X
 27.04.2020 Култура

Со милениуми жените-нуркачи во Јапонија собираат морска храна

Во древните времиња единствен начин да се собере храна и материјали потребни за живот од морето било преку нуркањето. Нуркањето денес се практикува како спорт или хоби. Но, има култури низ светот што ги задржале традициите. Јапонија е една од нив.

Ама, што во превод значи „морски жени“, се нуркачки кои заработуваат со собирање морска храна и бисери од океанот. Тие нуркаат повеќе од 10 метри под површината на водата, а може да го задржат здивот околу една минута. Историските податоци покажуваат дека оваа традиција е стара најмалку 2.000 години. Жените почесто нуркале во потрага по храна од мажите бидејќи имаат дополнителен слој масно ткиво на телото, што ги заштитува од студената вода.


Фото: Wikipedia

Традиционално, овие жени носат лесна облека на долниот дел од телото и капа. На овој начин тие полесно може да се движат во водата. Околу нивната половина се врзува јаже кое ги поврзува со брод. Кога се готови, тие го повлекуваат јажето за да им дадат знак на оние на бродот дека се подготвени за враќање.


Фото: Wikipedia

Оваа традиција се практикува во многу делови од Јапонија, иако нуркачките сега го покриваат и горниот дел од телото. Овие жени работат во повеќе смени и најчесто поминуваат два часа од денот во водата. Според правилата, тие не смеат да работат повеќе од четири часа во денот, иако порано работеле до осум часа. Многу од нуркачките работат и во позрелите години, а не е необично да се видат здрави жени во своите седумдесетти или осумдесетти години што работеле како ама-нуркачи.


Фото: Wikipedia

Девојчињата што се раѓаат во семејства кои се занимаваат со оваа работа почнуваат да тренираат од најмала возраст, а вештините ги учат од мајките или постарите жени во семејството. Тие најчесто се подготвени за работа на 14 години. Порано имало илјадници ама-нуркачи низ Јапонија, но нивниот број се намалува бидејќи помладите жени не сакаат да го работат тоа. Според анкета од 2010, има околу 2.000 ама-нуркачи во земјата.

Автор: Кошник Патовари
Извор: amusingplanet.com 
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура