X
 11.03.2020 Наша тема

Нашинци раскажуваат за животот во карантин во Италија: Ги слушаме препораките и не паничиме

Наставата за децата е од дома - онлајн, се излегува само по потреба, работат маркетите, а пред болниците има шатори за прегледи, раскажуваат неколку Македонци што живеат во различни провинции во Италија, која целосно е под карантин

Цела Италија е во црвена зона поради коронавирусот. Затворени училишта и градинки, забранети јавни собири, посебни дозволи за да се премине во друго населено место... Каков е животот деновиве во Италија, како се справуваат жителите со изолацијата и што најмногу ги плаши? Одговор на овие прашања добивме од нашинци што живеат во различни градови и провинции во Италија, како Венето, Ливињо, Кремија...

Маркетите работат, не се носат маски



35-годишна Македонка, која со двете деца и сопругот живее во гратче во провинцијата Белуно, Венето, кое до вчера беше во жолтата зона, вели дека се обидуваат да не паничат и ги следат препораките на владата.
Венето е еден од дваесетте региони во Италија. Се наоѓа во североисточниот дел на земјата. До вчера три провинции од Венето беа во црвената зона (во кои имаше рестрикции), но од денеска сите сме во иста каша, вели нашинката. Таа ни раскажа дека движењето низ Италија од денеска е строго ограничено. Таа работи како социјален работник, но само со медицински случаи и е третирана како медицинско лице. Сите медицински лица уште пред две недели доброволно потпишале договор дека ќе бидат достапни и по работното време, ако има потреба.
- До вчера, за влез во провинција што беше во црвена зона мораше да се има специјален документ. Ваков документ добиваа само оние со работни обврски во тој дел или, пак, поради здравствени проблеми. Јас имав поради работни обврски. Денеска сум дома, па искрено не знам како ќе биде од утре, веројатно ќе добијам друг документ.


Во маркетите ги има сите намирници

Таа ни раскажа каков е животот деновиве во Венето.
- Иако е малку хаотично, нема паника меѓу народот. Лути се поради некои мерки што ги презема владата. На пример, децата не се на училиште. Иако тие не се во голем ризик, преносители се, а останаа дома и ги чуваат бабите и дедовците, за кои болеста е многу ризична. Многумина сметаат дека има многу смртни случаи поради оваа мерка.

Онлајн-настава

Нејзините деца следат настава од дома. Едното е во основно училиште. Секој ден добиваат ПДФ-документ со наставната програма што треба да ја совладаат тој ден. Пишуваат домашна, па им ја праќаат на наставниците.
- Секоја провинција има различни методи, вака е кај нас. Другото дете ми е средношколец и тие имаат онлајн-настава. На специјална апликација се приклучуваат целиот клас и наставникот. Потоа пишуваат домашна. Во нашата провинција децата се дома од 27 февруари и ќе бидат до 3 април.
Што се однесува до здравствениот систем, генерално добро е организиран - вели таа.

- Пред секоја болница има шатори, ги поставија пред две недели за да бидат безбедни сите пациенти во болниците. Ако почувствуваш симптоми, треба да се јавиш на телефонски број, па екипа доаѓа да те прегледа дома. Ако има потреба, прегледите продолжуваат во шаторите. Болните со лесна клиничка слика се праќаат дома, каде што остануваат во карантин, или одат во болница на интензивна нега. На болните во домашен карантин им се носи сѐ што треба од страна на волонтери. Впечатокот е дека сѐ е подобро организирано во помалите места. Во поголемите не е вака добро организирано - вели таа.
Супермаркетите се отворени, но нема јавни собири, концерти. Народот е лут бидејќи работат фабриките.
- Во нашето место има голема фабрика за очила, со над 5.000 вработени и нормално си работи. Затоа народот е малку скептичен околу некои мерки на владата. Еве денеска пазарев во маркет, преполн е со луѓе и никој не носи маска - вели таа.

Во болница само итни случаи

Клементина Стојановска живее во Кремија, провинција на Комо, Северна Италија. Вели дека моментално нема паника, ама ситуацијата не е многу добра.

- Училиштата, киносалите, дискотеките и музеи се затворени, а продавници, барови и ресторани се отворени од 6 до 18 часот и меѓу масите треба да има растојание од најмалку 1 метар. Болниците ги затворија пред една недела, примаат само итни случаи, но баш денеска известија дека до крајот на март ќе има систем кој ќе дава одговор дали си позитивен на коронавирусот за еден час, а да не се чекаат 6-7 часа како досега. Препорачано ни е да седиме дома, да не се носат децата во паркови, да се излегува само за итни и потребни работи, како за работа или да се испазари и никој не смее да излезе од градот каде што живее. Треба да има строга хигиена. Во секој град има полиција и добра контрола, ако сепак треба да се излезе од градот, мора да се потпише документ за кој мотив се излегува, буквално сè се контролира. Цела Италија е во црвена зона. Пред неколку дена беа откриени заболени и во затвор - ни раскажа таа.

Во Ливињо до саботата вриеше од туристи, нормално е што луѓето се загрижени

Ванчо Стојановски од Македонска Каменица 18 години живее во Ливињо, мало гратче во северниот дел на Италија, во кое се наоѓа и познатиот ски-центар. Тој работи како шеф на ресторан токму на врвот на ски-центарот. И неговиот ресторан е затворен поради коронавирусот.
- Ситуацијата не е толку лоша, но заради безбедност, ги затворија ски-центрите и рестораните, продавниците, бутиците можат да работат до 18 часот. Така ќе биде до 3 април. Паника меѓу народот нема, но сезоната заврши предвреме бидејќи сите туристички агенции ги откажаа резервациите. Хотелите и повеќето ресторани се затворени. Моментално во Ливињо нема ниту еден заболен од коронавирусот - ни раскажа тој.

Маја Митевска-Васевски со сопругот и двете деца живее во Ливињо, дел од Ломбардија, која засега е најзагрозена. Нејзиниот сопруг секојдневно патува на работа во друг град, а таа е дома со децата. Излегува само кога мора.

- Препораката е да не се излегува непотребно и ние ја почитуваме. Излегувам во итни случаи и да испазарувам намирници за дома, т.е. она што е најпотребно. Кај нас продавниците работат, има продукти, но многу брзо се празнат рафтовите. Лична е одлуката дали и колку ќе се заштитиш при излегување. Јас лично не ставам маска, но кога ќе се вратам дома задолжително правам дезинфекција, особено на рацете, лицето и на усната празнина - вели Маја.

Лекови има, маски нема

Градинките и училиштата не работат, па дома, како што објаснува, знае да е напорно со децата, кои нормално, сакаат да прошетаат. Препораките се луѓето да не се мешаат меѓу себе.
Бројката на заразени секојдневно расте и луѓето таму се сериозно загрижени.
- Нормално е луѓето да се загрижени. Ова е туристичко место и до саботата имаше голема фреквенција на луѓе што доаѓаат од секаде - раскажува Маја.

Граѓаните имаат препорака да не се појавуваат на лекар доколку тоа не е неопходно и ја почитуваат.
- Ако имаме потреба за лекар, прво треба да се јавам телефонски и да разговарам со медицински лица. Ако е неопходно, ми даваат термин за преглед, а ако не е, совети како да се лекуваме и што да преземеме - раскажува Маја.
Лекови во аптеките има, средствата за дезинфекција тешко се наоѓаат, а маски нема речиси еден месец.
Таа вели дека луѓето се многу добро информирани како да се заштитат и како да постапуваат ако почувствуваат некои симптоми.
- Наше е да одлучиме колку и дали ќе ги почитуваме - вели Маја.

Има родители што имаат голем проблем околу тоа кој да им ги чува децата.
- Ако немаат кој да им ги чува, а одат на работа, мора да плаќаат за дадилка. И прашање е дали ќе најдат, а дадилките се организирани да чуваат по 3-4 деца во исто време. За цената, скапо е, ама мора да се снаоѓаат. Но сега, со оглед на тоа што речиси сѐ е затворено, има повеќе родители што седат дома - вели нашата соговорничка.

Подготвил: Р.Ф.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема