X
 03.03.2026 Наука

Дали луѓето што играат шах се попаметни од другите?

Играњето друштвени игри, од класичен шах до стратегии како „Монопол“, е одличен начин за активирање на мозокот. Таквите игри ги поттикнуваат концентрацијата, помнењето, критичкото размислување, решавањето проблеми и донесувањето одлуки. Дополнително, овозможуваат непосреден контакт со други луѓе.

Поради овие ментални и социјални придобивки, друштвените игри може да помогнат во одржувањето на здравјето на мозокот и во повозрасна доба. На пример, француско истражување од 2013 покажа дека лица над 65 години што редовно играат игри имаат 15 отсто помал ризик од развој на деменција. Слично, шпанско истражување од 2025 откри дека корисниците на домови за стари лица кои двапати неделно учествувале во друштвени игри покажале подобри когнитивни функции и повисок квалитет на живот. И кај децата на претшколска возраст игрите покажале позитивен ефект врз развојот на математичките и логичките вештини.

Шахот и мозочната активност


Најмногу внимание во истражувањата е посветено на шахот. Преглед на истражување од 2025 година покажа дека искусните шахисти имаат поголема активност и подобра поврзаност во делови од мозокот кои се одговорни за визуелна обработка, просторна перцепција и донесување одлуки. Шахот не е само „пресметување потези“, туку е и препознавање на конфигурации на фигури. Врвните играчи не ја анализираат секоја позиција од почеток, туку брзо ги препознаваат познатите шаблони и типични ситуации, што значи дека нивната способност за визуелно воочување структури и односи е многу поразвиена отколку кај почетниците.

Работна меморија и концентрација

Играњето шах ја развива и работната меморија, способноста краткорочно да се задржат и обработуваат информации. За време на играта, играчот мора да следи повеќе варијанти на потези, да ги проценува последиците и да планира однапред. Истражувањата покажуваат дека учениците што редовно играат шах постигнуваат подобри резултати на тестови за внимание и концентрација, а кај возрасните долгорочното играње е поврзано со поефикасно донесување одлуки под притисок на време.

Магнетната резонанција покажува дека кај искусните шахисти се подобро поврзани деловите на мозокот кои се важни за планирање и аналитичко размислување. Иако тоа не значи дека сите шахисти имаат повисок коефициент на интелигенција, редовното играње ги развива стратешкото размислување, способноста за предвидување и процена на ризик.

Дали шахот го зголемува коефициентот на интелигенција?

Метаанализи покажуваат дека шахот може да доведе до благо зголемување на резултатите на тестовите за интелигенција кај деца, особено во доменот на математички способности. Сепак, ефектот не е драматичен.

Експертите истакнуваат дека шахот не создава гении, но ја тренира мозочната способност за одредени вештини. Тој поттикнува развој на когнитивните функции, но сам по себе не гарантира натпросечна интелигенција.

Извор: n1.info.hr
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука