Империјата на „Дизни“ не ќе постоеше да не постоеше анимацијата.
„Паробродот Вили“, краток филм од 1928 година со првите, речиси неми верзии на Мики и Мини Маус, влезе во историјата на филмот и започна со деценискиот незапирлив успех на продукцијата на „Дизни“.
Од 1 јануари 2024 година цртежите на Мики и Мини станаа јавна сопственост бидејќи авторските права на „Дизни“ се истечени. Ова значи дека цртачите и аниматорите можат да ги преработат и користат без да побараат дозвола и да платат.
Но, „Дизни“ предупреди дека помодерните верзии на Мики и понатаму се заштитени како интелектуална сопственост.
- Ќе продолжиме да ги штитиме авторските права на нашите модерни верзии и дела - соопштија од компанијата.
Според американскиот закон, авторските права на ликовите може да се задржат 95 години. Раните верзии на Мики и Мини не се единствените што ќе станат јавна сопственост во Америка во 2024 година.
Достапни се и други познати филмови, книги, музика и ликови создадени во 1928 година, како што е немата романтична комедија „Циркус“ на Чарли Чаплин, книгата „Куќата на аголот Пу“ од англискиот писател А.А. Милн, Орландо на Вирџинија Вулф и „Љубовникот на Лејди Чатерли“ од Д.Х.Лоренс.
Компанијата „Дизни“ во минатото се соочи со губење на авторските права врз оригиналните цртани филмови на компанијата. Рокот за овие верзии да станат јавна сопственост беше 1984 година, но Конгресот го продолжи за уште 20 години. На крајот од 2004 година беше донесена одлука за уште едно продолжување за 2 децении.
Напорите на „Дизни“ да ги заштити сопствените ликови влијаеле врз неофицијалното име на законот: „Закон за заштита на Мики Маус“.
Џенифер Џенкинс, директорка на центарот за проучување на јавниот домен Дјук, изјави дека одлуката е длабоко симболична и долгоочекувана пресвртница.
- Почнувајќи од 2024 година, секој ќе може слободно да ги копира, споделува и користи тие оригинални цртани филмови од 1928 година и ликовите во нив - објаснува Џенкинс.
Џек Кендал, кој е креатор на дигитални содржини и води канал за вести на „Јутјуб“ од компанијата „Дизни“, смета дека може да има обиди да се користат старите цртежи на Мики и Мини во правење хорор-филмови.
Тој потсети дека цртежот на добродушното мече Вини Пу, откако стана јавно добро, беше искористен во хорор-филмот „Крв и мед“, еден од најлошо оценетите филмови.
Портпаролот на „Дизни“ вели дека откако Мики Маус првпат се појавил во 1928 година, луѓето го поврзуваат ликот со компанијата.
- Ова нема да се промени со авторските права на „Паробродот Вили“, ниту пак ќе влијае врз помодерните верзии на Мики. Тој ќе продолжи да биде примарен глобален амбасадор на Волт Дизни во нашите приказни, атракции во забавниот парк и во други форми - велат од „Дизни“.
Фото: Screenshot/YouTube