Многу пред модерните детектори за лаги луѓето користеле различни методи за да ја извлечат вистината. Една од таквите методи можете да ја видите во Рим. Се работи за мермерниот релјеф на „Устата на вистината“ во базиликата „Св. Марија“. Иако е позната по својот кружен релјеф кој датира од 17 век, базиликата ја има и една од највисоките камбанарии во градот.
Според легендата, кој ќе ја стави раката во „Устата на вистината“ и ќе излаже, ќе остане без раката. Скулптурата првично се наоѓала на Пјаца дела Бока дела Верита до 1632 година, кога била преместена на надворешниот ѕид на црквата, каде што останува и денес.
На лагата ѝ се кратки нозете...
Според една од многуте легенди, маж кој немал доверба во својата сопруга ја однел пред „Устата на вистината“ за да ја тестира нејзината верност. Жената, за да се спаси, одглумила дека се онесвестува, а нејзиниот љубовник ја фатил во своите раце. Потоа таа се заколнала пред „Устата на вистината“ дека била само во прегратките на нејзиниот сопруг и човекот кој штотуку ја зграпчил – и така си ја спасила раката. Оваа атракција привлекува многу туристи кои трпеливо чекаат можност за фотографирање.
Свети Валентин
Во црквата се наоѓа и череп украсен со венец од цвеќиња, кој му се припишува на заштитникот на вљубените - Свети Валентин. Според раните извори, имало неколку светци кои го делеле тоа име, па не може со сигурност да се каже на кој од нив му припаѓал черепот. Но, и покрај ова, сè уште служи како симбол на љубов и среќни бракови.
Под главниот олтар се наоѓа крипта од осмиот век со мал олтар и простор за чување мошти и погребни урни. Други интересни елементи на црквата се средновековни фрески, а додека поминувате покрај продавницата за сувенири, ако погледнете надесно, ќе видите летечки скелет, внимателно поставен на врвот на заѕиданиот надгробен споменик.
Извор: punkufer.dnevnik.hr
Фото: Instagram