиот модел е оценет со највисоката оцена, иако сè уште ја нема поминато најновата верзија на тестирањето воведена во 2022 година, која дополнително ја проценува заштитата на патниците на задните седишта.

Институтот спроведува тестови на судир уште од 1995 година, но за разлика од регулаторните тестови, нивните процедури се засноваат на реални сообраќајни несреќи и податоци од осигурителните компании. Целта е да се поттикнат производителите да ја унапредат безбедноста.

Со текот на годините тестовите стануваа сè построги и денес вклучуваат не само отпорност на судир, туку и процена на системите како што се автоматското сопирање, квалитетот на светлата и други технологии за активна безбедност.

Според процените на институтот, унапредувањата на безбедноста воведени благодарение на нивните тестови меѓу 1999 и 2024 година спасиле повеќе од 48.000 животи, со огромни економски заштеди кои се мерат во стотици милијарди долари.

За потсетување, истиот институт уште во 2009 година го направи познатиот тест во кој ги спореди „шевролет бел ер“ од 1959 година и тогаш модерниот „шевролет малибу“, со што практично се разби митот дека постарите автомобили се „тенкови“ во споредба со денешните возила.

Извор: Citymagazine.danas.rs
Фото: Screenshot/YouTube

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот