X
 03.06.2025 Живот

Брисел во 2021 година ја ограничи брзината на 30 км/ч: Какви резултати дава таа мерка?

Во 2021 година Брисел воведе општо ограничување на брзината од 30 км/ч. Пет години подоцна, оваа мерка сè уште има позитивно влијание врз брзината на сообраќајот, како и врз бројот и сериозноста на сообраќајните несреќи.

Брисел сака да ја постигне таканаречената „Визија нула“, чија цел е до 2030 година на неговите патишта да нема загинати лица, а ограничувањето на брзината од 30 км/ч се смета за „клучен столб“ на таа стратегија, според зборовите на министерката за сообраќај на Брисел, Елке ван ден Брандт.

- Пет години подоцна, оваа мерка, заедно со десетици други што ги спроведовме, ни овозможува да негуваме амбиција со која ќе го достигнеме нивото на Осло или Хелсинки. Сепак, има уште работа, а пресудна ќе биде наредната година - вели таа нагласувајќи дека сака Брисел да стане град во кој секој родител ќе може да го пушти своето дете самостојно да оди на училиште, да трча и да биде целосно безбедно.

Просечни брзини

„Браселс мобилити“ од ноември 2020 година спроведува годишни мерења на брзината на 80 локации во главниот град. Камерите се дискретни и никогаш не се поставуваат на места каде што се вршат контроли на брзината, за да се избегне искривена слика, бидејќи возачите обично забавуваат кога ќе забележат камера.

По воведувањето на ограничувањето од 30 км/ч во целиот главен град, забележан е јасен пад на просечната брзина на сите патишта, што покажува дека возачите сè повеќе го почитуваат ограничувањето.

Ниските брзини се забележуваат во сите делови од денот, вклучително и навечер, што значи дека не се резултат на сообраќаен метеж. Исто така, новите ограничувања не предизвикале подолго времетраење на патувањата.

Политика за безбедност во сообраќајот во Брисел

Политиката за безбедност во сообраќајот во Брисел се темели на три столба: позитивни кампањи за подигнување на свеста за почитување на сообраќајните правила и ризиците, инфраструктурни мерки кои поттикнуваат побавно возење и јасност во сообраќајот, и контроли на брзината на чувствителни локации.

Комбинацијата од овие три фактори веќе спасила многу животи: во текот на 2023 година биле забележани шест смртни случаи во сообраќајот, а во 2024 десет. Иако од „Браселс мобилити“ истакнуваат дека и една смрт е премногу, овие бројки се значително пониски во споредба со 23 смртни случаи во 2019 година, пред воведувањето на ограничувањето.

Дополнителна анализа покажува дека во 2024 година прекумерната брзина не играла улога во ниту една од смртоносните несреќи.

Наскоро нови камери за мерење на брзината


Бидејќи контролата на брзината сè уште е клучна, полицијата континуирано спроведува различни видови проверки. Локациите за тие проверки никогаш не се случајни: се избираат таму каде што често се вози брзо, каде што има чувствителни точки (како што се зони околу училишта со многу пешаци) или каде што ограничувањето е повисоко од 30 км/ч.

Локациите на сите поставени камери за мерење на брзината и контроли можат да се најдат на мапа.

Некои камери не ја следат само брзината, туку можат да се користат и за казнување возачи што поминуваат на црвено светло.

Извор: n1info.hr
Фото: Wikimedia Commons
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот