X
 03.06.2022 Живот

Средношколки креираат коктел-фустани заедно со модни дизајнери, а ќе ги носат познати дами од Битола

Креативен ден на 4 јуни во Офицерскиот дом во Битола со модна ревија на коктел-фустани, кои ќе ги откупат дамите што ќе ги носат, а парите ќе се донираат за текстилната струка во СОУ „Таки Даскало“ од Битола

Близначките Ивана и Тодора Велковски, ученички од текстилно-кожарската струка во Средното општинско училиште „Таки Даскало“ во Битола, се дел од тимот што креира коктел-фустани што ќе ги носат познати битолчанки на уникатната модна ревија на 4 јуни во Офицерскиот дом во Битола. Креациите се голем предизвик за нив зашто соработуваат со познати модни креатори од земјава, а нивна желба е да продолжат да работат во модната индустрија. Сестрите имаат голем талент за цртање, а Тодора лани освои трета награда на меѓународен натпревар во Франција во конкуренција од над 200 учесници.

- Избравме ткаенини во црна и зелена боја за коктел-фустан кој ќе биде краток зашто сметаме дека за таква пригода посоодветни се кратките тоалети. Во овие четири средношколски години научивме многу од потребните вештини за да изработуваме облека, цртање, шиење, моделирање... Тоа е добра основа за да продолжиме да студираме на Факултетот за моден дизајн - велат сестрите Велковски.



Модата ќе ги обедини образованието и бизнис-секторот

Ревијата има хуманитарен карактер зашто моделите што ќе ги носат познатите битолчанки, ќе ги откупат, а парите ќе бидат наменети за развој на текстилно-кожарската струка. Овој несекојдневен настан го организираат СОУ „Таки Даскало“ и Продукцијата „Божиловиќ“ со цел промоција на стручните училишта кои овозможуваат да се поттикне претприемништвото, а младите да бидат активни во заедницата создавајќи свои бизниси.

- Наш медиум ќе биде модата, ден кога ќе се промовира креативноста изразена од младите средношколци, во нив гледаме доста креативен потенцијал. Настанот е линк меѓу образовниот и бизнис-секторот, преку кој на младите им потврдиме дека она што го изучуваат има применлива вредност во заедницата. Можеби затоа е и некаков тренд стручните училишта повторно да се во фокусот на внимание на младите - вели Весна Божиловиќ, продуцент и проект-менаџер.



Расте бројот на запишани ученици во текстилно-кожарската струка

На текстилно-кожарската струка до пред три години имаше тројца запишани средношколци во прва година, а на последниот упис дваесет. Интересот расте , па се запишуваат ученици од Кавадарци, Росоман и од други општини.

- Сакам да бидам модна креаторка, да станам позната на некој начин. Наставата ни овозможува да ја искажеме нашата креативност, има многу практична работа, а професорите нѐ вклучуваат во многу проекти - рече Марита Василова од Кавадарци.



Учениците ги совладуваат и рачните изработки со кои ги облагородуваат своите модели.

- Последните неколку години интензивно работиме да го смениме мислењето дека струката претставува само шиење на машина, туку дека учениците се стекнуваат и со вештини за дизајнирање сопствени модели, колекции, нивна техничка и конструкциска подготовка и изработка. Со реформираните програми се опфатени и техники на рачна изработка, како везење, плетење, ткаење, боење и печатење на текстилни материјали и ги оспособуваме со тие техники на сопствените дизајни да им дадат уникатност - рече Живка Танушева-Ицановска, професорка по текстилно-стручни премети.

Во 20 век Битола ја заменила „ала турката“ со „ала франга“

Модната ревија ќе биде промоција на Битола, град препознатлив по модното пулсирање.



- Со ова се промовира и Битола, која отсекогаш била град на модата. Уште на почетокот на 20 век кога на цел Балкан модата беше „ала турка“ под влијание на Турците, битолчани ја прифатија „ала франгата“ под дејство на конзулите. Сакаме да ја издигнеме Битола на ниво како што беше, град на модата, традицијата, конзулите и да го претставиме нашето училиште како место каде што ги учиме учениците за модата - рече Анита Стефановска, професорка по текстилно-стручни предмети.

Директорот на „Таки Даскало“, Ристо Грујовски, вели дека училиштето се залага да прерасне во гимназиско-стручен регионален центар. Покрај гимназиското образование, застапено со билингвалната паралелка и општата гимназија, имаат и повеќе стручни насоки.

- Посебно би ја истакнал текстилно-кожарската струка каде што последните години имаме поголем број заинтересирани деветтоодделенци за упис, со целосно залагање на вработените, кои се висококвалитетен наставен кадар, се стекнуваат со знаења од моден дизајн и оние што ќе го завршат училиштето, стануваат препознатливи на пазарот на трудот - вели Грујовски.
Ова е едно од најголемите средни училишта во земјава, обезбедува образование за над 700 ученици од Југозападниот Регион.




Фото: приватна архива
Подготвил: Жанета Здравковска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот