X
 13.11.2015 Образование

Безбедни ли се студентите и професорите на предавање?


 
По инцидентот кој неодамна се случи на една од скопските клиники, во кој доктор беше застрелан од надворешни лица, се поставува прашањето, каква е безбедноста на државните институции, вклучително и државните универзитети. Безбедни ли се студентите додека се на предавања и безбедни ли се професорите во нивните кабинети? Имало ли некогаш вербални или физички напади од надворешни лица врз професори поради на пример, незадоволство од добиена оценка? Нашите соговорници велат дека засега вакво нешто не се случило.

И да сакаме, не можеме сосема да се затвориме

Проф. д-р Виктор Стефов, долгогодишен професор на Институтот по хемија на Природно-математичкиот факултет вели дека безбедноста на здравствените установи мора да е на врвно ниво, а истото треба да е случај и на високообразовните институции.

- Што се однесува до факултетите, ние и да сакаме не можеме херметички да се затвориме. Сепак сме академска институција. На нашиот факултет имаме релативно добар систем на обезбедување кој сепак може да биуде и подобар. Но, при голем проток на студенти не е возможна тотална контрола. Ако направиме таков бедем тогаш многу ќе се изгуби и на академската слобода. Еве дури и во САД каде што има големи процедури и стандарди на однесување на факултетите, скоро секојдневно се случуваат тешки инциденти - вели професорот Стефов.

Студентката Мартина Димоска од Технолошко-металушкиот факултет во Скопје вели дека се чувствува безбедно додека е на предавања.

- Најчесто се проверува кој влегува на факултетот, има чувари. Но, мислам дека доколку некој сака, нема да му е проблем да влезе. Амфитеатрите се заклучени само кога нма предавања, а предавалниците се отворени. Се заклучуваат само оние во кои има поскапа опрема - вели Мартина.

На „Гоце Делчев" безбедноста е на високо ниво

Проф. д-р Кирил Барбареев, проректор на Универзитетот „Гоце Делчев" во Штип информира дека на овој универзитет има сопствена служба за обезбедување.

- Тоа е направено согласно законот за приватно обезбедување. Досега не се случило да има некаков инцидент. На секој објект на влезната врата има чувари, како и во дворовите, кај лабораториите, студентските досиеја. Плус има и камери со кои се следи состојбата. Не можеме да предвидиме што може да се случи, какви намери има некој, но сепак универзитетиот е обезбеден. Безбедноста е важна бидејќи секојдневно има голема фрекфенција на луѓе на факултетите - вели Барбареев.

Автор: Антонија Поповска-Христов / аntonija@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование