X
 03.03.2018 Живот

Македонците Александар Андов и Александар Доневски развиваат вештачка интелигенција за Ај-би-ем (IBM)

За 3 до 5 години голем дел од апликациите што се развиваат кај нас ќе почнат да користат вештачка интелигенција во некаква форма бидејќи клиентите и пазарот ќе го диктираат тој тренд на работење, велат инженерите Андов и Доневски.

Да се биде дел од мултинационалната ИТ-компанија Ај-би-ем (IBM) и да се работи на светски проекти на оваа компанија е сон на речиси секој инженер од земјава. За двајца Македонци тоа е реалност веќе неколку години. Александар Андов и Александар Доневски се единствените Македонци кои се дел од глобалниот проект на Ај-би-ем, „Вотсон“ (Watson), кој се базира на вештачка интелигенција. Андов, кој е тим-лидер на проекти, и Доневски, кој е сениор софтвер инженер, успешно ги користат своите знаења и во соработка со инженери од целиот свет развиваат интелигентни апликации за Ај-би-ем.



- И двајцата сме вработени во ИТ-компанија со канцеларии во Скопје, во чии рамки веќе 3 години работиме за дивизијата Watson на Ај-би-ем. IBM Watson е таканаречен „когнитивен“ систем на Ај-би-ем кој се базира на вештачка интелигенција, чија идеја е да овозможи софтверска платформа преку која инженерите ќе можат да развиваат интелигентни апликации. Досега на платформата се развиени и достапни различни сервиси, како што се препознавање на слики, конверзија на говор во текст, текст во говор, процесирање на текст и мноштво други сервиси што му помагаат на компјутерот да го разбере светот околу него, а со тоа нам ни го олеснува процесот при создавање интелигентни апликации - објаснуваат Андов и Доневски.

На колку проекти за Ај-би-ем имате работено досега?

- Досега имаме работено на неколку проекти, но како најзначајни може да издвоиме два. Првиот проект, кој во себе имаше хумана димензија, беше проект за голема онколошка клиника во САД. Задачата на Watson беше да препознае видови рак врз база на симптоми, медицински наоди, лабораториски анализи, слики од магнетна резонанција и слично. Со помош на сите овие информации апликацијата препорачува третман за болеста кај пациентот. Вториот проект на кој во моментов работиме е таканаречен систем на прашања и одговори (Q&A system), каде што идејата е да се направи виртуелен правен советник кој ќе одговара на прашања во врска со легислативата во САД, Канада, Велика Британија и во ЕУ. На пример, вие како корисник може да му го поставите следното прашање на системот: „Која е процедурата за регистрација на фирма во Калифорнија?“, а тој ќе ви ја даде точната процедура без притоа вие да мора да прелистувате многу закони што ја засегаат таа постапка. Интересно е тоа што доколку системот нема доволно податоци за вас, може да поставува и потпрашања. На пример, за претходното прашање („Која е процедурата за регистрација на фирма во Калифорнија?“) системот може да го постави следното потпрашање: „Дали сте жител на САД или сте странец?“, бидејќи во тој случај процедурата би се разликувала.

Како двајца Македонци станаа дел од овој значаен проект? Што точно е вашата задача?


- Долгогодишното партнерство на нашата компанија со Ај-би-ем ни ја овозможи шансата да работиме на најзначајниот систем на реномираната компанија. По низа интервјуа и пилот-проекти конечно успеавме да ја стекнеме нивната доверба и да станеме дел од тимот. Што се однесува до работните задачи, ние активно учествуваме во создавање алгоритми, тренирање на алгоритми за вештачка интелигенција и процесирање на големо количество податоци.

Колку во Македонија се знае за вештачката интелигенција? Има ли интерес за изучување на оваа интересна и многу корисна област?

- Имаме учествувано на повеќе конференции, држејќи презентации за теми поврзани со оваа проблематика, каде што имаме впечаток дека има многу луѓе што имаат теоретски познавања и интерес за вештачката интелигенција и машинското учење, меѓутоа, ретки се тие што имаат практични познавања од оваа област.

Дали ИТ-компаниите во земјава нудат можности за изучување и усовршување на ова поле? Од каде вие ги стекнувате знаењата?

- Во Македонија ретки се компаниите што се занимаваат со оваа проблематика, а со тоа и самите софтверски инженери немаат можност подетално да се запознаат со неа.
Нашите знаења ги стекнувавме и сѐ уште ги стекнуваме преку различни тренинзи организирани во рамките на Ај-би-ем, но и преку секојдневна примена на овие технологии во компанијата каде што работиме.

Речиси сите луѓе од земјава што сакаат да работат на проекти поврзани со вештачката интелигенција го прават тоа во странство, а не во Македонија. Зошто е така, што недостига во Македонија за да се развива ова поле на истражување?

- Во моментот оваа област е привилегија само за големите играчи на пазарот, како Amazon, Google, Facebook, IBM, итн., бидејќи за да работиме со оваа проблематика, треба да имаме на располагање голем број податоци што се користат за тренирање на алгоритмите за вештачка интелигенција, што не е чест случај за нашите домашни компании. Сепак, во светот постои тренд на т.н. демократизација на вештачката интелигенција, кој чекор по чекор овозможува достапност на оваа технологија на инженерите низ светот. Наше мислење е дека за 3 до 5 години голем дел од апликациите што се развиваат кај нас ќе почнат да користат вештачка интелигенција во некаква форма бидејќи клиентите и пазарот ќе го диктираат тој тренд на работење.

Вештачката интелигенција може да се искористи во многу практични области од секојдневното живеење. Конкретно во Македонија, каде во моментов може да има најефикасна примена?

- Вештачката интелигенција може да се имплементира во секоја област. Може да се примени во медицината, во финансискиот сектор, во јавниот сектор, насекаде. На пример, во медицината може да им помогне на докторите да ги препишуваат правите терапии, во финансиските институции може да помогне во правилно проценување на ризиците, во јавниот сектор може да помогне во овозможување подобра достапност на институциите до граѓаните итн.
Подготвил: Д.Ф

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот