X
 02.10.2025 Живот

Како Финска ја задржува титулата најсреќна земја на светот?

Финска осум години по ред е на прво место на ранг-листата со најсреќни земји во светот.

Тоа е подвиг што сè уште не го надминала ниту една друга земја. Овој успех може да се смета за уште поголемо достигнување во овие несигурни времиња, иако мистеријата на финската среќа останува неразјаснета за многумина, вклучително и за самите Финци.

Извештајот за светската среќа е годишен извештај што го објавува Универзитетот „Оксфорд“ во соработка со „Галуп“ и Обединетите нации.

- Луѓето ја анализираа анкетата и се обидуваа да откријат што не е во ред со неа - објаснува Френк Мартела, филозоф и професор.

Мартела, кој оваа година ја објави книгата „Престани да ја бркаш среќата: песимистички водич за добар живот“, смета дека Финците биле скептични поради начинот на кој се мери среќата.

- Мислам дека една клучна работа е што тие всушност мерат во овој извештај за среќа - вели Мартела.

Извештајот ја рангира среќата на една земја врз основа на едно прашање: На скала од 0 до 10, колку е блиску твојот живот до најдобриот можен живот?

- А тоа е различно прашање од тоа, на пример, дали почувствувале радост денес, дали се насмеале денес и дали слатко се изнасмеале денес? - додава Мартела.

За Финците, вистинската среќа всушност се сведува на задоволство и смиреност. Прашањето е: зошто тие се толку задоволни?

- Општеството такво какво што го имаме успеа релативно добро да се погрижи за своите граѓани - објаснува Мартела.

Пример за тоа е централната библиотека „Ооди“ во Хелсинки. Таа се дефинира како „жив простор за средби“, нудејќи традиционални библиотечни услуги, простории за видеоигри, дигитални студија, 3Д-печатење и многу повеќе - сето тоа бесплатно и достапно за сите.

- Идејата е секој да има можност да ги прави овие работи, без разлика колку пари има - вели Мартела.

Финците сметаат дека иако имаат високи даноци, тие вредат поради бенефициите што ги добиваат.

- Мислам дека тука повеќе постои идеја за заедница. Луѓето прифаќаат дека ако плаќаш даноци, тогаш добиваш нешто за возврат - вели Тим Брд, кој се преселил од Велика Британија во Финска пред повеќе од 40 години.

Исто така, Брд бил воодушевен од близината на природата.

- Едно од најдобрите нешта во Хелсинки е тоа што никогаш не си далеку од природното опкружување - вели тој.

Друга можна причина за среќата на Финците е нивниот однос кон температурата. Финска има повеќе сауни по глава на жител отколку што САД имаат патнички автомобили.

Карита Харју, коавторка на книгата „Моќта на жешкото и студеното“, објаснува дека секојдневно користи сауна - и поради здравствени и поради психички придобивки. По загревањето, таа се нурнува во студените води на Балтичкото Море. Брзите температурни промени ослободуваат ендорфини, но за Харју, тоа е пред сè прашање на релаксација.

Ова повторно нè враќа на прашањето што значи среќа за Финците и зошто земјата води на листата за светска среќа речиси една деценија.

- Мислам дека ни е даден овој уникатен живот и би било прилично тажно ако само следиш надворешни притисоци и правиш работи што другите луѓе ги сакаат, како да живееш туѓ сон наместо сопствениот - вели Мартела.

Извор: Cbsnews.com
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот