X
 21.08.2019 Образование

Фармацевтски факултет во Скопје - 40-годишна традиција на квалитет, посветеност, високостручен и научноистражувачки наставен тим

Факултетот е високообразовна институција која е предизвик за голем број од идните студенти. Причини за тоа има многу: 40-годишна традиција, квалитет, посветеност, препознатливост, високостручен и научноистражувачки наставен тим, европски усогласени програми за студирање, можност за меѓународна размена, современи услови за студирање, мотивирачка средина за учење



Фармацевтскиот факултет во Скопје е најстара и најголема високообразовна и научна институција од областа на фармацијата во Република Северна Македонија. Основан е во 1977 година. Во текот на 40-годишната историја Фармацевтскиот факултет бележи постојан подем и развој компарабилен со најреномираните европски фармацевтски факултети.
Денес Фармацевтскиот факултет располага со вкупна површина од 3000 м2, распоредена во две згради и еден објект од времен карактер (барака). Има четири предавални или амфитеатри со капацитет од вкупно 350 седишта, 14 лаборатории со капацитет од 30 работни места по лабораторија, две училници со 30 компјутерски работни станици. Наставно-научниот кадар на факултетот го сочинуваат 32 наставници.

Фармацевтскиот факултет е член на Европската асоцијација на фармацевтските факултети (EAFP) и е прв факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ кој веќе во учебната 2001/2002 година во студиската програма воведе европски кредит трансфер-систем (ЕКТС) и во тој сегмент го приспособи едукативниот курикулум кон барањата на Европската асоцијација на факултетите по фармација.

Наставно-образовната дејност на Факултетот бележи континуиран развој, од самото основање до денес, со следење и воведување на современите трендови во фармацевтската едукација.
Денес на Фармацевтскиот факултет се активни три студиски програми во додипломска настава, и тоа:
- Интегрирана програма од прв и втор циклус студии согласно Директивите од ЕУ за едукација на лиценцирани фармацевти со звање магистер по фармација (300 ЕКТС, 10 семестри (5 години)).
- Студиска програма од прв циклус студии за стекнување звање дипломиран лабораториски биоинженер (180 ЕКТС, 6 семестри (3 години)).
- Студиска програма од прв циклус по диететика и диетотерапија (180 ЕКТС, 6 семестри (3 години)).

Академската програма за интегрирани студии од прв и втор циклус за стекнување стручно/академско звање магистер по фармација е студиска програма за едукација на високообразовен фармацевтски кадар за потребите на нашето општество. Студиската програма на УКИМ – Фармацевтскиот факултет во Скопје е програма која е подготвена во рамките на ТЕМПУС проектот JEP-18016-2003 под наслов „Реконструкција на фармацевтската едукација во Република Македонија“, работена во соработка со наставниот кадар на Факултетот за фармацевтски науки при Универзитетот во Копенхаген, Данска, и наставниот кадар од Универзитетот во Стокхолм, Шведска.



Студиската програма овозможува стекнување дефинирани знаења и вештини, и тоа:
- адекватно знаење за лековите и за супстанциите што се користат во производството
на лековите;
- адекватно знаење за фармацевтската технологија и за физичко, хемиско, биолошко и микробиолошко испитување на лековите;
- адекватно знаење за метаболизмот и за ефектите на лековите и за токсичнoст на супстанции, како и за употребата на лековите;
- адекватно знаење за евалуација на научни податоци што се однесуваат на лековите во насока да може да даде соодветна информација врз база на тоа знаење;
- адекватно знаење на законските и на другите барања што се асоцирани со фармацевтската дејност.

Професионалните активности на фармацевтите, од каде што произлегува и општествената оправданост на студиската програма, се специфични за професијата фармацевт и согласно ЕУ-директивата 2005/36/ЕС опфаќаат 7 главни сфери на професионално дејствување:
- подготвување фармацевтски форми на лековите;
- производство и испитување на лековите;
- лабораториско испитување на лековите;
- складирање, чување и дистрибуција на лековите на големо;
- подготвување, испитување, складирање и дотур на лекови во јавни аптеки;
- подготвување, испитување, складирање и раздавање лекови во болници;
- обезбедување информации и совети за лековите.

Во 2010 година на Фармацевтскиот факултет е акредитирана тригодишна студиска програма од прв циклус студии за стекнување звање дипломиран лабораториски биомедицински инженер (180 ЕКТС). Програмата е наменета за создавање лабораториско-биомедицински инженерски кадар оспособен за работа во истражувачки, дијагностички, имунолошки, микробиолошки и биохемиски и друг вид лаборатории, во фармацевтската и медицинската дејност. Европските и светските класификации на професии ја препознаваат и дефинираат професијата лабораториски биомедицински инженер како професионалец кој спроведува анализи и истражувања, планира, унапредува и развива сознанија, програми и оперативни методи за работа поврзана со лабораториската биомедицина, медицинскиот и фармацевтскиот инженеринг, терапевтскиот инженеринг, клиничкиот инженеринг, биоинформатиката, биофизиката и биомеханиката, биоматеријалите и сл.

Во 2018 година на Фармацевтскиот факултет е акредитирана и студиска програма од прв циклус по диететика и диетотерапија. Мисија на оваа програма е да се создадат професионалци со знаења и вештини за исхраната, со цел промовирање правилна исхрана на човекот и влијание врз режимот на исхраната на луѓето во насока на одржување и подобрување на здравјето за време на животниот циклус; тренирање и едукација на идните стручни кадри на полето на диететиката/диетотерапијата, науката за исхраната, здравствената безбедност на храната и на прехранбените производи, сигурност на храната, како и за глобалното здравје и целокупната исхрана; создавање професионалци кои стекнатото теоретско и практично знаење ќе можат да го применат во практиката. Програмата за дипломиран диететичар/диетотерапевт е со траење од 3 години и е базирана на европскиот систем на пренесување кредити, воспоставен со Болоњскиот процес. Со завршувањето на оваа студиска програма кандидатите ќе се стекнат со диплома за завршени студии од здравствена дејност, со што ги задоволуваат барањата на професијата здравствен работник, дефинирана со директивите на Европската Унија (ЕУ Директивата 2005/36/ЕС).



Фармацевтскиот факултет при УКИМ претставува високообразовна институција која е предизвик за голем број од идните студенти. Причини за тоа има многу: 40-годишна традиција, квалитет, посветеност, препознатливост, високостручен и научноистржувачки наставен тим, европски усогласени програми за студирање, можност за меѓународна размена, современи услови за студирање, мотивирачка средина за учење.

Студентите на Фармацевтскот факултет може да конкурираат за стипендија од фондацијата „Трајче Мукаетов“, од каде што секоја година се стипендираат 20. најдобри студенти на нашиот факултет, имаат можност преку Центарот за кариера во текот на своите студии да реализираат практиканство во реномирани фармацевтски компании и, се разбира, можност за меѓународна размена, на која посветуваме особено внимание. Мошне значаен факт е и податокот дека денес во Република Северна Македонија не постои ниту еден невработен фармацевт, а пазарот на трудот за лабораториските биоинженери во изминатите 2 години ширум ги отвори своите врати, што овозможи и овој профил на стручњаци да биде многу баран.

Професионалниот кадар што се создава во рамките на студиската програма Диететика и диетотерапија пред себе има отворени и широки можности за идно професионално дејствување, особено ако се земе предвид фактот што оваа студиска програма првпат е воведена на нашиот факултет и продуцира неопходни кадри за здравствениот систем кои досега воопшто ги немавме на овие простори.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование