Во Земјата на изгрејсонцето денес живеат уште околу стотина мајстори-градинари специјализирани за црешови дрвја, кои Јапонците со почит ги нарекуваат „сакурамори“, чувари на цветот од цреша. Меѓу нив, најпознат е 97-годишниот Тоемон Сано, човекот кој својот живот го посветил на овие нежни симболи на минливоста и убавината.
Цветовите од цреша - туристички и културен симбол
Секоја пролет, милиони туристи од целиот свет пристигнуваат во Јапонија за да ја доживеат сезоната на сакура - цутењето на црешите, кое ги претвора улиците и парковите во розова бајка. Но, малкумина знаат дека токму благодарение на грижата на овие мајстори, дрвјата преживуваат со децении, па дури и со векови.
Во зелената област Укјо во Кјото се наоѓа семејната градина на Сано, тивка оаза од 1,5 хектари, каде што Тоемон и денес ја негува традицијата стара 16 генерации. Откако во 1981 година починал неговиот таткото, како што налага традицијата, Сано го зел името Тоемон и ја презел семејната компанија за уредување, основана уште во 1832 година. Со своето длабоко знаење и искуство, веќе осум децении се грижи за опстанокот на дрвјата низ Јапонија, па и пошироко, вклучувајќи го и јапонскиот парк кај седиштето на УНЕСКО во Париз.
Цвет што цути само пет дена - огледало на животната филозофија
Цветовите на црешата во јапонската култура симболизираат минливост, убавина и надеж. Традицијата на „ханами“, уживање во гледањето на цветот, се одржува секоја пролет од март до мај. Но, климатските промени сериозно ѝ се закануваат на овие цутови.
- Ако глобалното затоплување продолжи со ова темпо, ќе има делови во Јапонија каде црешите повеќе нема да цветаат - вели Сано.
На прашањето зошто Јапонците толку ги сакаат црешовите цветови, Тоемон вели: - По долга, сива и студена зима, тие ни го носат пролетното воскресение. Цветаат само пет дена, но претходно 360 дена трпат ветер и снег. Токму нивната краткотрајна, но достоинствена убавина го одразува нашето сфаќање за животот, дека и ние, ако сме трпеливи, еден ден ќе процветаме.
Семејството Сано помогнало да се спаси и ретката сорта наречена Таихаку. Британскиот ботаничар Колингвуд „Чери“ Инграм уште во 1902 година ја засакал јапонската цреша и однел 50 загрозени видови во Англија за да ги зачува. Кога во 30-тите се вратил во Јапонија и се обидел да ги пресади назад, не успеал. Тогаш побарал помош од дедото на Тоемон, кој му помогнал. Денес, десетици илјади дрвја Таихаку повторно цветаат низ Јапонија.
Мајсторот кој му се извинува на земјиштето и ги прегрнува дрвјата
Иако има речиси 98 години, Тоемон не планира да се пензионира. Сè уште собира податоци за различните видови сакура и се грижи за нивната иднина. Еден од неговите најголеми подвизи е пресадувањето на дрво од цреша од Хирошима, кое преживеало по атомската бомба, како и спасувањето на 150 години старо дрво од Јокохама, кое било осудено на сеча. Тој го преместил стеблото 100 метри подалеку, а пред да почне со копање на земјата, ѝ се извинил. Познат е и по тоа што ги прегрнува дрвјата кога ќе заврши со работа.
Животната филозофија на Тоемон, исполнета со почит, трпение и љубов кон природата, инспирира многу Јапонци. А бидејќи неговиот син веќе го следи неговиот пат, иднината на традицијата сакурамори, барем засега, е во сигурни раце.
Извор:
Putnikofer.hr
Фото: Freepik