Повеќето луѓе обично спијат од седум до девет часа секоја ноќ. Но сега науката вели дека некои луѓе може да функционираат со само четири часа сон, чувствувајќи се одморени и подготвени да се соочат со предизвиците на денот.
Ова звучи како супермоќ, а за некои среќници е реалност.
Истражувачите долго време биле заинтересирани за луѓето што природно спијат кратко. Неодамнешно истражување открило еден од генетските фактори што придонесуваат за оваа способност.
Универзитетот на Калифорнија идентификувал специфична мутација на генот наречен „SIK3-N783Y“.
- Идентификувана е мутација кај човек што прикажува природно кратко траење на сонот. Моделот на глодач со оваа хомологна мутација демонстрира намалено траење на сонот - пишуваат авторите на истражувањето.
За да откријат што точно прави оваа мутација на генот, истражувачите создале глодачи со истата мутација „SIK3-N783Y“.
Резултатите биле интересни: слично на луѓето со оваа мутација, глодачите со изменета мутација спиеле значително помалку во споредба со нормалните глодачи - околу 31 минута помалку секој ден. Дури и по период на недостиг на сон, тие се враќале со уште помалку сон, околу 54 минути помалку.
Истражувањата покажале дека глодачите обично спијат 12 часа дневно, што е многу повеќе отколку што спијат луѓето.
Скенирањата на мозокот на глодачите покажале дека протеините од мутираниот ген биле активни на врските помеѓу мозочните клетки (синапсите). Бидејќи SIK3 произведува протеин киназа што сигнализира за други протеини, ова сигнализирање веројатно влијае врз тоа колку сон ни е потребен.
Недостигот на сон може да има негативни последици како замор, заборавеност и зголемени проблеми со срцето.
Додека повеќето возрасни лица имаат потреба од седум до девет часа сон, оние луѓе што природно спијат пократко функционираат добро и со само четири до шест часа сон и дури „се чувствуваат полошо“ ако спијат подолго.
Но, зошто помалку сон не е штетен за овие луѓе?
Еден од авторите на истражувањето, д-р Јинг-Хуи Фу, сугерира дека нивните тела можеби се поефикасни во обновувачките процеси што се случуваат за време на сонот.
- Сите функции што нашето тело ги извршува додека спиеме, овие луѓе можат да ги извршуваат на повисоко ниво - вели Фу.
Разбирањето на генетиката на луѓето кои природно спијат кратко може да има значајни импликации.
Научниците се надеваат дека со сфаќањето на овие генетски механизми, ќе можат да развијат подобри третмани за милиони луѓе што се борат со нарушувања на сонот.
Извор:
Interestingengineering.com
Фото: Freepik